Страшо АНГЕЛОВСКИ

Според зборовите на францускиот историчар Ален Ришо, во книгата “Историја на колонизацијата“, објавена на крајот на 19 век, “цел на секоја политичка акција во колонијата треба да биде препознавање и искористување на употребливите локални елементи и, неутрализирање и уништување на оние кои не може да се употребат“.
Во моментов, во светот постои само една колонијална сила – Соединетите Американски Држави. За разлика од колонизаторите во минатото, чии колонијални цели биле земјите од Азија и Африка, конечна и најважна цел за колонизаторските аспирации на САД се земјите од Европа.

Бидејќи насилната колонизација е речиси невозможна, но и бесцелна и бескорисна, САД пред триесеттина години започнаа колонизација преку “купување“ на локалните политичари. Според “водичот за политичка акција во колониите“ на Ришо, започнаа со препознавање и искористување на употребливите локални елементи и нивно богато наградување со пари од сопствениот буџет. Подоцна, американскиот колонизаторски ум сфати дека “наградувањето“ на употребливите елементи може да го префрли на грбот на граѓаните на државата која ја колонизираат. Така започна процесот на создавање на нова владеачка класа во колонизираните држави.

КОРУМПИРАНИТЕ И КРИМИНАЛНИ ПОЛИТИЧАРИ – ВЛАДЕАЧКА КЛАСА

САД, преку своите амбасадори, современи губернатори на губерниите со кои владеат, започнаа процес на овозможување, дури и поттикнување на криминал и корупција за употребливите локални елементи, т. е. поединците преку кои ќе ја владеат колонизираната држава. Толку едноставен систем што навистина зачудува како никој до сега не се сетил да го примени.

Имено, наместо да ги исплаќа од сопствената каса, губернаторот, од позиција на моќник, ги поттикнува веќе “препознаените“ употребливи елементи, кои еден ден ќе треба да ја раководат колонизираната држава, да ја ограбуваат државната каса, односно преку наместени тендери, криминални зделки и коруптивни односи, енормно да се збогатуваат на грбот на граѓаните, ограбувајќи го државниот буџет. Притоа, грижливо водејќи евиденција за секој криминален чин и за секој украден денар, сега веќе корумпираните и криминализирани употребливи елементи, ги става на листата на луѓе кои под закана од одговорност за сторените криминали, грижливо евидентирани на компјутерите на губернаторот, ќе мора да ги исполнуваат токму неговите наредби. Така ја создаваат владеачката класа во колонизираната држава – корумпирани и криминални политичари. Тие и таквите, под закана од “темните зандани“ за сторените криминали, евидентирани во компјутерот на губернаторот, се подготвени на се’, вклучително и потпишување уништувачки договори за сопствената држава и народ, како оние со Атина и Софија, на пример.

ЕУ – НАЈГОЛЕМАТА АМЕРИКАНСКА КОЛОНИЈА

За жал, процесот на колонизација преку создавањето нова владеачка класа – корумпирани и криминални политичари, се одвива во речиси сите држави во Европа и, можеби најинтензивно, во европската наддржава, ЕУ. ЕУ како извонредна можност за американските колонизатори, како во златно трло да соберат грст корумпирани политичари преку кои, а со механизмите што ЕУ ги поседува, ги контролираат и им наметнуваат сопствени, наместо нивните индивидуални национални интереси на државите членки.

Зашто, не треба да се биде многу паметен за да се сфати дека сите одлуки што ги донесува владеачката класа во ЕУ, посебно од почетокот на руската воена операција во Украина, се насочени кон заштита на американските национални интереси, а не интересите на земјите членки. Запрашајте се само зошто Велика Британија, во договор со современиот колонизатор, кој во минатото беше токму негова колонија, итајќи ја напушти ЕУ. Така, полека но сигурно, ЕУ станува најголемата американска колонија.

А МАКЕДОНИЈА?

Во Македонија веќе подолго време сведочиме на успешното спроведување на насоките од “водичот за политичка акција во колонијата“ на Ален Ришо. Па така, губернаторот успешно ги отстранува, неутрализира и уништува “елементите кои не може да се употребат“, а преку овозможената корупција и криминал од “препознаените употребливи елементи“ создава владеачка класа подготвена на се’ што тој ќе посака. На почетокот, дури, со својот “заштитнички чадор“, на корумпираните и криминални политичари, им дава привид на недопирливост и неказнивост заради навлекување во што подлабока кал на корупција и криминал. Се разбира, заради што полесно натамошно манипулирање со нив.

И нормално, при секоја промена на губернаторот, односно при секое доаѓање нов амбасадор на САД во државава, тој најавува остра борба токму против корупцијата и криминалот. И, бадијала радоста кај оние добронамерните дека навистина ќе започне пресметката со ова зло.

Пораката на губернаторот е испратена до припадниците на владеачката класа, корумпираните и криминални политичари, дека податоците за нивниот криминал се внесени во новиот компјутер и дека мора да останат “посветени“ на барањата на губернаторот и на заштита на интересите на колонизаторот.

Порака толку јасна и недвосмислена – да извршуваат се’ што од нив ќе биде побарано.

(авторот е претседател на МААК)