Страшо АНГЕЛОВСКИ
Според политичката теорија и практика најдобра Влада е онаа која најмногу се грижи за интересите и потребите на оној што ја избрал. Ги заштитува и унапредува неговите интереси и потреби, гради стратегија за внатрешен развој и, уште повеќе, за меѓународните односи, геостратегиските поместувања и геополитичките и геоекономските состојби, а во согласност со интересите токму на оној што ја избрал. Со еден збор, добрата Влада станува слуга на оној што ја избрал.
ВЛАДИТЕ НА ОРБАН И НА ГРУБИ – НАЈДОБРИ ВО ЕВРОПА
Вака гледано, во Европа можеме да препознаеме две Влади за кои можеме да речеме дека се далеку најдобри од сите останати. Тоа се Владите на Виктор Орбан и на Артан Груби (чиј подизведувач на работите е заталканиот Димитар Ковачевски). Според она што го зборуваат и прават, токму овие две Влади работат најпосветено во интерес и за потребите на оној што ги избрал.
Виктор Орбан веќе со години се спротивставува на наддржавните одлуки на инсталираната европска наддржава, цврсто борејќи се за сувереноста на сопствениот народ и сопствената држава и, носејќи одлуки токму во нивни интерес, во интерес на граѓаните кои го избрале и му ја довериле власта. Тој единствен беше (не навлегувам во исправноста на руската воена операција во Украина, бидејќи секој нормален човек е противник на војната каква и да е) против воведувањето санкции кон Русија, не затоа што, како што се обидуваат да му накалемат, е проруски политичар, туку затоа што ја согледа опасноста за сопствената држава и за целата Европска Унија од нивното воведување.
Па така, Орбан ќе рече “мислев дека ЕУ со воведувањето санкции си пукаше во нога, но, за жал, си пукаше во гради и наскоро ќе остане без воздух“, што, за несреќа на европските граѓани, веќе се случува. Деновиве, во интерес на оние што го избраа и донесоа на власт, граѓаните на Унгарија, тој го одби двојно поскапиот американски гас и потпиша нов договор за снабдување со руски гас. Исто така, го одби осмиот пакет санкции, свесен дека ќе му наштетат токму на неговите граѓани.
Со еден збор, за него и за неговото сфаќање на политиката, европските и евроатлантските интереси и, интересите и потребите на нивниот газда САД, се далеку под интересите и потребите на оние кои го избрале и на кои им слугува – граѓаните на Унгарија. Со тоа, тој станува најдобриот слуга токму на оние кои го избрале – граѓаните на Унгарија и нивните интереси и потреби.
Од друга страна, Владата на Артан Груби, позната како Влада на Зоран Заев, го потпиша договорот со Атина и се подготвува да го потпише и договорот со Софија. Два уништувачки договори за македонскиот народ и македонската држава.
Истата Влада, со подизведувачот Ковачевски, меѓу првите и најжестоко се справи со руската “опасност“ забранувајќи концерт на руски песни и руски автори; забранувајќи отварање трансакциски сметки во банка на луѓе само затоа што случајно биле родени во Москва (при службен престој на нивните родители Македонци); давајќи “силна“ воена поддршка на Украина, вклучително и единствените воени авиони; протерувајќи руски дипломати и воведувајќи се што во себе го содржи зборот “санкција“; повикувајќи на поголема воена помош за Украина, што значи натамошно интензивирање на војната, наместо напори за дипломатско решение…
Истовремено, заради беспоговорно воведените санкции, на Македонија и се заканува недостаток на нафта и гас и нивно поскапување до незамисливи граници, што е веќе започнато. Со тоа, на Македонија и се заканува спирала на инфлација која може да биде уништувачка како спирала од торнадо за една мала економија како нашава. Студената зима и сиромаштијата чукаат на вратата на речиси секое семејство во државава, а Владата на Груби им нуди “потенок млаз вода при туширање“, подебели џемпери во постудени соби, исклучување на климите во жешко и на грејните тела при студ… Им го нуди пеколот на сиромаштијата и страдањата, наместо ветуваниот рај во предреферендумската пропаганда за продажба на името и идентитетот.
СЛУГИТЕ НА САД ПРОТИВ СВОЈОТ НАРОД
Читајќи го ова, некој можеби ќе се зачуди зошто за Владата на Груби говорам како за можеби и најдобрата во Европа. Па, затоа што по секоја цена, по цена на губење на државата и идентитетот, по цена на распад на економијата, дипломатијата, одбраната… по цена на целосно осиромашување на сопствените граѓани, по цена на предвидливи катастрофи, по цена… таа на најдобар можен начин одработува за оној кој ја избрал. Ги штити неговите национални интереси и потреби повеќе од него самиот и повеќе отколку што треба. Така, станува вистински слуга токму на оној што ја избрал, со што може “да се гордее“.
Се разбира, вистински слуга на САД, на неговите евроатлантски интеграции, на неговите геостратегиски потреби во обидот да го зачува униполарното владеење со светот. Вистински слуга на САД, бидејќи тамошната администрација ја избра и насилно ја накалеми оваа Влада, како впрочем и повеќето Влади во Европа, за што Асанж веќе најавува конкретни докази. Па тие, европските инсталирани Влади, заедно со онаа надевропската, ЕУ, се натпреваруваат кој ќе се вовлече подлабоко кај американскиот господар. Владата на Груби со подизведувачот Ковачевски, во таа смисла, е најдалеку отидена, па, веројатноста последна да се извлече од таму е исклучително голема.
Токму затоа, за да не се удави државава во туѓиот измет, час поскоро се потребни вонредни парламентарни избори, дедуизација и дезаевизација како единствен излез (веќе најавени на вонредните локални избори во Тетово) и, формирање нова Влада која ќе има една обврска – креирање автентична државна политика според потребите и интересите на сопствените граѓани, а не според насоките од Брисел и Вашингтон. Влада која ќе сфати дека слугувањето на сопствените граѓани, наместо на туѓите интереси е единствена опција за секоја суверена држава, се разбира, доколку воопшто сакаме да бидеме тоа.
Се’ друго ќе биде погубно за нашето постоење и нашето битисување, бидејќи, еден од најугледните светски магазини, “Форбс“, официјално започна да си игра мајтап со американските послушници во Европа, пишувајќи дека заради енергетската криза како резултат од воведените санкции под притисок на САД, веќе се наоѓаат во ситуација слична, или полоша од состојбата на “земјите во третиот свет“. Дека европските држави, официјални американски послушници, а за Македонија и да не зборуваме, се наоѓаат на рамниште на “земјите во развој“.
За жал, послушниците и слугите на туѓите интереси така завршуваат – во изметот кој газдите им го сервирале како десерт.
(авторот е претседател на МААК)