Страшо АНГЕЛОВСКИ

Малку ми е непријатно да пишувам на темава во време кога, посебно после говорот на американскиот потпретседател Венс на самитот во Минхен, речиси сите станаа  геополитички познавачи и коментатори, а голем дел од нив, доскорешни русофоби и путиномразци, полека но сигурно, главите ги вртат кон исток. Па, нема да ме чуди доколку, по постигнувањето на договорот меѓу Трамп и Путин, Шеќеринска и нејзината партија, заедно со половина НАТО и ЕУ, сите оние за кои не постоеше алтернатива, први да потрчаат во Москва за да му честитаат на Путин, нормално, во потрага по нов господар. Зашто, ќе повторам, за нив важи она што сум им го пишал многупати до сега, дека, “за добар слуга не постои лош господар“.

ИСТОРИСКИ ПРОМЕНИ НА СВЕТСКИОТ ПОРЕДОК

Да ја оставиме шегата на страна и, покрај стотиците површни коментари со кои се среќаваме деновиве, да направиме куса но длабинска анализа на нештата.

Со години наназад Руската Федерација и Кина се залагаат за воведување мултиполарен светски поредок. Нивните стратези, како и секој кој малку се разбира во нештата, точно знаат дека воведувањето нов светски поредок подразбира пораз и пропаѓање на постоечкиот и, пораз и пропаѓање на владеачката идеологија и сите нејзини проекти во тој светски поредок. И, што е трагично но неизбежно, војни и човечки жртви.

Историјата не учи дека за да се воведе новиот биполарен светски поредок во 1945-та, во крвавата Втора светска војна со десетици милиони жртви, се распадна постоечкиот поредок и сите негови проекти и, наместо мртвата Лига на народите, се создаде нов облик на светска организација – Обединетите Нации со право на одлучување на победниците во војната.

На почетокот на деведесеттите години од минатиот век, за да се создаде новиот униполарен поредок, најпрво беше уништен постоечкиот биполарен поредок со пораз на источниот комунизам, Советскиот Сојуз и сите негови проекти, а, се водеа десетици војни, почнувајќи од поранешна Југославија, Авганистан, Ирак, “Арапската пролет“ со милиони жртви. Притоа, униполарниот хегемон ги суспендираше Обединетите Нации и меѓународното право и создаде свои “правила“ според кои светот требаше да се владее.

Денес, сведочиме на почетокот на воспоставување нов, мултиполарен светски поредок, за што започнува распадот на досегашниот униполарен поредок, поразот на западниот комунизам, таканаречениот либерализам со сите негови проекти, како и, поништувањето на “правилата на однесување“. Тоа ќе предизвика и целосна реорганизација на Обединетите Нации, или создавање нова форма на светско организирање на носителите на мултиполарноста. За жал, повторно, како и секогаш, со човечки жртви, овојпат од војната во Украина.

НА ПРАГОТ НА МУЛТИПОЛАРЕН СВЕТСКИ ПОРЕДОК

Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД претставува прв предуслов за воведување на новиот мултиполарен светски поредок, а неговата изјава на два дена после победата е неговата идеја водилка дека ќе ги заштити семејството, суверената нација и држава и, верата. Со тоа, тој и Путин истакнаа заеднички цели, а посочувајќи ги преку Маск невладините организации како криминални и корумпирани друштва и објавувајќи им војна, Трамп и Путин ги посочија и заедничките непријатели.

Заради воведување на мултиполарниот светски поредок сведоци сме на специјалната воена операција што Руската Федерација ја презеде во Украина, која, еве, токму деновиве, ќе влезе во четвртата година од започнувањето. Воена операција која трае долго од две причини. Прво, бидејќи Руската Федерација ставајќи ги во својот Устав како свој составен дел, војната која ја води на овие територии, ја смета за војна за ослободување на својот народ од украинска окупација и, второ, она што е побитно, доколку, на пример, постапеше како “сојузниците“ во Ирак и ја разурнеше цела Украина за да ја освои, нејзината акција ќе беше прогласена за злосторничка и за акција против човештвото, а Руската Федерација ќе беше прогласена за единствен виновник за војната. Вака, со бавноста на воената операција, се стаса до овој момент на поделба на “меѓународната заедница“, што ќе доведе до нејзин скорешен распад.

