Страшо АНГЕЛОВСКИ
За да знаете за што зборувам сенаторе, ќе ви го објаснам “европскиот пат“ на мојата генерација некаде во осумдесеттите години од минатиот век. Започнуваше некаде околу пладне на железничката станица во Скопје, или кој кај ќе се качеше патем во преполниот воз. Траеше дваесеттина часа, се’ додека возот не ја поминеше целата територија на тогашната СФРЈ, последна, најблизу до западот, Словенија, со вагоните во кои пишуваше “за кадилце“ и “за некадилце“ (пушачи и непушачи), бидејќи тогаш уште ги немавме осознаено западните вредности како што е дрогата, па чадевме од тоа цигарите и во затворени простори.
“ЕВРОПСКИОТ ПАТ“ – ТРСТ ВИА СКОПЈЕ
Последно “наше“ место беше Сежана, па преку италијанската гранична контрола на Вила Опичина конечно влегувавме во Европа, а со пристигнувањето во Трст веќе го завршувавме тој дел од “европскиот пат“. И, во бифето на железничката станица порција кисела зелка со колбас, под будното око на италијанските “карабињери“, распетлани во кошулите, со подзасукани ракави, со долги коси и бради. Прво соочување на нашите млади умови со “западната демократија“, наспроти нашите “милицајци“, во костуми испеглани со рабови на кои “и мува ќе се исече“, стегнати до гуша со вратоврски, уредно избричени и потстрижени, вистински примери на недостаток на “демократска култура“.
Штом ќе излезевме од железничката станица, започнуваше нашето “освојување“ на Европа и соочување со нејзиниот “демократски“ напредок. Најпрво во бутикот “Џовани“, пред чиј влез постојано мрзеливо се излежуваше еден голем црн пес, кој всушност да ти бил чувар на “вредностите“ во бутикот, “фармерките“ 501 од, како што ние, од оваа страна на културата, се’ уште си ја нарекуваме “Левис“ програмата. Потоа, трчаница до пазарчето Понте Росо, до каналот, веднаш под продавницата на “Дарвил“. Таму се полнеа торби со шарени партали, најчесто маички на кои пишуваше “I LOVE AMERICA“, нормално, не дај боже, за пропагандни цели. Па, шарени конзерви на Кока Кола во едната рака и кибрити со фосфорни глави во различни бои кои се палеа на допир со било што, а посебно со високите потпетици од чизмите “каубојки“.
И така, стегнати во фармерките, со шарените маички на себе, шарената конзерва Кока Кола в рака, палејќи цигара со кибритчето повлекувајќи по потпетиците од чизмите, заблудени во холивудската пропаганда од филмовите што ни ги нудеше, со подзинати усти го гледавме Марлон Брандо во сцената со Марија Шнајдер во некој евтин хотел во култниот “Последното танго во Париз“.
ТРНЛИВИОТ ПАТ – БРИСЕЛ ВИА СКОПЈЕ
Заслепени од холивудската нашминкана последнотанговска и, кока кола потрошувачка пропаганда, на почетокот на деведесеттите, желни за “демократски вредности“, речиси сите поединечно и, организирани во политички партии (МААК од тогаш до денес се залага за демилитаризирана и неутрална Македонија, надвор од кои и да е сојузи), посакаа да станат дел од светот чија влезна порта до тогаш беше Понте Росо во Трст со неговите шарени дребулии.
Заради таа цел, сенаторе Марфи, заради “европскиот пат“ до Понте Росо, во 1995-та, под вашиот “демократски“ притисок, си залепивме смешна референца БЈРМ, се откажавме од македонското малцинство во соседните држави и, се откажавме од “сонцето што ја грее душата“, од знамето со шеснаесетзрачното златно сонце.
Во 2001-та, сенаторе Марфи, ја преживеавме војната која, преку од вас вооружени и обучени терористички групи, ни ја наметнавте, за да на крај ни наметнете “Рамковен договор“, како зло на сите зла за македонскиот народ.
Во 2004-та, сенаторе Марфи, го надоградивте злото со нова територијална поделба како вовед во идна федерализација на државава.
