Страшо АНГЕЛОВСКИ
Текстов е поттикнат од доаѓањето во државава на некаков американски тим за поагресивен поглед на корумпирани учесници… Тим кој, дојде, влезе во институциите на државава, се запозна со корупцијата и состојбата во правосудниот систем и, си замина. Што понатаму, никој не знае.
Речиси сите македонски политичари, “експерти“, “аналитичари“ и новинари поитаа да го поздрават неговото доаѓање, одушевени од можноста таквиот тим составен од “експерти“ од туѓа држава да влезе во македонските институции и да го разгледа нивното работење. Останаа малку изненадени од неговото експресно заминување, но не им спласнува надежта дека ќе ни ги прочешлаат и “подобрат“ институциите во правосудниот систем, на кој, нели, според американската амбасадорка Анџела Агелер, му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот.
Единствено со што во целост се согласувам во сето ова, а верувам и сите граѓани во државава, е “потребата од повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот“. А, за присуството на американскиот тим и пристапот до институциите на суверената држава Република Македонија и мешање во нивната работа, ќе се навратам стотина години наназад.
АВСТРОУНГАРСКИОТ УЛТИМАТУМ НА КРАЛСТВОТО СРБИЈА
На 23 јули 1914 година, после Сараевскиот атентат врз австроунгарскиот надвојвода Франц Фердинанд, Австроунгарија, како една од најголемите светски сили тогаш, упати Ултиматум до кралството Србија, познат и како Јулски ултиматум. Тој се смета за еден од најтешките ултиматуми упатен од една држава до друга.
Ултиматумот е составен од 10 точки, а, посебно интересна, во контекст на присуството на американскиот тим во македонските институции, е точката 5, заради која и најмногу е одбиен Ултиматумот, а гласи:
“5. Кралството Србија да прифати учество на австроунгарски органи на власта во сузбивање субверзивни дејности против Австроунгарија на територијата на Србија.“ – Односно, влегување на австроунгарски тимови во институциите на суверената држава Србија.
За да ја понижи, Австроунгарија уште барала од Србија, на наметнатите обврски да им даде “свечен карактер“ и на првата страница од службениот весник од 26 јули 1914 година да го објави следниот текст:
“Кралската српска влада ја осудува пропагандата која е насочена против Австроунгарија, т. е. ги осудува сите оние струи чија цел е одвојување на австроунгарска територија, која и припаѓа нејзе и, најискрено жали поради грозоморните последици од тие злосторнички работи. Кралската српска влада жали што српските ОФИЦЕРИ И ЧИНОВНИЦИ ЗЕЛЕ УЧЕСТВО ВО СПОМЕНАТАТА ПРОПАГАНДА И СО ТОА ГИ ДОВЕЛЕ ВО ПРАШАЊЕ ПРИЈАТЕЛСКИТЕ СОСЕДСКИ ОДНОСИ, НА КОИ СРПСКАТА ВЛАДА НАЈСВЕЧЕНО СЕ ОБВРЗАЛА ДЕКА ЌЕ ГИ НЕГУВА.
Кралската српска влада, КОЈА ЈА ОСУДУВА СЕКОЈА ПОМИСЛА И СЕКОЈ ОБИД ЗА МЕШАЊЕ ВО СУДБИНАТА НА НАСЕЛЕНИЕТО НА КОЈ БИЛО ДЕЛ ОД АВСТРОУНГАРИЈА, ЗА СВОЈА ДОЛЖНОСТ СМЕТА ИЗРЕЧНО ДА ГИ ОПОМЕНЕ ОФИЦЕРИТЕ И ЧИНОВНИЦИТЕ И ЦЕЛОТО НАСЕЛЕНИЕ НА КРАЛСТВОТО СРБИЈА ДЕКА ВО ИДНИНА СО КРАЈНА СТРОГОСТ ЌЕ ПОСТАПУВА КОН ОНИЕ ЛИЦА ШТО БИ СЕ ОГЛУШИЛЕ ОД ТОА И ДЕКА ЌЕ СЕ ТРУДИ СО СИТЕ СИЛИ ТОА ДА ГО ОНЕВОЗМОЖИ И ЗАДУШИ.“
Текстот напишан со големи букви, а кој Кралството Србија, како суверена држава, не се согласила да го објави, во многу наликува на еден дел од обврските што владата на Заев, без ултиматум, ги презеде со договорот со Атина и, заради кој и започна со најсрамната активност што луѓе со искривен ум можат да ја смислат – брусење на македонскиот национален симбол од шахтите во државава.
ШТО НИ СЛЕДУВА НАМ, А ШТО НЕ ПРИФАТИ СУВЕРЕНА ДРЖАВА ПРЕД ЕДЕН ВЕК
Со австроунгарскиот Ултиматум, од суверената држава Србија уште се барало:
“Владата да:
1.Спречи издавање на публикација која поттикнува омраза и непријателство кон Австроунгарија.
2.Моментално да ја распушти организацијата Народна одбрана и исто да постапи со други организации кои учествуваат во пропаганда против Австроунгарија.
3.Од јавното образование да тргне се’ што може да послужи или служи за поттикнување пропаганда против Австроунгарија.
4.Од војската и администрацијата воопшто да ги тргне сите што се виновни за пропаганда против Австроунгарија, а имињата да ги достави до властите на Австроунгарија.
…“
Доколку во овие четири точки од Ултиматумот зборот Австроунгарија го замениме со зборот Грција, разликата меѓу одбиениот Ултиматум од страна на суверена држава на почетокот на 20 век, а кој се смета за еден од најтешките што една држава го поставила на друга и, договорот што без ултиматум Владата на Заев го потпиша со Атина, е речиси непостоечка.
За жал, на држава која има власт без чувство за сувереност, со свитканата кичма пред секого, со папагалски менталитет да го повторува издиктираното од авторитетите, не и треба ниту Ултиматум за да си ја продаде државата. Дури, како што велат, она од што се срами паметниот, со тоа се гордее будалиот, па нашата влада се гордее со потпишувањето на нешто речиси идентично со содржината на еден од најтешките Ултиматуми поставен кога и да е. И, нормално, одбиен од Влада на суверена држава.
И затоа, откако со договорот потпишан со Атина, на сопствената држава и го одзеде суверенитетот, оваа Влада на СДСМ неуморно работи и на реализација на нештата речиси идентични со првите четири точки од Ултиматумот.
Навистина, знаете ли што е суверенитет, господо од власта?
(авторот е претседател на МААК)