Страшо Ангеловски

Поминаа дваесеттина месеци откако насилно и незаконски формираното парламентарно мнозинство инсталира своја, од мнозинството од граѓаните, отуѓена Влада. Поминаа дваесеттина месеци, а од ветувањата на оваа инсталирана власт, не е исполнето речиси ништо, или, поточно, исполнето е укинувањето на радиодифузната такса и уривањето на дел од оградата пред зградата на Владата. И, да не заборавиме, изиграни се неколку чочеци при пуштањето во употреба на објекти изградени од минатата власт.

Сепак, кога еден ден ќе ја мериме успешноста на оваа инсталирана Влада, како критериум нема да го земаме ниту материјално изграденото од неа, зашто ќе го нема, ниту духовно надграденото, зашто и него ќе го нема, туку, единствено успешноста во изградбата на “едно општество за сите“, како нејзино главно ветување.

И, токму тука оваа Влада е исклучително успешна, токму тука ја покажува целата своја посветеност, вештина и знаење. Па така, наместо едно, за ова кусо време, оваа Влада успеа да изгради дури две “општества за сите“.  Нормално, едно за себе, за своите министри, пратеници, функционери и најактивни членови, за нивните сестри, браќа, татковци и мајки, за нивните стрини, вујни и тетки, за нивните баџанаци, јатрви и золви, за нивните фризерки и шминкерки, за нивните љубовници и куртизани. Другото, пак, за сите неблагодарници кои не можат да ја почувствуваат просечната плата од 500 евра која ја добиват, а не знаат дека ја добиваат, за сите кои не можат да ги видат најголемите инвестиции во историјата на државава, кои се тука, ама не се гледаат, со еден збор, за сите кои не се во нивниот круг на партиски активисти, роднини, пријатели, швалери и швалерки.

Едно општество за амнестираните обвинети за масакрот кај Смилковско Езеро, а друго за дедото кој ја повлече госпоѓата Шеќеринска за коса и е осуден на 4 години затворска казна. Едно општество за пратеници, кои според јавното искажување на Зоран Заев биле амнестирани со една и единствена цел  – да гласаат за промена на името и идентитетот на македонската држава и народ, а друго за сите кои на кој било начин се спротивставија токму на тој чин. Едно општество за сите кои со задоволство се именуваат како граѓани на северна Македонија, друго за сите кои се уште се и ќе останат достоинствени и горди Македонци. Едно општество во кое обвинителите добиваат плата од 211 илјади денари, а друго во кое неправедно обвинетите добиват 211 години затворска казна. Едно општество, розово, другото црно, едно општество на среќни тендерџии, другото, општество на несреќни граѓани. И, за жал, вака можеме да редиме до недоглед. Останува на сознанијата на читателите да ја продолжат оваа низа, низа на две “општества за сите“, едното, “високо“, или општество за одбраните, другото, длабоко, во калта во која се втурнати сите граѓани на Република Македонија.

И, мораме да признаеме дека, само во едно се сосема во право. Дека во нивното “општество за сите“ не е битна етничката припадност, дека има место и за Македонци и за Албанци. И, така е. Во нивното, во првото, во “високото општество за сите“, има место и за пратениците, министрите, функционерите и најактивните членови на СДСМ и ДУИ, без разлика на етничката припадност. Во нивното “високо општество за сите“ има место и за сите сестри, браќа, татковци и мајки, за сите синови и ќерки, за сите стрини, тетки, вујковци, кумови и сватови, за сите баџанаци, золви и јатрви, за сите љубовници и куртизани на функционерите на СДСМ и ДУИ, без разлика на нивната етничка припадност.

Она што преку своите розови очила не можатда го видат, е фактот дека со ваквиот свој нечовечки однос, успеаја да го создадат и второто “општество за сите“, во кое, во калта на секојдневните понижувања ги втурнаа сите останати граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната етничка припадност. Го создадоа второто “општество за сите“, во кое како во трло ги втераа сите оние кои не можат да врзат крај со крај, сите кои не знаат како да ги наранат, облечат и школуваат своите деца, сите на кои сиромаштијата, заедно со извршителите, им чука на врата. Сите, за кои секојдневието стана пекол, без разлика на нивната етничка припадност. Зашто, гладното стомаче на малото Македонче, на малото Албанче, на малото Ромче, Турче, Бошњаче… кркори исто. Зашто, солзите на малите дечиња од студот, заради скинатите обувки, течат исто низ малите обравчиња, без разлика на нивната етничка припадност. Зашто мајките Македонки, Албанки, Ромки, Србинки… плачат исто над несреќната иднина  што ги очекува нивните рожби. Создадоа второ “општество за сите“ сиромашни, онеправдани, поттурнати, понижени без разлика на нивната етничка припадност. Второ “општество за сите“ сиромашни, онеправдани, поттурнати, понижени Македонци, Албанци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи, Турци, за сите граѓани кои не се ниту стрини, ниту вујни, ниту кумови, ниту сватови, ниту баџанаци, ниту швалери и швалерки на некој од  врвот на СДСМ и ДУИ.

И бидејќи она второто, “општеството за сите“ осиромашени, онеправдани, поттурнати и понижени граѓани без ралика на нивната етничка припадност, е далеку, далеку помногубројно, веќе на наредниве претседателски избори, ќе ја казни насилната и арогантна власт на СДСМ и ДУИ.

Доаѓа денот кога гладните стомачиња на нашите деца, кога солзите во очите на несреќните мајки, кога плускавците на рацете на измачените татковци нема да говорат ниту на македонски, ниту на албански, ниту на ромски, на бошњачки, на српски, на турски… Доаѓа денот кога сите тие ќе проговорат на универзалниот јазик на нанесената неправда, на осиромашеното семејство, на неизвесната иднина, јазикот на огромното незадоволство од оваа отуѓена и арогантна власт. Доаѓа денот кога со победата на претседателските избори, опозицијата ќе ја започне демонтажата на лажното “општество за сите“ тетки, стрини, кумови, баџанаци, швалери и швалерки и ќе ја започне изградбата на вистинско, исполнето со надеж, едно општество за сите, кои без разлика на својата етничка припадност, посакуваат единствено достоинствен живот за себе, своето семејство, своите соседи, своите сограѓани. Ним, на таквите луѓе, им припаѓа иднината. И,токму тие, таквите, навистина ја заслужуваат.

(авторот е претседател на МААК)