Страшо АНГЕЛОВСКИ
Последниве денови сме сведоци на грчевити обиди на големите европски сили, потписничките на договорот од Букурешт, одново, овојпат и дефинитивно, да го затворат македонското прашање. Да го затворат со целосно бришење на македонското постоење, на македонското име, на македонската историја, на македонскиот јазик. Големите европски сили, организирани во хитлеровиот сон – европската наддржава, наречена Европска Унија. За жал, овојпат, за разлика од 1913-та, потпомогнати од политичките партии на нашите сограѓани Албанци и од грст антимакедонски евроатлантски платеници насилно и неуставно распоредени на владеачките функции во државава, грст платени квазиновинари и, со странски пари преплатени невладини мршојадци, настрвени на македонското живо ткиво.
Тие и таквите, за да можат да ја реализираат својата гнасна антицивилизациска намера против македонскиот народ, веќе со децении ја држат Република Македонија во позиција на уценета и понижена држава, користејќи ги официјалните големодржавни политики на Софија и Атина како вековно докажана алатка.
БАКНЕЖОТ НА ЈУДА, ЗА НАС, МАКЕДОНЦИТЕ
Најпрво од Париз и Лондон, преку Брисел, со години ја наметнуваат тезата дека за Република Македонија не постои друга алтернатива освен Европската Унија и дека се’ друго претставува проруска или прокинеска антиевропска, антиевроатлантска и антидемократска позиција.
Потоа, платените политичари, новинари и невладини мршојадци, посебно последниве неколку години, ја повторуваат оваа теза до изнемоштеност, за да сите кои изразат и мал сомнеж во нејзината исправност бидат прогласени за вљубеници во “сатаната“ Путин, во рускиот “ѕверски“ режим, во кинескиот “комунизам“…
Како и пред референдумското изјаснување во 2018-та, со лични посети ни испраќаат пораки полни со лаги, дволичност и лицемерие, пораки за утеха на оној кого го испраќаат во нивниот изум, “коморите за туширање“ – македонскиот народ.
Па, преку политичките партии на македонските албанци, подмолно испраќаат пораки дека доколку не им помогнеме во сопственото самоукинување со слепа послушност, ќе ни предизвикаат меѓуетничка војна, слична на онаа што ни ја предизвикаа во 2001-та.
И конечно, последниве денови, од сите можни страни ни сервираат антибугарска хистерија, за да го насочат вниманието на македонската јавност кон “клетите Бугари“, а се’ со цел да ги сокријат вистинските виновници – големите европски сили организирани во хитлеровиот сон, европската наддржава и, домашните предавници. Оние кои како Јуда, не’ целиваат пред да не’ предадат и да не’ распнат на крст.
ДА СЕ НАСОЧИМЕ КОН ВИСТИНСКИТЕ НЕПРИЈАТЕЛИ
И не дека официјалната бугарска политика заврши со сонувањето на својот санстефански сон, и не дека ја промени својата позиција кон македонското прашање, но, токму затоа, нема ништо ново во официјалните бугарски барања кои се преточени во “понудата“ на Макрон. Токму затоа треба да сфатиме дека во деновиве кога со прифаќање на “францускиот“ предлог треба да се самоукинеме, многу вешто енергијата на македонскиот народ не се насочува кон вистинскиот виновник, ЕУ, туку кон “дежурниот“ непријател, бугарската нација. Па, да се запрашаме, зошто минативе неколку години не се создаваше ваква антибугарска хистерија, кога бугарската позиција еве веќе со години не е променета? Зошто за веќе постојните бугарски барања токму овие денови се крена невидена прашина, а не се отвораа со години на ред за да се разговара за нив?
Зошто токму сега се појавија илјадници поддржувачи на договорот од Преспа, кој е темелното зло за македонскиот народ и македонската држава, се појавија стотици новинари блиски до СДСМ, стотици “интелектуалци“, пленумџии, гушкачи на трговски центри, кои го поздравуваа тој предавнички договор и со лаги и измами агитираа за негово потпишување, за денес да бидат најгласни против “бугарските барања“?
Зошто токму тие се најгласни не во одбрана на македонските национални интереси, туку во ширењето антибугарска хистерија? Зошто се појавуваат редица “умни“ глави со хермафродитни тврдења од типот “да за европеизација, не за бугаризација“?
Одговорот е толку едноставен што самиот ви се понудува. Прво, ќе повторам, за да се оттргне енергијата на отпорот од вистинскиот виновник, големите европски сили организирани во европската наддржава и, да се сочува најпогубната теза дека остануваме цврсто на патот кон ЕУ, дека ги прифаќаме европските уцени, само не ја прифаќаме “бугаризацијата“.
ИТНО ЗАМРЗНУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО ЗА ЕУ-ИНТЕГРАЦИИ
Затоа, здравиот разум наложува да се впери прстот во вистинскиот непријател. Да се каже вистината за да може да се најде решението. Имено, големите европски сили, потписничките на договорот од Букурешт, денес организирани во европската наддржава, ЕУ, криејќи се зад својата лажна намера за прием на Република Македонија во нивното “елитно“ и “демократско“ друштво, најпрво започнаа со реализација на мегали идејата на официјална Атина и Вселенската патријаршија (грчката црква), за да сега македонскиот воз го насочат преку Сан Стефано кон Брисел. Воз, управуван од целата антимакедонска збиротина што живее во државава.
Токму затоа, целта на протестите на македонскиот народ треба да биде сопирање на забревтаниот воз кој ита кон Сан Стефано, исфрлање на антимакедонската збиротина од него и формирање Влада која управувајќи го возот, ќе побара итно замрзнување на македонското барање за вакви антимакедонски, антицивилизациски и недостоинствени европски интеграции.
Доколку најитно не сфатиме дека нашиот вистински непријател е раскомотен во Брисел, за жал, Македонија е осудена на пропаст. Ќе си извикуваме антибугарски пароли и со нив на устите ќе се самоизбришеме.
На крајот, во пет збора – ваквата Европска Унија е нашиот непријател. Појасно здравје.
(авторот е претседател на претседател на МААК)