Страшо АНГЕЛОВСКИ

Се’ повеќе се разгорува битката меѓу оние кои носат закони и вршат притисоци за вакцинирање против Ковид 19 и оние кои се против и по секоја цена сакаат да ја избегнат задолжителната вакцина. И, нормално, секој со своите аргументи, со своите вистини и со своите желби и потреби. Па, веќе започнаа и протести ширум светот, а конечно и кај нас, против задолжителната вакцинација.

Но, да тргнеме од почетокот за да стасаме до протестите.

Верувам дека сите се сеќаваат на почетокот на оваа криза кога се објави пандемијата. Ниту некој знаеше од каде потекнува вирусот, ниту пак со каква опасност се судираме, што, за жал, важи и до денешен ден. Или, пак, “некој“ точно знае се’, затоа што токму тој “некој“ го “произведе“ ова “чудовиште“ со кое го плаши и го управува светот и човештвото. Не одам понатаму бидејќи тогаш пишувањето ќе биде подведено под “теорија на заговор“. Иако, за да биде јасно, терминот “теорија на заговор“ го воведе ЦИА после убиството на Џон Кенеди и многубројните барања да се преиспита “докажаниот“ атентат на Освалд, бидејќи во меѓувреме излегоа многу докази дека тој не е вистинскиот атентатор. Оттогаш, секое толкување на нештата, со колку и да е докази поткрепено, а е поинакво од официјалната верзија на официјалните лица, се нарекува “теорија на заговор“. Нормално, за да не постојат поинакви вистини од “официјалната“.

Тогаш, на 26 мај минатата година напишав текст со наслов “Кризата со Ковид 19 – генерална проба за светската влада“, во кој јасно запишав дека доколку нуклеарната печурка во 1945-та беше вовед во студената нуклеарна војна која траеше се’ до деведесеттите години од минатиот век, вирусот на Ковид 19 е вовед во новата студена, овојпат биолошка војна и дека најмоќното оружје и во двата случаи е – стравот.

Од почетокот беа воведувани најразлични мерки, некои од нив оправдани, некои смешни, некои нелогични, но сите од нив успешни во едно – во еден момент сите држави, сите народи, сите религии, сите луѓе без разлика на нивото на економски, културен или каков било развој, ги прифатија препораките, или подобро речено – наредбите, донесени од некој непознат центар на моќ, небаре Светска Влада. Овие препораки, се покажа, беа исклучително успешни во една работа – за една година се изврши целосна пауперизација(осиромашување) на човештвото и, неколкукратно зголемување на капиталот на најбогатите луѓе на планетава.

Во меѓувреме започна битката во производството на вакцини за, за жал, се’ уште нецелосно познатиот вирус. Па, нивните производители веќе вкнижија на своите сметки десеттици и стотици милијарди долари, па повторно од некој непознат центар на моќ, а преку локалните власти како пренесувачи на наредбите, стаса “препораката“ за задолжително вакцинирање.

Притоа многу нешта останаа нејасни, на многу нешта не се даваат или се даваат замаглени одговори, многу дадени одговори или не се потврдија или целосно се изнегираа. Научниците се поделија во научната мисла, докторите се поделија во толкувањата, па нормално и луѓето се поделија во размислувањето.

Уште стотици страници текст не ќе бидат доволно да се напише што се’ во меѓувреме се случуваше, но вака накусо стасавме до протестите.

Стасавме до уште една поделба, до уште едно несогласување, до уште едно недоразбирање. И, едните се за “жолта лента“ на невакцинираните, за да може да бидат видливи како не би ги загрозиле вакцинираните (чуму тогаш вакцината?). Другите се за “среден прст“ покажан на оние кои притискаат за вакцинација, велејќи “ние ве оставаме вас вакцинираните на мира, да си уживате во својата заштита, оставете не нас да уживаме во стравот од можна зараза“.

Токму и на оваа тема уште стотици страници текст ќе бидат малку за да се објаснат во целост аргументите на едните и на другите, што не е цел на овој текст, а бидејќи не’ очекуваат нови протести, ќе завршам со неколку реченици.

Најпрво, мораме да разбереме дека протестите не секогаш мораат да бидат “ПРОТИВ“, против што или против кого и да е. Протестите некогаш може да бидат, а во случајов мора да бидат “ЗА“.

“ЗА СЛОБОДА НА ИЗБОР“.

Зашто како што вели Жан Жак Русо:

“Слободата на човекот не е во тоа да прави се’ што сака.

Слободата на човекот е да не мора да го прави она што не сака.“

(авторот е претседател на МААК)