Страшо АНГЕЛОВСКИ
Читам деновиве дека веќе догодина ова време сите во државава ќе мора да ги менуваме личните документи за да во нив се содржи името на новоформираната држава произлезено од антицивилизацискиот договорот со Атина. Според договорот со кој Република Македонија се најде под “гарантна окупација“. “Гарантна окупација“ е термин кој означува обврска на “нашата страна“ да спроведе се’ од потпишаното и, можност, “нивната страна“ да се меша во внатрешните работи на државава се’ до исполнување на сите од нив наметнати обврски. Но, се разбира, и вековна контрола врз сите процеси во државава да не би да нешто некогаш во иднина излезе од контрола на окупаторите.
Ова, за жал, е последниот чин во процесот на одмакедончување на Македонците кој започна со насилната окупација од страна на неуставното парламентарно мнозинство пред шест години.
Најпрво, внатрешните окупатори го потпишаа антицивилизацискиот договор со Атина со кој на Македонците им беше забрането да си ја именуваат државата со нејзиното вековно име кое произлегува токму од нивното постоење како нејзин суверен.
Во поткрепа на оваа забрана го избришаа и македонскиот идентитет на граѓаните Македонци за да биде елиминиран суверенот (народот) од чие постоење произлегува името на државата и, му доделија идентитет на три коси црти.
Заради успешно бришење на македонскиот идентитет ја забранија македонската историја од антиката до средниот век, дури и со физичко бришење на симболот на македонското постоење во тој период (брусење на шеснаесетзрачното сонце од шахтите и негова забрана за јавно користење со закани од судски процеси).
Во меѓувреме, работат на забрана на македонската историја и нејзино “добрососедско примопредавање“ на друг за периодот се’ до 1945 година (многу веројатно е дека тој период ќе се прошири се до 2018 година (“нулта година“, односно до создавањето на новиот државен субјект и новата непостоечка нација).
Забрзувањето на процесот на целосно одмакедончување на Македонците го реализираат со промени во училишните програми каде се менуваат цели историски епохи што асоцираат на нешто македонско и, бришење на последниот столб на постоењето на македонскиот народ – Охридската Архиепископија како Македонска Православна Црква.
Го избришаа зборот МАКЕДОНСКА во името на која и да е јавна институција од областа на културната и научната дејност.
Значи, новите документи со новото име на државата и новиот идентитет на граѓаните Македонци, издадени од внатрешните окупатори (ова не важи за останатите граѓани – Албанци, Турци, Срби…) ќе го заокружат внатреокупаторскиот процес на одмакедончување на Македонците и тие, официјално, во ниту еден пишан документ нема да продолжат да постојат како Македонци.
ОНА ШТО НЕ ИМ УСПЕА НА СОСЕДНИТЕ АСИМИЛАТОРСКИ ПОЛИТИКИ…
Големодржавните асимилаторски политики низ вековите се обидувале да ги одмакедончат Македонците и да го избришат нивното постоење. Па така, во време на нивно “администрирање“ со Македонија, или со нејзини делови:
Забранувале користење на името Македонија и македонскиот идентитет за нејзините граѓани Македонци;
Ја забранувале македонската историја во сите нејзини периоди и ги забранувале симболите кои ја карактеризирале, се разбира, со закани со судски процеси;
Забранувале во училиштата да се учи што и да е што асоцира на македонското постоење – македонската историја и култура а најстрога забрана за користење на македонскиот јазик;
Забранувале постоење на културни и научни институции како македонски институции, на македонскиот народ;
Го забранувале постоењето на Македонската Православна Црква, односно ја приграбувале за себе и сопствените асимилаторски интереси;
Во државните документи, личните исправи и при спроведените пописи забранувале користење на името Македонец и терминот македонски и, граѓаните Македонци ги именувале според сопствените потреби;
… ИМ УСПЕВА НА ВНАТРЕШНИТЕ ОКУПАТОРИ
Доколку внимателно ги прочитаме методите на надворешните “администратори“ за одмакедончување на Македонците и ги споредиме со методите на актуелниве внатрешни “администратори“, неуставно инсталирани како власт во Република Македонија, нема воопшто да најдеме разлика. Методите, на едните и на другите се сведуваат на бришење на македонското постоење како конечна цел поддржана од големите европски сили.
И додека надворешните “администратори“ нескриено работеа на одмакедончување на Македонците, јавно тврдејќи дека тие не постојат и дека се измислени, со цел да им ја приграбат историјата, културата, јазикот, црквата и територијата и, да го избришат нивното постоење, внатрешниве окупатори подмолно подзаскриени зад “европскиот пат“ и “антируското влијание“, како верни слуги на големите европски сили (оние кои ја поделија Македонија во 1913-та и денес не можат да се помират со нејзиното постоење), “за 5 стотинки“ ги продаваат Македонија и македонскиот народ и го заокружуваат процесот на нивно бришење.
За среќа, ниту еден окупатор не останал вечно на окупираната територија, туку бил протеран со силата на окупираниот народ.
Тоа, многу скоро ќе биде и судбината на внатрешните окупатори – силата на народот ќе ги отфрли, а потоа и заслужено ќе ги казни. Секого според сторените злосторства против сопствениот народ.
РЕД ДВА ЗА ЦРВЕНИТЕ КМЕРИ…
Во 1976 година, во Камбоџа, на власт доаѓа Пол Пот со неговите “Црвени кмери“. Меѓу другото, во трите години владеење, до 1979 – та, ги урива сите културни споменици и се’ што асоцирало на дотогашното постоење и дотогашната култура и историја на Камбоџа, со што го брише дотогашното вековно постоење на Камбоџа и воведува “нулта година“, или година од кога започнува, според неговиот монструозен ум, камбоџанското постоење.
Да не должам, во 1979 година Пол Пот избегал а режимот на Црвените кмери се распаднал. Умрел во 1998 година од срцев напад додека бил во домашен притвор.
Ова, нека им биде пример на сите оние кои во своите монструозни планови се обидуваат да избришат народ, држава, историја, култура… и да воведат “нулта година“ во нивното постоење. Зашто, силата е во народот, додека режимите се распаѓаат, а срцето попушта во домашен притвор…
(авторот е претседател на МААК)