Страшо АНГЕЛОВСКИ

Врз тезите во статијата “Судир на цивилизации“, објавенa во 1993-та, Семјуел Хантингтон ја пишува монографијата “Судир на цивилизациите и осмислување на светскиот поредок“ (The Clash of Civilizations and the Remaking of World Order) во 1996 година, во која предвидува судир на различни цивилизации внатре во западните општества.

Имено, тој предвидува судири внатре, во западноевропските држави, меѓу тамошното западнохристијанско домицилно и, муслиманското мигрантско население од блискиот исток, засновани врз нивните цивилизациски различности. Истото го предвидува и за католичко-протестантското население во САД, со мигрантите од јужноамериканските држави.

Но, денес, дојдовме до едно поинакво толкување на поимот “судир на цивилизации“. Денес, за жал, сме сведоци на еден глобален, светски судир на цивилизациите, кој, секако, ќе доведе до “осмислување на светскиот поредок“, но, може да предизвика апокалиптични разврски и уништување на човештвото.

ДРЕВНИТЕ ЦИВИЛИЗАЦИИ И НИВНИТЕ НАСЛЕДНИЦИ

Најпрво ќе се осврнеме кој, според своето денешно постоење, големина и влијание, изградено врз древните традиции и учења, може да се подведе под терминот “цивилизација“.

– Во моментов ја имаме Народна Република Кина, изградена врз древната кинеска цивилизација, врз древните учења и традиции како, на пример, Конфуцијанизмот. Треба да се знае дека Конфуциј е првиот филозоф кој развил вистински систем на мислење во кое основна црта е “жен“ – човечност. Кина која трпеливо, полека но сигурно, станува една од најмоќните цивилизации на планетава.

– Веднаш до неа, Индија, наследник на индиската цивилизација изградена врз древните индиски традиции и учења, учења за ненасилност и милосрдие, што најдобро го покажа Мохандас Карамчанд Ганди, кој, преку ненасилна граѓанска непослушност, ја ослободи Индија од колонијалните стеги, ја доведе до независност и, поттикна движења за права и слободи ширум светот. Почесно именуван како Махатма, што значи великодушен, достоинствен.

– Потоа, исламската цивилизација, во Иран, Ирак, Либан, Египет… и останатите мнозинско исламски држави, чиј заеднички именител е вистинскиот, кооперативен, а не радикалниот, исклучив ислам, што некој однадвор го создава. Цивилизација изградена врз древните традиции и учења во Персија, Месопотамија, стариот Египет… Цивилизација на еден Мухамед ибн Муса ел – Хорезми, персиски математичар, географ и астроном, кој со воведување на арапските бројки во математиката, ја вовел современата бројчена нотација.

– Па, цивилизацијата на африканскиот континент, или цивилизација на глобалниот југ, на која колонизаторите и трговците со робови не и дозволувале да се развива и систематски ја уништувале. Цивилизација заснована на древни учења и традиции, чиј ластар е и Нелсон Ролихлахла Мандела, човекот кој го победи бруталниот систем на апартхејд и стана глобален симбол на социјална правда и будење надеж.

– Источнохристијанската цивилизација, на темелите на источното богоцентрично христијанство,изградена врз учењата и традициите на древната македонска империја, преку Византија до денешна православна Русија како најголема православна земја. Цивилизација на недоброј умови, писатели, мислители, научници, уметници… за чие споменување ни требаат стотина вакви текстови. Само за еден од нив, на пример, Павел Фокин ќе рече – Достоевски ни е потребен и денес, за модерниот човек повторно да го пронајде своето јас.

– Јужноамериканската цивилизација, која беше безмилосно уништувана од конквистадорите, освојувачи, но која и покрај се’, хибридно се развива врз основа на традициите и учењата на древните цивилизации на Маите, Инките, Ацтеките… и вредностите на западното христијанство. Цивилизација на Борхес, Маркес…

ЦИВИЛИЗАЦИИ СО АНТИЦИВИЛИЗАЦИСКА СПРОТИВНОСТ

– Еврејската цивилизација, длабоко вкоренета во традициите и учењата на древните Израел и Јудеја, во јудаизмот, како една од првите монотеистички вери и една од најстарите религиозни традиции кои се применуваат денес, цивилизација која дала недоброј научници, мислители, уметници… Цивилизација прогонувана и уништувана низ вековите, која, за жал, од создавањето на ционизмот во 1897 година, како секуларен еврејски национализам, започнува со обид за уништување на останатите цивилизации, посебно христијанската и исламската.