За да во 2018-та, сенаторе Марфи, ваши колеги политичари, од вашата земја и од европската наддржава, ЕУ, со куфери полни шарени дребулии од пазарчето Понте Росо, како ветување за убав живот во вашето “демократско“ друштво, најбезобразно го лажеа мојот народ за да прифати промена на името на државава и бришење на сопствениот идентитет. И, откако, на одржаниот референдум, и покрај сите ваши притисоци и лаги, не го прифати, вие сепак, насилно, признавајќи го неуспешниот референдум, “демократски“ го реализиравте замисленото.
ВО НЕДОСТАТОК НА СРАМ, НИ НУДИТЕ АРОГАНЦИЈА
И денес, сенаторе Марфи, вие, за кој не знам дали пред да се качите на авионот за наваму, воопшто сте чуле за Македонија и Бугарија, натоварен со ароганција и со куфери полни шарени дребулии од Понте Росо, како што е брз економски раст, високи плати, повеќе американски компании во државава, доаѓате да не лажете за уште само едно “техничко чекорче“ на европскиот пат – да си го смениме Уставот на државава. Ами, да ви кажам, еднаш, пред пет години, веќе не’ лажеа со истиве работи, ни ветуваа и забрзан раст и високи плати и… Па, навистина ли не сметате за малоумни, сенаторе Марфи?
Претпоставувам дека за Македонија знаете колку онаа несреќна пратеничка од СДСМ, која за Руслан Стефанчук, спикерот на украинскиот парламент, мисли дека е Олександар Турчинов и дека привремено ја извршува и функцијата Претседател на Украина, па гордо, на социјалните мрежи, го споделува своето срамно незнаење под својата фотографија со него.
Доколку пак, пред да тргнете наваму, сте се потрудиле нешто да дознаете од учебникот по географија што го отпечати оваа неспособна Влада, најверојатно немаше да успеете ниту на карта да не најдете нас и нашите соседи – на исток Албанија и, на запад Бугарија – или ќе моравте да ја гледате картата наопаку.
Ако пак сакавте да научите дел од нашата историја за да може да арбитрирате во нешто што воопшто не е ваша работа, најверојатно сте се подучиле од “научните“ излагања на Заев во кои вели “Цар Самуил је пуно шетао, и Кирил и Методиј су радили исто такве ствари“. Доволно за да се запознаете со нашата милениумска историја и бесрамно да ни вршите притисок. “За грев“ – велеше баба ми.
Затоа, фатете си тоа авиончето и, назад во вашата земја, зашто можеби токму вашиот глас недостасува за да изгласате уште повисок “плафон на задолжување“ на вашата веќе пред банкрот, најзадолжена земја во светот, изразен во стотици трилиони, можеби во скора иднина, невредни зелени хартиички.
И да, заборавив, се заканувате со влошување на односите меѓу Македонија и вашата земја доколку не ги спроведеме уставните измени. Којзнае, можеби многу скоро ќе воспоставуваме вистински стратегиски односи со Република Тексас, со Република Ново Мексико, со Република Флорида… на јазикот кој го зборуваат повеќе од 20 проценти од граѓаните во нив.
На крајот, ни велите дека Русија е сериозна закана на светските демократии. Најверојатно мислите на оние демократии кои ги бомбардираа СР Југославија, Ирак, Либија, Сирија… Демократии претставувани од вашиот колега, сенаторот Линдзи Грејем од Јужна Каролина, кој во разговорот со комедијантот Зеленски вели дека “смртта на Русите е најуспешно трошење на американските пари као дел од помошта на Украина“.
Во својот наплив на “демократија“ ќе потврди: “Русите умираат. Никогаш не сме трошеле пари толку добро“.
“Хумано“, “цивилизациски“ и “демократски“, нема што. Господ да ни е на помош, бидејќи тоа се вистинските морални вредности на вашата земја.
И, сосема на крај. Реџеп Таип Ердоган, и покрај сите напори на вашата земја, е повторно избран за претседател на Турција. Се’ уште ќе нема влез за вашите воени бродови во Црното Море за да може да провоцирате и да предизвикате воен судир од невидени размери. Ќе ве потсетам на неговите зборови од 2016 година, после неуспешниот обид за државен удар и негово ликвидирање помогнато од вашата земја.
“Полошо нешто од тоа Америка да ви биде непријател, е само тоа, Америка да ви биде пријател.“
(авторот е претседател на МААК)