Страшо АНГЕЛОВСКИ

Изборите завршија и резултатите се познати. Победник, како што и очекуваа сите реални “прогнозери“ е коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Двојна победа, досега единствена таква од позиција на опозиција, изразена во бројки кои даваат огромна надеж кај граѓаните, но, носат двојно поголема одговорност кај идните носители на функции.

Зашто, како што ќе чуете насекаде, во секојдневните разговори, речиси сите повторуваат една и иста реченица – “ова е последната надеж за Македонија“. И, навистина, тешко дека овој народ ќе може да преживее уште едно разочарување и да продолжи да се бори. Да се бори за подобра и поуспешна Македонија и за сопствен, личен просперитет. Следното разочарување ќе биде ортомата околу неговиот врат.

МАКИТЕ НА ПОБЕДНИЦИТЕ

Токму затоа, како што многупати досега говорев и пишував, новата власт ќе има пред себе неколку огромни примарни задачи.

Првата ќе биде да се изврши целосна дедуизација на општеството. За да не биде, штогоде толкувач на моите зборови да се обиде да ги изврти, должен сум да појаснам – дедуизација, а не деалбанизација на општеството. Бидејќи, за жал, оние кои не и мислат добро на државава веќе говорат дека без ДУИ, замислете, ќе немало Албанци во власта. Небаре, токму тие, криминалците од ДУИ, издаваат сертификати за “подобност“ на македонските граѓани од албанско етничко потекло. Да се отстранат од власт и да се казнат според закон сите кои учествувале во криминал, корупција и непотизам, а кои, до денес, спроведуваа неказнивост и недопирливост од правото и правдата. Зашто, повторно, насекаде, во секојдневните разговори, ќе чуете една и иста реченица – “ако не одговараат криминалците од ДУИ, нема иднина за Македонија“.

Втората ќе биде како час поскоро државата да се извлече од банкротот во кој ја втурнаа алчните, несовесните и криминални структури кои ја владееја последниве години. Како да се обезбеди нормално функционирање на сите системи во државава, од здравствениот, преку образовниот, безбедносниот, пензискиот… со што на граѓаните ќе им се овозможи нормален, човечки живот.

Да не бидат препуштени на брзите кредити во недостиг на плата и пензија; да не бидат препуштени на хуманитарни акции преку телефонски пораки, наместо лечење како што им следува со средствата на Фондот за здравство; да не бидат препуштени на фотокопирање скриптички и препишани текстови, наместо учебници што следуваат… Со еден збор, наместо да се испумпуваат во фирми блиски до власта, да се сочуваат нивните пари во Буџетот, за да може да им се вратат за нивните потреби.

Третата ќе биде да се врати правдата во сите сегменти на општеството. Не само во правосудниот систем, туку во секоја пора во која граѓаните се чувствуваат онеправдани. Враќањето на правдата како основна вредност, можеби ќе биде основниот предуслов да го спречиме бегството на младите од државата во која трпат неправда.

И, кога сме веќе кај вредностите, следен голем предизвик ќе биде заштитата и унапредувањето на вистинските морални вредности. Заштита на младите, на семејството, на традицијата, на културата, на верата и, на се’ она што не одржало низ вековите.

Овој список на предизвици со кој ќе се соочи новата власт може да продолжи до недоглед, бидејќи речиси се’ допрено од претходната гарнитура, е уништено. Па, најверојатно, со секој нов ден ќе го надополнуваме и со нов предизвик.

МАКИТЕ НА ПОРАЗЕНИТЕ

На страната на поразените, останаа “европските“ фронтови. Останаа смешните заплашувања со Русија и со изолација. Останаа оние кои немајќи што да понудат, немајќи идеја, визија и опција за Македонија, нудеа спротивставени опции за ЕУ, од едната и, Русија и изолацијата, од друга страна. Ниту еднаш не понудија богата, успешна, самостојна и суверена Македонија, ниту еднаш не ја понудија заложбата на мнозинството од граѓаните.
И, затоа беа поразени и, затоа е добро што се поразени.

Тоа ќе рече, надвор од власта ќе останат партии или коалиции од, условно, левиот политички блок.

1. Ќе остане една анархо-синдикалистичка организација која, за жал, освен ароганција, вулгарност во настапите и, гол популизам изразен низ троцкистички фрази и флоскули, со кој требаше да се вовлече во умот на што повеќе гласачи, не понуди ништо конкретно за иднината на Македонија и македонските граѓани. Потплукнуваше малку в лево, а секојдневно в десно, мислејќи дека плукањето е програма за освојување власт.
Пред себе ќе има многу работа, ако сака да излезе од умот на Енвер Хоџа и да биде вистинска, модерна, идеолошки изградена, лева политичка понуда.

2. Ќе остане марксистичко-ленинистичката криминална групација, изнедрена од солзите на македонските и албанските мајки од пред повеќе од 20 години. Групација која израсна во монструозен, криминален Франкенштајн, кој ја зароби Република Македонија и ја врати децении наназад.
Пред себе ќе има многу работа, доколку сака да се ослободи од терористичкото и криминалното минато, од заканувачкиот однос, од насилството и вршените неправди, посебно кон припадниците на сопствената заедница, кои не беа блиски до нив. Ќе мора да се ослободи од тежината на криминалците во сопствените редови и мирно да ги препушти на правдата, да се ослободи од воинствената реторика, да ги прифати сите граѓани во државава како свои сограѓани. Се’ друго ќе значи нејзин брз распад.

3. И конечно, ќе остане една квазисоцијалдемократска вазална структура, која во својот робовски менталитет, како мало кутре под маса, уживаше во фрлените коски од “меѓународната“ заедница, но и од човекот кој им “лепеше“ шлаканици, а беше вистинскиот премиер наместо Ковачевски. Една структура без достоинство и интегритет, која и нанесе непоправлива штета на Република Македонија. Штета која, за жал, ќе треба да ја исправаме низ децениите што следат.

Пред себе ќе има многу работа, доколку сака да се ослободи од најштетниот процес што кога и да е го зафатил македонското општество – процесот на заевизација; да се ослободи од сите протагонисти од тој процес; да се ослободи од вештачки наметнатите либерални вредности и да се врати на коренот на социјалдемократијата.

Поинаку, некој друг, кој го сфатил или ќе го сфати ова, ќе го заземе нејзиното место.

Но, да оставиме поразените да се занимаваат со сопствените маки, зашто пред победниците стои работа, правда, чесност и достоинство. Нека ни е со среќа.

(авторот е претседател на МААК)