Страшо АНГЕЛОВСКИ
Читам и не ми се верува. Толку се бедни во фантазијата и неинвентивни во докажувањето дека опозицијата на чело со Мицкоски, преку попречување на “европскиот пат“, ќе го “прекројувала повеќевековниот стратешки курс на државава“, кој, најверојатно, според нивните папагалски мозочиња, го зацртала баба Ванѓа, предвидувајќи дека ќе се формира Европската Унија и дека македонските борци ќе гинат со идејата Македонија да стане нејзина членка, што веќе не се ни смешни.
Бидејќи, очигледно, Мицкоски извонредно успешно го крие и не им дозволува да допрат до “пеколниот план“ за “прекројување на вековниот стратешки курс на државава“, на празноглавите папагали кои освен празните фрази “европски пат“ и “европски вредности“, ниту знаат ,ниту можат да понудат или направат штогоде конкретно за иднината на Македонија, ќе им го објавам тајниот пеколен план на “антиевропската“ коалиција “За обнова на Македонија“ со кој, “нормално“, ќе ги поткопа и уништи, веќе, нели, одамна започнатите преговори со Европската Унија. Тоа ќе го стори сега и веднаш, пред да го отвориме седмото или осмото, не знам веќе кое по ред, поглавје во преговорите, што успешно течат уште од времето кога Заев, Димитров и Османи се “клештеа“ во владиниот авион по “добиениот“ датум. И, мора да го стори час поскоро заради страв од можноста успешно водените преговори да завршат во најкус можен рок, па дури и многу порано од нивните “воздржани“ изјави, па наместо дури во 2030 година, Македонија веќе до крајот на годинава да стане рамноправна членка на Унијата.
Со тоа, Мицкоски и опозицијата, не само што ќе го сопрат “европскиот пат“ и “европската иднина“ на “нашата земја“, туку и ќе ги погазат идеалите на генерациите Македонци кои се бореа и гинеа со големата идеја за “нашата земја“ во ЕУ и НАТО. Така, наспроти френетичните заложби на Османи, Груби, и останатите министри во оваа Влада за зачувување на Илинденските и АСНОМ-ските идеали, токму “антиевропскиот“ Мицкоски и коалицијата заедно со него, ќе бидат тие кои ќе го избришат Илинденскиот и АСНОМ-скиот карактер на “нашата земја“.
НАЈВАЖНИТЕ ТОЧКИ ОД “АНТИЕВРОПСКИОТ“ ПЛАН
За да се разбере целата “антиевропска“, па дури и вешто скриена “антимакедонска“ позадина на тајниот план на Мицкоски и опозицијата, секоја точка мора да се чита внимателно. Ќе ги нафрлам точките без да бидам сигурен во редоследот на нивна реализација, но, претпоставувам дека најпрво ќе биде затворена успешната фабрика за електрични автомобили во тетовските ледини, за која државата одвои “скромни“ средства, а “проевропските“ елементи го избркаа германскиот партнер заради неговата “проруска“ определба. Така, за почеток, ќе немаме со што да се движиме по “европскиот пат“. Потоа, ќе бидат минирани тукушто изградените автопатишта од Кичево до Охрид и оној кон Блаце, па, макотрпно изградените брзи врски кон ЕУ, ќе бидат прекинати. Ќе бидат протерани од државава Гугл и Фејсбук, а нивните нови, тукушто изградени грандиозни деловни простории ќе бидат урнати до темел, за да се прекине и таа врска со Европската Унија. Следна ќе биде патеката за Формула 1 трките, заедно со сите пратечки содржини, која ќе биде преорана, за да се оневозможи наплив од европски туристи присутни на трките.
Во меѓувреме, додека се подготвуваат и другите потези од “антиевропскиот“ план, на народот ќе му се удри еден добар ќотек, како докажана европска вредност на поранешниот генерален секретар во Владата на “нобеловецот“ Заев, Рашковски и, според неговиот урнек, ќе се подготви акциски план, според европски стандарди, за успешно спроведување прослави со мекици за дечињата, заради собирање по неколку стотини илјади евра.
За да ги свртиме и европските Зелени против “нашата земја“, на пример оние на Бербок, па да ги расипат односите со “зелените“ на Груби, ќе биде заклано тренираното магаре за кое се потрошија “скромни“ стотина илјади евра, па барем оној еден “ентузијаст“, кој јавајќи на него веќе ќе беше “влезен“ во ЕУ, за жал, ќе остане без таа уникатна можност.
Потоа, нормално, ќе биде урнат и новиот клинички центар кој е веќе изграден на повеќе непознати локации утврдени од “проевропскиве“ градители. Па, нели, ионака веќе сите се лечат бесплатно по болниците ширум Европа. Потоа, ќе бидат забранети сите Универзитети во државава кои последниве неколку години со несебична помош на Владата, се пробија на првите 100 места на Шангајската листа, за да го намалиме, од “нобеловецот“ и неговиот уште поелоквентен наследник од Харвард, подигнатиот врвен квалитет на високото образование, а ќе бидат запалени и сите учебници што редовно, секој 1 септември, свежо отпечатени, им се делат на учениците.
За жал, пред да ги прочитам последните неколку странички од “пеколниот“ план, во просторијата влезе Мицкоски, триумфално држејќи во раката авионски билети за лет кон исток. Преку земјата на источното изгрејсонце, Јапонија, до, не видов најдобро, некој од градовите на источниот американски брег.
Навистина жалам што не можам да им ги откријам сите точки од планот, но, претпоставувам дека и ова е премногу за нивните папагалски мозочиња. Ионака не можат повеќе да разберат.
За да нема недоразбирање, јас лично сум за проектот – Европа од Лисабон до Владивосток, како сојуз на суверени, економски моќни, политички независни, достоинствени држави. Проект, кој доколку беше реализиран ветуваше благосостојба за сите негови членки – државите и народите во Европа. Проект кој ќе овозможуваше евтини енергенси за европските стопанства, заеднички пазар со уште 200 милиони луѓе, безбедност на просторот меѓу двата океани и, со тоа, мирен развој на европските држави. За жал, овој проект единствено не се совпаѓаше со американските империјалистички и неоколонијалистички аспирации, па беше сопрен во 2014-та, со насилната промена на легално избраната власт во Украина и инсталирање на следбениците на Бандера и слатките крофни што Викторија Нуланд им ги делеше на оние што соборуваа легално и демократски избрана власт.
Од тогаш наваму се’ е веќе познато, само останува еден ден да се сумира штетата што ја трпат и допрва ќе ја трпат токму европските и “проевропските“ држави.
Зашто, на крајот, со прстот во уста, ќе се владееме според легендарното – јадете крофни ако немате леб.
(авторот е претседател на МААК)