Современиот ционизам кој деновиве, најсурово и најнечовечки уништува се’ пред себе во Газа, Јужен Либан, просторот на Блискиот исток и пошироко… безмилосно убива невини деца, жени, медицински и хуманитарни работници, кој не ја признава ниту ООН, чиј генерален секретар го прогласи за “персона нон грата“, ја влече еврејската цивилизација длабоко во нејзината антицивилизациска спротивност.

– Западнохристијанската цивилизација изградена врз традициите и учењата на западното Римско царство, на западното човекоцентрично христијанство, цивилизација која, покрај своите проблесоци и достигнувања кои се недоброј, а со кои го задолжила целиот свет, за жал, често добива антицивилизациска спротивност.

Погромот на Евреите во 15-от и 20-от век со милиони недолжни жртви; инквизицијата во која, за жал, со папски благослов, со суровост што не можеме ниту да ја замислиме, се измачуваат и се убиваат милиони “еретици“; “ловот на вештерки“ во кој, на клада живи се палат невини жени за да умрат во страшни маки; колонијализмот како понижување и измачување на туѓи народи и грабеж на нивното богатство; нацизмот, како најсовремено антицивилизациско “достигнување“, кој, за жал, денес диши со полни гради; извитоперените (не)морални норми за уништување на традиционалните вредности – децата, семејството и нацијата, во сопствената, но, двојно поинтензивно, уништување на тие вистински вредности во останатите цивилизации … се дел од нештата кои западнохристијанската цивилизација, денес самопретставена како “елитен цивилизациски клуб“ на земјите од ЕУ, ја водат длабоко во нејзината антицивилизациска спротивност.

– Северноамериканската цивилизација, која, уште во самото свое создавање, се гради врз антицивилизациски принципи. Имено, додека сите останати цивилизации се градат врз темелите на своите претходници, врз темелите на затекнатите древни цивилизации, северноамериканската цивилизација се гради со уништување на постојните, древни цивилизации на црвениот човек, со уништување на, од освојувачите наречени, индијански племиња и нивните традиции и учења.

Од тој период, од периодот на протерувањето и уништувањето на домородното население, е воспоставен терминот “Пат на солзите“ и, за жал,  уште недоброј такви “патишта“, од тогаш до денес, “изгради“ северноамериканската цивилизација ширум светот.

Својот антицивилизациски “напредок“ го продолжи со современото робовладетелство, во кое, црниот човек, кој се продаваше и купуваше како стока, кој живееше заедно со стоката како роб и, беше измачуван и убиван без право на човечки живот, беше создавач на благосостојбата на белиот робовладетел, не така одамна.

Денешниот претставник на северноамериканската цивилизација се Соединетите Американски Држави (и нивниот приврзок, Канада), кои, и покрај се’, имаа можност да се ослободат од тешкото бреме на измачувањата и уништувањата на црвениот и црниот човек како најцрно наследство, кога тогашниот претседател Џон Кенеди во еден свој говор јасно истакна  “…зборувам за мир, ни треба мир, но не Пакс Американа кој го наметнуваме со оружје. Не ни треба мир само за Америка, ни треба мир за сите мажи и жени во светот…“

Недолго после ова, Кенеди беше убиен во Далас, со штедро учество на американските служби, а САД, од тој ден, започнаа десетици војни, државни удари, обоени револуции… со еден збор, крвави обиди да ги уништат останатите цивилизации. Со тоа, САД потонува уште подлабоко во својата антицивилизациска спротивност.

Значи, шаховската табла е поставена, фигурите се наместени и, судирот на цивилизации, кој, како што би рекол Хантингтон, секако ќе доведе до “осмислување на светскиот поредок“, е веќе започнат. Секој има право да се определи според сопствената размисла – на благородната цивилизациска, или црната антицивилизациска спротивност. Еден ден, доколку после овој судир, човештвото воопшто опстане, историјата ќе ни суди на сите нас.

(авторот е претседател на МААК)