Страшо АНГЕЛОВСКИ

За да стасаме до денешната ситуација во која Република Македонија, испрајќајќи оружје на украинскиот режим, е во необјавена војна со Руската Федерација, кога е се’ поблизу да биде соучесник во геноцидот врз палестинскиот народ во Газа, кога постојат реални изгледи да им објави војна на Либан, Јемен, Иран, кога веќе сме учесници во економската, а некоја година не дели од нашето учество во вооружената војна со Кина… мораме да се вратиме 75 години наназад. Да се вратиме во 1949 година кога беше формирано НАТО и да објасниме некои заблуди кои, за жал, се’ уште егзистираат.

Откако, за прв пат, американските, канадските и британските трупи, во 1943 година се истоварија на Сицилија, започнува американскиот обид за потчинување на Европа во нивни интерес и за нивни потреби. Продолжува со нивното истоварување во Нормандија во јуни 1944 година и итање, до крајот на Втората светска војна, нивните трупи да стасаат што подлабоко на европска територија, претставено како ослободување на европските држави од нацизмот.

Дури подоцна ќе се видат нивните вистински намери, кои, всушност, претставуваат “мека окупација“ на дел, а после 1990 година и остатокот од Европа, преку распоредување американски војници во американски воени бази во “ослободените“ држави. Војници и бази, кои до денес, 80 години подоцна, се’ уште се наоѓаат таму, а бројот на базите и војниците постојано се зголемува.

ГОЛЕМАТА ЛАГА ЗА ФОРМИРАЊЕТО НА НАТО

Со договорот од Брисел, од 1948 година, потпишан од Белгија, Холандија, Луксембург, Франција и Обединетото Кралство, се формира таканаречената Берлинска блокада, како западноевропски одбрамбен сојуз. Согледувајќи огромни придобивки за себе, тогашната американска администрација, брзо – брзо, привлекувајќи уште неколку европски држави како Португалија, Италија, Норвешка, Данска и Исланд и, својот вечен следбеник, Канада, веќе идната година, 1949-та, со договорот од  Вашингтон, го формира НАТО и, уште во зачеток, ја уништува идејата за европски одбрамбен сојуз и европска одбрамбена архитектура без туѓа доминација.

Со тоа, според зборовите на Хастингс Исмеј, првиот генерален секретар на НАТО, се создала организација која, под раководство на САД, ќе спроведува одбрана од СССР и, што е уште поважно, Германија ќе ја држи потчинета. Подоцна, низ годините што следат, формирањето на НАТО во 1949-та, ќе биде прикажувано како потреба за спротивставување на Варшавскиот пакт, што претставува ноторна лага, бидејќи Варшавскиот пакт е формиран дури во 1955 година, односно 6 години подоцна.

Со формирањето на НАТО, како одбрамбен сојуз, што ја претставува втората голема лага, не само што Германија беше ставена во потчинетост, туку САД ја легализираа меката окупација на европските држави во кои имаа сместено свои војници во своите бази, со лагата дека сега се тоа заеднички воени бази на сите членки на алијансата.

Во 1979 година, користејќи го НАТО како покритие, САД инсталираа свои ракети Першинг на територијата на Европа, со што ја започнаа милитаризацијата на европскиот континент заради своите хегемонистички аспирации, користејќи ја лагата дека тоа го прават заради европската безбедност.

Од 1990 година, САД го започнуваат ширењето на НАТО кон границите на Руската Федерација, иако после германското обединување и автоматскиот влез на Источна Германија во алијансата, ветиле дека тоа нема да го сторат, што, се покажува, претставува уште една голема лага.

Во 1994 година, НАТО изведува своја прва агресија во БиХ, а во 1999 и агресијата врз тогашна СР Југославија, бомбардирајќи странски амбасади, медиумски куќи, железнички композиции, училишта и градинки, со осиромашен ураниум, со што, дефинитивно се разобличува лагата дека НАТО е одбрамбена организација.

Тоа е таа организација изградена врз постојани лаги заради остварување сопствени интереси.

КОГА ДРУГ ТИ ГИ ОПРЕДЕЛУВА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ

Токму во таа 1999 година, кога заради нашите НАТО аспирации, Република Македонија го отстапи своето небо и територија за воената агресија на НАТО врз суверената европска држава СР Југославија, на македонскиот народ и македонската држава, за прв пат, некој однадвор, заради негови потреби и интереси им го определи непријателот.

Во 2003-та, тоа беше уште поизразено, кога Република Македонија дури и со свои војници учествуваше во нелегалната агресија врз Ирак, иницирана со бесрамната лага на британските тајни служби и тогашниот британски премиер Тони Блер, дека Ирак поседува оружје за масовно уништување. Тогаш, повторно некој од надвор, на македонскиот народ и македонската држава им определи непријател – ирачката држава и невините ирачки цивилни жртви.

Денес, по трет пат, овојпат како “рамноправни“ членки на НАТО, испрајќајќи ја петтата по големина воена помош на украинскиот режим од сите држави членки (процентуално, според бројот на жители), замолчени пред ционистичкиот геноцид во Газа, прифаќајќи го израелското ракетирање на Либан, убиствата на иранските политички и воени челници и, веќе најавеното ракетирање на иранските нуклеарни постројки и нафтени капацитети, како неминовно, бидејќи американските стратези така зборуваат, македонскиот народ и македонската држава добиваат непријатели наметнати однадвор. Тоа се Русија, Палестина, Либан, Иран…

И, можеби луѓето ќе заборават, можеби нема да се сеќаваат или знаат, но, за жал, историјата, како и секогаш, ќе запише и ќе запамети кој, кога, на која страна се наоѓал. Доброволно или под принуда, сеедно.

Конечно, доаѓаме до она што денес се бара од Република Македонија. Европската Унија, како НАТО окупирана зона, од нас бара итна реализација на коридорот 8, односно поврзување на пристаништето во Драч, во Албанија, со пристаништето Бургас, во Бугарија. Поврзување со железничка пруга и автопат, според НАТО стандардите. Такви автопати, последниве неколку години, веќе се градат, или постојните се доградуваат, според НАТО стандардите, во државите од Источна Европа, кои гравитираат кон Русија. Ова се работи по барање од САД, за да може американското оружје брзо и без препреки да се движи и распоредува на истокот од европскиот континент.

Изградбата на коридорот 8, според НАТО стандарди, Република Македонија ќе ја вброи во транзитните земји за допремување американско нуклеарно оружје од Италија до Бугарија и Романија, каде ќе биде распоредено, заради употреба во евентуална Трета светска војна. Со тоа, државава може да стане легитимна мета во евентуалната апокалиптична разврска.

Со тоа, овојпат, на најопасен начин, на македонската држава и македонскиот народ, повторно однадвор им се определува непријателот. За жал, овојпат, тоа не се невините дечиња и невините жртви од СР Југославија, Ирак, Сирија, Газа… овојпат, тоа е нуклеарна велесила подготвена да го брани својот суверенитет и своето постоење.

Ете затоа, МААК, од своето формирање до денес, се залага за неутрална македонска држава, држава која сама ќе ги определува своите интереси, своите пријатели и своите непријатели.

(авторот е претседател на МААК)