Страшо Ангеловски

Станува се поочигледно дека сценариото за разнебитување на Македонија влегува во својот последен чин.Уште поочигледно е дека сценаристот, во подземните канцеларии во Ленгли, извршил длабинска анализа на психолошкиот профил на македонските патриоти, на суетните македонски политичарчиња или оние кои сакаат тоа да бидат, на сервилните анационални, идеолошки шупливи “невладини“ активисти, на полуписмените “аналитичари“ и “бардови“ во новинарството кои менуваат страна од суета или од корист, на криминалците од ДУИ, но и на бескрајно корумпираните, во своето опкружување болно небитни, но во Македонија дочекани како врвни авторитети, меѓународни претставници. И, што е најбитно, на сите нив им доделил улоги, кои знаејќи или не, сакајќи или не, сите тие ќе ги одиграат во последниот чин. Многумина од нив за пари, некои за пет минути слава, некои од глупост, а, за жал, некои, водени од бескрајната љубов токму кон Македонија.

Но, да одиме по ред.

Сценаристот од подземните канцеларии не веруваше дека после погромот со монтираните судски процеси, после притворањата и политичките пресуди против речиси целиот врв на ВМРО ДПМНЕ, после најголемиот удбашки удар врз целокупната македонска десница од 1948 – та наваму, партијата ќе се соземе и консолидира толку брзо и веќе пролетва, зедно со коалицијата “За подобра Македонија“, според сите релевантни анкети, ќе биде победничката опција во Република Македонија. Не веруваше дека коалицијата веќе во првиот круг од претседателските избори ќе има далеку најдобар резултат и, доколку учествува и во вториот круг, што зависи од гаранциите дали ќе биде фер и демократски, ќе добие претседател на државата, што автоматски ќе доведе до предвремени парламентарни избори, на кои актуелната власт ќе добие сенародна  казна за сите зла што ги изврши врз Македонија и македонскиот народ. Но, исто така, знаат дека доколку само замириса на обид за наместен втор круг, ќе добијат толку силен бојкот со кој изборите ќе бидат неуспешни и, повторно, најдоцна во рок од шест месеци ќе мораат да распишат предвремени парламентарни, заедно со повторените претседателски избори.

Бидејќи за нив е повеќе од јасно дека обата исходи водат кон демонтажа на оваа незаконски и насилно инсталирана власт, го започнуваат токму тој, последен чин. Чинот на целосно уништување на постојната македонска десница, како единствена пречка на нивните злосторнички намери и, лажен привид дека врз пепелта на уништената десница која триесет години, од формирањето на МААК, преку подоцнежното формирање на ВМРО ДПМНЕ, се градеше врз традициите на историското ВМРО, брзобрзо ќе се формира некоја нова десна партија, која, нели, веднаш ќе ги поништи договорите со Атина и Софија, ќе ја укине двојазичноста и, македонскиот народ, под нејзино револуционерно водство “ќе живее среќно и задоволно“, како во бајките на браќата Грим. Една добро спакувана измама, дека овие, сегашниве десничари не носат ниту реденици преку градите, ниту кама и нагант револвер во појасот, што, веднаш треба да асоцира дека се меки и продадени, а дека оние новите, инсталираните, ќе бидат современите македонски гемиџии, кои, со сопствена саможртва, која, рака на срце, никој не им ја бранеше и до сега, ќе ја спасат Македонија. Ете затоа, им требаше психолошкиот профил на македонскиот патриот од почетокот на текстов, кој длабоко во себе мечтае токму за ова, па, иако е свесен дека е само добро спакувана илузија, сака да ја отсонува и, разочаран преку сервираните лаги и измами, најжестоко го напаѓа сопственото раководство што не му го оозможува токму тој сон.

И, сето ова не ќе беше можно доколку, за жал, не постоеја оние суетни политичарчиња од почетокот на текстов, кои за пари, за пет минути слава, или за да формираат каква таква сопствена партиска инфраструктура, дотураат квасец на ваквата измама. Не ќе беше можно ниту доколку оние самонаречени аналитичари и “бардови“ на новинарството од почетокот на текстов, секој од само нему позната причина, но, никако со добри намери, секојдневно не ја подгреваа ваквата, за Македонија и македонскиот народ погубна теза. Не ќе беше можно доколку анационалните и идеолошки шупливите “невладини“ активисти не се ставеа сесрдно на услуга во процесот на ширење на ваквата илузија како, ете, прифатлива дури и за нив.

Секако дека не ќе беше можно доколку оние корумпирани, болно небитни во сопствената средина, ликови од таканаречената меѓународна заедница од почетокот на текстов, како, на пример, велосипедистот Ван Хојте, не вршат сатанизација на постоечката македонска десница, па дури и отворено бараат уништување на ВМРО ДПМНЕ.

И секако, не ќе беше можно доколку еден дел од народот не ја прифатеше најголемата измама во поновата историја на Република Македонија, измамата дека СДСМ и ДУИ, преку утврдувањето таканаречен консензуален кандидат, што е всушност кандидат на двајца главатари на својот дел од племето, работат на создавањето на едно општество за сите. Измама во која воведуваат двојазичност како услов за неможност да се разбереме и како прв чекор кон федерализација токму на општеството за сите; измама во која негуваат механизам за заштита на колективни права, како што е Бадинтеровото мнозинство, а зборуваат за граѓанска држава на секој поединец; измама во која не постои функционер на ДУИ кој во изминативе 11 години сторил каков и да е криминал; измама во која токму таквите криминалци од ДУИ од почетокот на текстов,учествуваат за да се заштитат од раката на законот, правото и правдата.

Токму затоа, доколку сакаме да ја победиме измамата, доколку сакаме на сите понапред споменати да им кажеме дека се прочитани, доколку сакаме патриотизмот да го искористиме во вистинска и праведна цел и, конечно, доколку сакаме да ја започнеме демонтажата на незаконски и  насилно инсталираната власт, што претставува прв предуслов за да може да се стори макар и мал исчекор кон отсонување на сонот на секој Македонец од средината на текстот, тогаш имаме обврска да се обединиме околу една и единствена цел.

А целта е јасна – во првиот круг од претседателските избори моќен резултат на кандидатот на коалицијата “За подобра Македонија“, колку и да го прифаќаме или не, колку и да одговара на нашите лични стандарди или не. А потоа, во вториот круг, победа со која ќе предизвикаме предвремени парламентарни избори, или целосен бојкот, доколку се претпостави изборна измама, со што, повторно, заради пропаднатиот втор круг, ќе предизвикаме вонредни парламентарни избори заедно со повторените претседателски.

Тоа е единствениот пат по кој можеме да стасаме до целта,тежок и макотрпен. Но,секој оној кој ќе ви каже дека овој пат може да се изоди прекутрупа, со прескок, тој, со намери познати само нему, ве лаже и вас и себе си.

(Авторот е претседател на МААК)