Затоа, само една реченица од говорот на американскиот потпретседател Ј. Д. Венс во Минхен е убивање на две муви со еден удар. Се’ друго е само дообјаснување на реченото. Имено, Венс јасно кажа дека Русија не само што не е единствениот, туку не е ниту најголемиот виновник за војната во Украина и, дека ниту таа ниту Кина не се најголемата закана за Европа, туку тоа се токму европските политичари кои со своето однесување ги уништија вистинските вредности.

Со тоа, Венс му овозможува на Трамп да се сретне со Путин како со еден од учесниците во воениот судир во Украина, а не со воен злосторник како што сакаа да го прикажат воинствените европски политичари и, да ги исклучи од преговорите токму тие европски политичари на кои јасно им стави до знаење дека не ги застапуваат вредностите со кои Трамп ќе седне на масата со Путин.

Во врска со исклучувањето на Европа од разговорите, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, беше уште подециден велејќи дека “Европа, посебно Германија и Франција, еднаш беа вклучени во разговорите за Украина, на договорите во Минск, па признаа дека лажеле за да и дадат време на Украина да се вооружи.“  “Па, што ќе ни се измамници повторно на масата“ – потенцираше Лавров.

17 ФЕВРУАРИ – ПОГРЕБОТ НА НАТО И ЕУ ВО ПАРИЗ

Во меѓувреме, на покана на еден од највоинствените меѓу воинствените, Емануел Макрон, кој во Франција владее нелегитимно со дваесеттина проценти поддршка, во Париз, се одржа состанок на оној дел од ЕУ кој се нарекува “страрата Европа“, плус воинствениот британски премиер Кир Стармер со 24 проценти поддршка и, Фон Дер Лајен без никаква поддршка а со обвинение за милионска корупција и криминал и, само дел од НАТО. Состанок без присуство на останатите, на кој се разговараше како да и се даде целосна поддршка на Украина, што единствено може да значи напори за натамошно продолжување на војната со Русија. Ова, иако учесниците, по завршувањето на состанокот, со плачлив тон побараа да продолжи “заедништвото“ со САД, е оддалечување токму од ставовите на Трамп и неговата администрација.

Со неповикувањето на останатите држави членки, на што веќе реагираа официјална Софија и Љубљана, овој издвоен состанок во режија на Макрон, ќе ја претставува последната шајка на ковчегот на НАТО и ЕУ, онакви какви што ги знаеме до сега и, ќе ја забрза пропаста на либералната идеологија (западен комунизам) и воспоставувањето на мултиполарниот светски поредок.

Паралелно со ова, без да се осврнуваат на европските лелекања, делегациите на САД и Руската Федерација веќе разговараат во Ријад, во Саудиска Арабија, за подготовка на состанокот Трамп – Путин, за ставање крај на војната во Украина, за завршување на либералното западнокомунистичко владеење со светот и поништување на неговите проекти.

На крај, за да стане јасно зошто постојано повторувам дека смртта на еден поредок е и смрт на неговите проекти, ќе напишам дека токму Охридскиот и Преспанскиот договор се проекти на либералниот западен комунизам и дека со неговата скорешна смрт и влегување во новиот мултиполарен светски поредок, Република Македонија ќе мора да побара нивно поништување.

Ова, од проста причина што со својот договор, Трамп и Путин ќе го вратат светот на вестфалските принципи на суверени национални држави во кои нема место за измислени мултиетнички творби како онаа создадена со рамковниот договор, со што умира проектот “Охридски договор“. Истовремено, со враќање кон Вестфалскиот договор од 1648 година, со гарантирање на суверенитетот на двојството нација-држава, нема место за мешање на една држава во внатрешните работи на друга, со што умира проектот “Договор од Нивици“.

Наша обврска е да помогнеме во поразот на западнокомунистичкиот поредок и неговите проекти и,час поскоро да се вклопиме во новиот светски поредок како гарант за наш натамошен развој како Република Македонија, како држава на македонската нација.

(авторот е Претседател на МААК)