Претпоставувам дека многумина го гледале филмот “Непристоен предлог“. Тоа е оној филм кога еден милионер му нуди на човек со финансиски проблеми еден милион долари за да помине една ноќ насамо со неговата преубава сопруга. Предлог, колку непристоен, толку примамлив, но, секако, во еден момент, вреден за размислување. Милионерот, возрасен, опитен, кој можеби овој метод го испробал и друг пат, а сопружниците млади, сиромашни, а толку желни да ги надминат финансиските проблеми и да го продолжат животот со милион долари на својата сметка. И, почнуваат сериозно да размислуваат, па дури и да разговараат околу предлогот.

Да не должам. Откако проценија дека обесчестувањето на сопругата ќе трае само една ноќ, а потоа цел живот ќе им тече мед и млеко со милионот в џеб, сопружниците го прифатија непристојниот предлог и младата сопруга, вака или онака, ја помина ноќта со милионерот. И, навистина, веќе утредента милионот долари се најде на нивната сметка. И, веќе утредента, требаше да потече мед и млеко и да започне нивниот живот од соништата. Живот, ветен и платен со еден милион долари, среќа, купена со само една ноќ помината во креветот на еден богат странец, среќа купена со мигот на обесчестување на еден брак, а која изгледаше толку близу, на дофат на раката. Среќа која требаше да почне веднаш и да трае цел живот.

Оние кои го гледале филмот, знаат што се случуваше понатаму. За оние другите само ќе напишам – наместо мед и млеко, пеколот се всели во животот на младите сопружници. Ноќта помината во туѓ кревет и обесчестувањето на неговата сопруга, почна да го мачи младиот маж. Почна да го јаде однатре. Совеста не му даваше ниту да ги допре доларите, зашто ги заработи со продажба на најсветото, на својата љубов, на својата сопруга. Недовербата меѓу нив почна да расте, расправиите станаа секојдневие. Бракот почна незапирлио да се распаѓа. И, веќе во секој миг од својот живот посакуваа само две работи – да го вратат назад милионот и, како било, да ја вратат назад ноќта на сопственото обесчестување. Да си го вратат назад животот од времето пред да го прифатат непристојниот предлог. Беа подотвени да дадат се, само да го вратат времето за да не се случи мигот кога за малку пари си ја продадоа честа. За жал, беа осудени до крајот на животот да живеат со сознанието дека во еден миг парите им биле поважни од љубовта и честа. Беа осудени до крајот на животот се околу нив да ги потсетува на моментот кога се продадоа самите себе си.

Токму денес, дел од Македонците, оние со свест и совест, почнуваат да го живеат првиот ден на младиот сопруг после непристојната ноќ. Првиот ден како нови, измислени, северномакедонци во новоформираната Северна Македонија. Свесни дека прифаќајќи го непристојниот предлог да си го сменат името, да си ја избришат историјата и да се обесчестат себе си, заради сојуз со една времена  воена организација, ќе бидат осудени до крајот на животот да живеат со сознанието дека во еден миг лажните ветувања им биле поважни од опстанокот, достоинството и честа. Ќе бидат осудени до крајот на животот се околу нив да ги потсетува на моментот кога се продадоа самите себе си. И, еден ден, оние со барем малку свест и совест, ќе посакаат да го вратат назад времето за да не се случи мигот кога за малку ветувања го поддржаа менувањето на името на сопствената држава и сопствениот народ. Ќе посакаат да го вратат назад и договорот за пристапување и лажните ветувања за влез на големи инвестиции и лагите за медот и млекото кои ќе потечат некаде од кај Табановци, зашто ќе сфатат дека наместо среќата што со милионите долари треба да ја живеат, ќе го живеат проклетството на сопственото обесчестување. И, за сите нив, будењето после непристојната ноќ, ќе биде тешко и мачно. Ќе биде уште потешко сфаќањето дека е сторен блуден чин на обесчестување на сопствената држава и народ, кој, за жал, не може да се врати назад, кој ќе тежи на совеста на генерации и генерации Македонци.

А оние без свест и совест, оние кои го прифатија непристојниот предлог за сопствено бришење заради некаков сојуз со времена воена организација, притоа свесно и безобразно лажејќи дека станува збор за некаква европска Македонија, тие, опиени од мирисот на милионот долари на сопствената сметка, како младиот маж од филмот, ќе сонуваат за безгрижен живот, иако го прифатиле обесчестувањето на најмилото. Тие, кои сопствениот народ го понудија на милионерот за една ноќ во неговиот кревет, е за нив, чинот на обесчестувањето на сопствениот народ и понатаму ќе биде возвишен чин со кој ќе се гордеат.

Сите ние, останатите, оние кои со опулени очи ја гледаме сопствената смрт, не треба ниту да ги мразиме, ниту да им се лутиме. Треба да ги жалиме зашто имаат празни души, а наместо морал и чест, сакаат богатство и блуд.

Сите ние, останатите, имаме обврска да ја продолжиме македонската борба, онаа истата која низ вековите ја воделе нашите предци, борбата за македонската вистина. На лажните вредности да им ги спротивставиме вистинските. Да ги сочуваме нашите деца, нашите традиционални семејства и нашата национална творба – Македонија. Ќе биде тешко, пеколно тешко. Но, кога, пак,било лесно за нас Македонците?

Ако не повеќе, барем непокор и борба им должиме и на оние пред нас и на оние по нас. Барем толку мораме да сториме – да ја продолжиме борбата за опстанок на македонскиот народ и неговата творба, Македонија. По секоја цена и со сите средства.