Страшо АНГЕЛОВСКИ

Бидејќи, за разлика од сите останати посткомунистички држави во Европа, Македонија и после четврт столетие самостојност не успеа да се  извлече од живата кал на југословенското комунистичко и  удбашко минато, сега, не смееме да глумиме изненадување од она што ни се случува последниве четири години.

Дваесет и пет години “ѓубрето“ го криевме под тепих, не сакајќи да ги расветлиме најтемните странички од македонската историја и да расчистиме со злосторниците и нивните злосторства, дваест и пет години глумевме дека внуците на УДБА и децата на црвената буржоазија ги заборавиле крвавите аманети на своите дедовци – смрт за сите што се залагаат за независна Македонија. Им дозволивме со криминална приватизација да го украдат заедничкото богатство, она богатство што со крв и пот го создавале генерациите Македонци, па така да се етаблираат како неолиберална финансиска олигархија во државава. И, наместо да се изврши ревизија на приватизацијата, да се затворат криминалците и да им се одземе имотот, им дозволивме со криминално стекнатото богатство да ја финансираат “подземната република на УДБА“, која, за жал, никогаш не престана да живее.

Наместо тоа, некој “се сети“ дека е добро да се формира и финансиска олигархија на десницата, која финансиски ќе стои зад десничарската идеологија, идеологијата на независност и сувереност, па, на луѓе, не знам од кого одбрани, но, најверојатно блиски до власта им се овозможи да се збогатат преку ноќ. Законски, полузаконски и незаконски. И, нормално, токму тие се покажаа како најслабата алка во борбата за зачувување на независноста и сувереноста.

А, “подземната република на УДБА“ непречено и штедро финансирана работеше на своја целосна консолидација. Анационална, каква што е, си најде и надворешни господари на кои ќе им слугува а кои ќе ја штитат од гневот на огромното мнозинство незадоволници. Во старите црни тефтери ги внесуваше сите “неподобни елементи“ класифицирани под графата “борци за независна Македонија“, а за кои беше наменета дисциплината “јадење живи луѓе“, јавно најавена пред пет-шест години.

Новокомпонираната десна олигархија беше следена во чекор и секоја нејзина грешка беше внесувана во црните тефтери, за да потоа со старите методи на нивните дедовци и’ вршат уцени, закани, заплашувања,монтирање на судски процеси, употреба на лажни сведоци… во справување со “непријателот“.

И, на 27 април, се случи долго подготвуваното злосторство. Штедро финансирани одвнатре и од надвор, обучувани во шаренореволуционерни хулигански кампови, поддржани од отпадокот на таканаречената меѓународна заедница, како Јоханес Хан и Федерика Могерини, на 27 април ја украдоа државата. Ја украдоа од рацете на граѓаните, од рацете на оние на кои им припаѓа, на оние кои ја граделе, ја бранеле, ја создавале. Ја украдоа незаконски, неуставно, неделовнички, криминално создавајќи ново парламентарно мнозинство. Се’ понатаму е веќе добро познато.

Фрустрирани од реалноста дека десеттина години далеку од власта, ги немаа привилегиите на кои беа навикнати како црвенобуржоаски деца, а за кои се’ уште сметаат дека им се од бога дадени, заветени на аманетот на своите дедовци за вечна борба против сите кои се залагаат за независна и суверена Македонија, го започнаа својот крвав пир. Па откако ја украдоа државата, ги крадат и туѓите животи, ги крадат за да ги уништуваат. Како во, за нив, добрите стари голооточки времиња од средината на минатиот век.

Па според онаа старата – “ако ти си ја печалел куќата тешко ќе ни оди пазарот, ама ако лесно си ја стекнал, лесно и ќе ја продадеш“, редица купувачи на македонските вредности, се настрвија од сите страни. Бидејќи никогаш ниту едно камче не ставиле во заедничката куќа наречена Македонија, започнаа со распродажба на украденото, со распродажба на татковината. И нормално, украденото ја нема цената на заработеното, на стекнатото, па, со договорот од Преспа го продадоа името, идентитетот и достоинството како нешто безвредно, како нешто што како украдено им ги гори рацете и сакаат час поскоро, пошто-зошто да се ослободат од него. Со договорот со Софија, само ја продолжуваат распродажбата на украденото.

(И сега, мала дигресија – како да  препознаете крадец? Едноставно, крадецот нема ниту морал ниту чест, ниту достоинство и доблест, за него злосторството е достигнување, туѓото страдање е негово задоволство, туѓата мака негова радост, па тој постојано се “клешти“ како “нетокму“ додека другите плачат, се радува како “заминат“ додека другите тагуваат.)

По редот на нештата, откако го продадоа украденото – државата, името, идентитетот, достоинството, историјата, јазикот, откако македонското државјанство го сведоа на  сметка за платени комуналии или заверен рецепт за “Вијагра“, се навратија и на вториот дел од референдумското прашање од 1991 година. Оној дел кој беше вметнат токму заради нив, вљубениците во Југославија, или поточно, вљубениците во несамостојна Македонија па каква и да е, а кој, еве денес, ќе им го овозможи “Малиот Шенген“, или “Шенгенчиќ“, како што веќе подсмешливо го нарекоа.

Но, откако на средбата се појави, за умот на продадените души, “Големиот Александар“, Сорос, се разбира,“газдата“ на таканаречениот Западен Балкан, сопственикот на се’ што е отворено, или што тој го отвора со своите крвави пари, “Малиот Шенген“ волшебно се престори во “Отворен Балкан“, сонот на вљубениците во “асиметрична федерација“ од 91-та.

Токму затоа, деновиве воочи Илинден, ќе запишам – не е време за “комитлуци“ и “војводствувања“ – дојдено е времето да се заветиме дека ќе почнеме со расчистување. Дека најпрво ќе расчистиме со каколот меѓу нас, а дека потоа најжестоко ќе ги казниме крадците, оние кои ни ја украдоа државата. Оние кои како украдена, секојдневно ја рапродаваат.

Да се заветиме дека државата ќе им ја вратиме на вистинските сопственици, на граѓаните, дека ќе им го вратиме украденото достоинство и чест, дека ќе им ги вратиме украдените животи.

Некако како да е пишано, се’тики на Илинден да ги почнуваме битките за Македонија, од Херонеја, преку Крушево и Прохор Пчински, до ден денешен. Нека е за многу години.

Страшо Ангеловски

Претседател на МААК