Страшо АНГЕЛОВСКИ

После силни бури, морските бранови, од длабочината на морето, исфрлаат на бреговите купишта отпадоци. Со тоа вршат две работи – го чистат морето од сите насобрани гнасотии и, им ги покажуваат и враќаат на оние кои, фрлајќи ги, намерно или не, со нив го загадиле.

Она што се случи во Руската Федерација, со “обидот“ за пуч на лидерот на платеничката армија “Вагнер“, Евгениј Пригожин, во многу наликува на еднодневна морска бура која на површина исфрли повеќе валкани работи.
Прво, се покажа дека се погрешни и погубни наметнатите НАТО стандарди за сите држави, вклучително и Руската Федерација која делумно почна да ги приименува, освен за оној кој ги измислил и наметнува, САД. Имено, тие стандарди предвидуваат укинување на редовен воен рок и редовна армија во државите, составена од младите жители кои преку армијата се поврзуваат со државата и нацијата, како што е случај и кај нас и, воведување на платенички армии составени од поранешни затвореници, од ваква или од онаква сорта луѓе. Луѓе кои се борат на твоја страна за пари, а кои ќе се борат и против тебе за повеќе пари.

Некој ќе забележи дека ваквите платенички армии извонредно добро функционираат во САД и дека до сега немало инциденти од ваков вид. Но, да не заборавиме дека единствено во САД не постојат американски амбасади со луѓе обучени да создаваат хаос и безвластие, граѓански војни, револуции од секаков вид и крвопролевања.

Второ, на површина излегоа креаторите на лажни вести од типот “Започна крвопролевање во Русија“, “Во Москва се копаат ровови за одбрана“, “Путин побегна во непознат правец“… На површина излегоа токму оние кои се’ што не излегува од нивните кујни, го прогласуваат за лажна вест. “Либералните“, “слободни“ новинари, скапо платени “копир апарати“ кои само ги размножуваат во неограничен број копии наредбите од Вашингтон.

Истовремено, токму тие, покажаа исклучително високо ниво крвожедност кога се во прашање страдањата на руските граѓани, па, со крајна разочараност ја прифатија реалноста дека нема загинати илјадници Руси во “доаѓањето на Пригожин пред вратите на Кремљ“. Во стилот на сенаторот од Северна Каролина Линдзи Греем, за кого “смртта на Русите претставува добро потрошени американски долари“.

Трето, иако секоја војна е крвава и мора да биде осудена, сепак, рускиот воен и политички врв решавајќи ја кризата Пригожин без пролеана крв, уште еднаш докажа дека и специјалната воена операција во Украина ја води со крајна внимателност во настојувањата непотребните, посебно цивилни, жртви, да бидат сведени на минимум. Посебно, доколку се спореди со безмилосната воена агресија врз Ирак, на пример.

И, она најважното, во само 24 часа се докажа она што веќе се гледаше и со голо око дека државите од ЕУ имаат целосна криза на лидерство. Имено, се покажа дека тие всушност и немаат лидери од, на пример, типот на Меркел, Оланд или Берлускони, да не се враќаме назад до еден Де Гол, туку имаат клонирани заевци на сите позиции. Па, не случајно кого и да го погледнете или чуете од европските “лидери“, со чест на исклучоци, како Орбан на пример, ќе ви се причини дека го гледате или слушате Заев во неговите “блескави“ изданија.

За жал, Европа нема изнедрени и оспособени лидери од сопствените средини, туку испилени во инкубаторите на американските “школи за млади лидери“, или во европските фридрихебертовски или конрададенауерски инкубатори. Колку за пример, чешкиот министер за надворешни работи, Јан Липавски, човек кој треба да ја предводи дипломатијата на својата држава и да бара дипломатски решенија за кризи, какви и да се, вечерта после “бунтот“ на Пригожин, во “наплив на среќа“, на својот твитер напиша: “Гледам, се ближи мојот летен распуст на Крим“. И, нормално, чешкиот Заев, од портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, доби “домаќински“ одговор: “Верувам дека е Јан човек од збор. Собата е резервирана. Го чекаме“.

На што спадна Чешка, земјата на Јан Палах, земјата на “прашката пролет“, синоним на непокор и самосвест, денешна слугинка на туѓите интереси.

Да ги жалиш или да им се смееш, сеедно, но, тие и таквите решаваат и за иднината на Македонија, што е самото по себе – катастрофа.

ПРИГОЖИН И МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА

Што можеме ние да извлечеме како поука од “операцијата“ Пригожин?

Власта, за жал, речиси ништо од делот за предавството и за платениците кои се вртат таму каде што има повеќе пари, бидејќи токму таа е оној кој за пари ги продава националните интереси. Токму оваа власт е македонскиот Пригожин, која со пуч ја презеде власта и, како успешна платеничка група, веќе со години работи против сопствениот народ и сопствената држава.

Креаторите на лажни вести и сеачите на омраза кон сите кои не се нивни работодавачи и не им истураат вреќи со пари уште помалку, бидејќи тие веќе добро го проучиле делот за платеништвото и вртењето кон оној кој ќе плати повеќе.
Македонските граѓани можат многу да научат за кризата на лидерство, за политичарите од инкубатор, за процесот на клонирање на “блескавиот“ Заев на сите рамништа и во сите институции и, да се подготват за новите избори.

Опозицијата треба да извлече најмногу поуки. Имено, токму партиите од опозицијата треба од примерот на Руската Федерација и Пригожин, да разберат дека колку е поголема државата, толку е поголемо предавството, односно, колку е поголема партијата, толку е поголемо предавството. Тоа ќе рече дека најголемата партија е подложна и на најголемо предавство, па, треба да биде и највнимателна.

Па така, час поскоро да расчисти со медиумите и новинарите кои денес за пари се “овде“, утре за повеќе пари ќе бидат “таму“, да расчисти со “експертите“ и “политичките аналитичари“ од типот на Пригожин и, конечно, да расчисти со можноста во нејзините редови да се инфилтрираат “борци“ од македонскиот политички “Вагнер“.

Да се потпре на сопствениот народ и “регуларната армија“ – сопственото веќе докажано членство, идеолошки потковано и со љубов кон партијата и татковината. Да се потпре на партнерите со кои заедно ја делат идејата за независна, суверена и демократска Македонија, а не на разните Пригожини кои за пари ќе работат на реализација на таа идеја. Се разбира, до првите поголеми пари за некоја друга идеја.

Доаѓаат денови на големи одлуки, денови на големи битки за Македонија и, Пригожин и “Вагнер“ ни се најмалку потребни. Никако платениците, туку само луѓе со голема љубов кон татковината може да победат. Како впрочем и секогаш низ историјата.

(авторот е претседател на МААК)