Страшо АНГЕЛОВСКИ

Текстов е поттикнат од посетата на Високата руска црковна делегација предводена од претседателот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската Патријаршија, Митрополитот Воколокамски г. Антониј на поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г. г. Стефан Архиепископ Охридски и Македонски.

Можеби долго за читање, но, ги пишувам полните називи бидејќи Светиот Архиерејски Синод на Руската Православна Црква на седницата одржана на 25 август 2022 година, донесе одлука за признавање на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како сестринска автокефална црква со нејзиното полно име, статус и достоинство.

ТРАЈНИ, МИЛЕНИУМСКИ ПРАВОСЛАВНИ ВРЕДНОСТИ

И веднаш, надоаѓаат вистините и го окупираат умот – писменоста и покрстувањето на Русите доаѓаат од Македонија и Македонците.

Великата Руска Кнегиња Олга е покрстена и крунисана во Патријаршиската црква “Света Софија“ во Охрид од Охридскиот Архиепископ г. г. Тимотеј во 955 година.

Великиот Руски Кнез Владимир, внук на Великата Руска Кнегиња Олга, е покрстен во Патријаршиската црква “Света Софија“ во Охрид, од Охридскиот Патријарх г. г. Николај во 987 година. Тој, пак, за да го зацврсти братството со Македонското Царство на Цар Самуил, се жени по четврти пат со самуиловата внука Марија, од кој брак ги имаат децата Роман и Давид, со нивните монашки имиња Борис и Глеб.

Така, благодарение на Охридската Патријаршија Великата Руска Кнегиња Олга е првата покрстена Русинка, а Великиот Руски Кнез Владимир со декрет го воведува христијанството како државна религија во Руската Империја.

И еве, повеќе од илјада години, овие чинови, како заеднички вредности, не само што ја определуваат историјата на Македонија и Русија, туку, во огромна мерка ја определуваат и светската историја и развојот на човештвото во вистинскиот правец. Вредности кои траат и ќе траат, вредности кои не зависат од дневна политика и од постоењето на политички, воени и какви да се сојузи.

МНОГУВЕКОВНИ ИНКВИЗИЦИСКИ ВРЕДНОСТИ

Инквизиција, од латинскиот збор Inaqusittio, што значи – иследување, претставува група на установи на Римокатоличката црква, кои имале за задача да иследуваат, судат и казнуваат луѓе кои што црквата ги сметала за кривоверци. Почетокот на работата на инквизицијата се поврзува со Папата Григориј IX (1227-1241), кој со папски указ ја основал на 29 август 1229 година. Дејствувала во средниот век во сите земји на Западна Европа, а иследувањето на “кривоверците“, односно осомничените, го помагала и државната власт.

Папата Инокентиј IV на 15 мај 1252 година издал папска була под наслов “Ad exstirpanda“, која експлицитно дозволувала мачење при изнудување признание од наводните кривоверци во текот на инквизицијата и, експлицитно простувала пракса на убивање на повредени кривоверци со палење на клада.

Инквизицијата е укината дури во деветнаесеттиот век, а од осумдесетте Папи од 13 век во континуитет, ниту еден не покажал несогласување со апаратот на инквизицијата, туку секој додавал свои сопствени свирепи додатоци кон активностите на оваа свирепа машинерија. Во овој период ликвидирани се стотици милиони “кривоверци“.

Ова се, покрај палењето жени на клада како вештерки и, антиеврејските континуирани погроми, многувековните вредности кои ја определувале историјата и го воделе човештвото, за жал, во најсвирепата насока.

ЗА МАКЕДОНЦИТЕ – ИЗБОРОТ Е ЈАСЕН

Денес, оној дел од светот, во кој цели седум столетија владеела инквизицијата, се нарекува себе си’ “елитен цивилизациски клуб“ и се обидува своите цивилизациски “вредности“ да му ги наметне на остатокот од светот како “универзални вредности“ на сопствената либерална демократија. Ги наметнува со сила, со уцена, со закана, со корупција, со…

И, за да ни биде појасно што се всушност “либерални вредности“ и што претставува либерализмот, ќе го наведеме Норман Томас, американски социјалист кој во педесеттите години од минатиот век неколкупати безуспешно се кандидирал за претседател на САД. Човек кој најенергично ги застапувал идеите на Сталин и кој, кога сфатил дека термините на комунизмот и социјализмот не се победничка опција во САД, западниот комунизам го преименува во либерализам и преку терминот “либерализам“ комунистичките и социјалистичките идеи ги промовира како водечки во западните општества.

Денес, тие и такви социјалистички идеи, за уништување на семејството, традицијата, нацијата и државата, под терминот либерализам, владеат со таканаречената евроатлантска меѓународна заедница, а сите поединци кои не ги почитуваат се популисти, радикали, десничари, а државите кои не ги инсталираат се авторитарни и недемократски.

Преку своите шаренореволуционерни инсталации во државава, своите западнокомунистички идеи, како либерални вредности, се обидуваат да ги инсталираат и во македонското општество. Се обидуваат да го исправат македонскиот народ во избор меѓу милениумските вредности за кои пишувам, од една и, инквизициските вредности, од друга страна, кои, нели, заеднички треба да ги споделуваме.

Ние, Македонците, доколку сакаме да го сочуваме семејството, традицијата, нацијата и државата не смееме ниту да се посомневаме во сопствениот избор. За нас, единствени вредности кои можеме да ги споделуваме се трајните милениумски вредности кои сме ги вградиле во трезорот на светската цивилизација. Само преку нив сме постоеле, постоиме и имаме можност да постоиме.

Среќна Нова година, Василица.

(авторот е претседател на МААК)