Страшо АНГЕЛОВСКИ

Оние повозрасните ќе се сетат, а помладите можат да прочитаат, за перестројката што на почетокот на деведесеттите години од минатиот век ја воведе тогашниот лидер на СССР, Михаил Горбачов. Перестројката значеше “гласност“ во борбата против дотогашното корумпирано марксистичко општество на истокот, наречено комунизам и, доведе до распад на Советскиот Сојуз и распуштање на Варшавскиот блок.

Распадот беше плод на неиздржливоста на наметнатиот марксистички систем на владеење на корумпираните малцински “елити“, кои себе си се нарекуваа “авангарда на пролетеријатот“ и кои ги уживаа сите привилегии, наспроти бедата на мнозинството; беше плод на систем во кој не смееше да се има поинакво мислење од официјалното; систем во кој беше забранета слободата на говорот и беше воведена цензура; систем во кој раководствата беа целосно отуѓени од сопствените народи; беше плод на желбата на државите членки да си го повратат суверенитетот узурпиран од наддржавата СССР, но, конечно и, сознанието во врвот на Руската Федерација, како “хегемон“, дека доколку не се ослободи од баластот наречен СССР и Варшавски пакт, ќе пропадне заедно со нив, бидејќи трошоците за нивно одржување се поголеми од бенефитот кој го добива…

Со тоа, заврши времето на биполарниот светски поредок, воспоставен заради стравот од можна нуклеарна војна, кој со децении егзистираше како “студена војна“ меѓу двете светски сили, САД и СССР и, нивните воени организации, НАТО и Варшавскиот пакт. Светот здивна мислејќи дека опасноста од нуклеарна катастрофа е минато, а воведената нерамнотежа на силите, после распадот на Варшавскиот пакт и опстанокот на НАТО, овозможи воспоставување униполарен либерален светски поредок од страна на САД, кој со НАТО моќта в раце, се постави како светски полицаец кој ги диктира и контролира политичките случувања на сите светски меридијани.

Корумпираните и, отуѓени од сопствениот народ, комунистички раководства од државите на распуштениот пакт, иако збунети и затекнати, се обидоа да го зачуваат веќе мртвиот корумпиран систем, па многумина од нив мораа да бидат урнати со народни револуции, па дури и физички ликвидации, како онаа на семејството Чаушеску во Романија.

ЛИБЕРАЛНИОТ КОРУМПИРАН СИСТЕМ И НЕГОВИОТ РАСПАД

Денес, 35 години подоцна, Доналд Трамп, лидерот на САД, по примерот на Горбачов, ја спроведува својата “перестројка“. “Перестројка“ која претставува гласност во неговата борба против корумпираното марксистичко општество на западот, наречено либерализам и, која се заканува со распад на ЕУ и распуштање на НАТО.

Распадот, кој е на повидок, ќе претставува плод на отпорот кон наметнатиот марксистички систем на владеење на “либералните елити“ кои ги уживаат сите привилегии, наспроти мнозинството чиј глас не се слуша; ќе биде плод на еден систем во кој никој не смее да има поинакво мислење од официјалното; систем во кој е забранета слободата на говорот и се инсталирани цензори – “проверувачи на факти“ и “вистиномери“; систем во кој раководствата се целосно отуѓени од сопствените народи; ќе биде плод на желбата на народите и државите да си го повратат узурпираниот суверенитет и, конечно, јасното сознание на Доналд Трамп дека доколку САД, како “хегемон“, не се ослободат од баластот на ЕУ и НАТО, ќе пропаднат заедно со нив, бидејќи трошоците за нивно одржување се поголеми од бенефитот кој САД го добиваат…

Со тоа завршува периодот на униполарен либерален светски поредок и светот, полека но сигурно, зачекорува кон мултиполарното уредување кое, пред се’, треба да значи враќање кон вестфалските принципи на суверени нации-држави, без наметната волја од еден центар; треба да значи разграничени сфери на влијание како гаранција за светскиот мир; треба да значи целосно укинување на неоколонијализмот и слободен забрзан развој на африканските држави…

Единствено корумпираните и отуѓени од сопствените народи либерални раководства на државите членки на ЕУ и НАТО, посебно она најотуѓено раководство на наддржавата ЕУ, збунети и затекнати, како на времето Хонекер, Живков и Чаушеску, на пример, се’ уште се обидуваат да го задржат тркалото на историјата кое се заканува да ги прегази.

Нивна единствена можност да опстанат во узурпираните фотелји претставува војната во Украина, или некоја нова, можеби на Балканот, за нив сеедно, па со сите сили се обидуваат целосно да ја милитаризираат Европа. Со тоа, ќе ја уништат ЕУ, замислена како најголемиот мировен проект после Втората светска војна и, ќе создадат милитантна организација како закана за светскиот мир.

Затоа, не ќе е лошо да и се навратат малку на најблиската историја, на онаа од пред 35 години, да прочитаат како преку народни револуции паѓаа корумпираните марксистички раководства за да ја избегнат нивната судбина.

Зашто, можеби за нив најпоучна е судбината на семејството Чаушеску, кое исто како нив, веруваше дека може да го задржи тркалото на историјата. За нивна жал, не се сопира незапирливото.

(авторот е Претседател на МААК)