Страшо Ангеловски
ЈАКОВ
Јаков Џугашвили е првиот син на Јосиф Висарионович Сталин, неприкосновениот лидер на Советскиот Сојуз. Бил инжинер за турбини и завршил Артилериска академија на Црвената армија. Во мај 1941 бил поставен за командант на артилериска батерија. Кога започнала војната, советскиот водач не направил ништо за да го заштити својот син. Тој бил испратен на фронт како обичен командант на Црвената армија со едноставните таткови зборови “Оди и бори се!“
Откако единиците на неговата 20-та армија биле опколени во Белорусија, на 16 јули, во обид да се пробие, постариот поручник Јаков Џугашвили, синот на Сталин, бил заробен.
По Сталинградската битка, Германците, со посредство на шведскиот дипломат, грофот Фолке Бернадот и на Црвениот крст, му се обратиле на Сталин со предлог да го добие сина си во замена за фелдмаршалот Фридрих фон Паулус и неколку десетици високи офицери од 6-та армија кои се наоѓале во советско заробеништво.
Сталин студено одговорил – “Не менувам војник за фелдмаршал“. А, на својот соработник, Маршал Жуков, му рекол – “На Јаков смртта му е помила од предавството на татковината“.
На 14 април 1943 година, Јаков, синот на големиот советски водач, се фрлил на бодликава жица под напон во концентрациониот логор Заксенхаузен и стражарот веднаш го застрелал.
Големиот советски водач Сталин, кој во своите раце ја држел судбината на стотици милиони луѓе, лесно можел да влијае на судбината на сопствениот син, кого го жртвувал во името на борбата за правда и вистина.
ХАНТЕР
Хантер Бајден е вториот син на претседателот на САД во заминување, Џо Бајден. Во неговата биографија пишува дека е адвокат, инвеститор и лобист (што и да значи тоа). Отпуштен е од резервниот состав на Морнарицата на САД, набргу по своето доаѓање, заради неуспешен тест на дрога. Бил во Одборот на Бурисма Холдингс, еден од најголемите приватни производители на земен гас во Украина, од, какво совпаѓање, евромајданската 2014 до 2019 година.
Во 2019 година, за прв пат се отвори темата за корупцијата во која, заедно со својот татко, тогашен потпретседател на САД, Џо Бајден, учествувале во Украина. Според повеќето од 100 илјади мејл пораки на компјутерот на Хантер, меѓу кои и оние меѓу него и Вадим Пожарски, советникот на компанијата Бурисма Холдингс, остана отворен сомнеж за негова замешаност во таканаречено “тргување со влијание“ преку неговиот татко а во полза на украинската компанија.
Според анализата на одборот во американскиот Сенат, фирмата на Бајден, во периодот од 2013 до 2018 година добила 11 милиони долари, кои брзо ги потрошила, а сосем мал број од потпишаните договори ги остварила.
Како и да е, сето ова остана само во рамките на обвинение, додека, Хантер Бајден правосилно беше осуден за давање лажни информации за време на проверката за набавка на пиштол, за нелегално поседување оружје и, за прикривање на неговата употреба на дрога. Истовремено, во септември годинава, Хантер Бајден пред судот во Лос Анџелес се изјасни за виновен за затајување на данок.
Денес, Џо Бајден, претседателот во заминување, во чии раце се наоѓаат судбините на стотици милиони луѓе, решил в раце да ја земе токму судбината на својот син и потпишал помилување за се’ што сторил од 2014 година до денес.
Па уште и изјавил дека “ниту еден разумен човек кој ги гледа фактите за работите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен дека Хантер е избран само затоа што е мој син“.
Разликата е очигледна – стариот марксист Сталин го жртвувал сопствениот син заради правдата и вистината, новиот марксист Бајден ја жртвува правдата и вистината заради сопствениот син.
За среќа, се’ повеќе луѓе во светот реално и здраворазумски ги согледуваат нештата и, човештвото, да се надеваме, ќе зачекори кон подобра иднина откако ќе се ослободи од новите лицемерни марксисти од типот на Бајден и неговите марксистички либерални елити.
(авторот е претседател на МААК)