Страшо АНГЕЛОВСКИ

Бидејќи секој напишан збор ќе биде премал за да се опишат личните, но и чувствата на целата нација после грозоморното убиство на немоќниот 74-годишен Панче Жежовски и уште понемоќното 14-годишно, тукушто зачекорено во животот девојче, Вања Ѓорчевска, а многумина веќе напишаа речиси се’ што можеше да се напише, јас, длабоко вознемирен од кажаното, ќе се осврнам  на прес конференцијата на министерот за внатрешни работи на која го објави апсењето на осомничениот за грозоморните злосторства од страна на турската полиција, при неговото бегство таму.

Не навлегувајќи во деталите и помалку смешните обиди на министерот да ги дозамати веќе и онака матните конструкции на нашето МВР во инаку исклучително монструозниот настан, ниту пак во вината или невиноста во, досега само осомничениот, а не и осудениот, ќе се задржам на неколку негови политички квалификации, кои кај секој нормален човек во државава влеваат страв во коски. Страв од нацистичките методи во најава, кои можеме да ги очекуваме.

ИЗБОРНАТА 2024-та – ГОДИНА НА ОПАСНО ЖИВЕЕЊЕ

           Што кажа Спасовски, што ми дава за право да помислам дека следната година може да ни се случат дури и незамисливи нешта заради кои актуелната власт може да стори се’ за да не дојде до избори, па дури да воведе и некаква вонредна состојба?

Имено, тој, видно вознемирен и нервозен, на новинарско прашање одговори дека, прво, партијата на осомничениот за убиствата, кого тој уште неосуден, го нарече “монструм“, мора да биде дерегистрирана бидејќи е “криминално гнездо“ и мора да се разбие до крај; второ, дека МВР стои на располагање за секоја индиција за да се расчистат ваквите криминални дувла, кои, преку влијанија однадвор сакале да направат дестабилизација и, трето, прашан за какви влијанија од странство се работи, тој ги посочи ставовите на осомничениот со кои директно се спротивставувал на “напредокот на државата“, односно, на “европскиот пат“.

Што значат овие три тврдења?

Прво, дерегистрација на партија значи забрана за работа на легално регистриран политички субјект, во кој, според Законот за регистрација на политички партии, членуваат најмалку илјада полнолетни државјани на Република Македонија. Забраната на една политичка партија, која и да е, која, според природата на своето постоење, е дел од креаторите на јавното мислење, е длабоко антидемократски чин, а, нејзиното означување за “криминално гнездо“ е длабока навреда за оние илјада членови кои не учествувале во евентуалните криминали или монструозни недела на својот претседател и останати три члена.

Второ, доколку министерот е сериозен во својата намера да расчистува со “вакви криминални дувла, кои, преку влијанија од надвор, сакаат да направат дестабилизација“, најитно треба да поработи на дерегистрација на СДСМ бидејќи има не само индиции, туку и цврсти докази дека работи под влијанија од надвор. Доколку не може да ја најде, еве ја пораката што поранешниот претседател на партијата, Зоран Заев му ја испратил на претседателот на ДПА Мендух Тачи, пред осум, девет години –  “Перспективите во регионот се воспоставување на соработка со тројката која ќе има големи поддршки во иднина, а тоа сте вие, Харадинај и Бериша. Затоа ме подготвуваат и повисоките НАДВОР ОД МАКЕДОНИЈА. Ве молам да разговараме. Зоран Заев.“

И трето, Спасовски побара забрана за делување на политичка партија која, според него, со своите ставови “директно се спротивставува на напредокот на државата“, односно, “на европскиот пат“. Ова е најава за најотворен “лов на неистомислениците“ на Спасовски, неговата партија и коалицијата на власт. Најава за можна забрана на сите политички партии кои им пречат да останат на власт, а за кои тој како министер ќе процени дека “директно се спротивставуваат на напредокот на државата“. Најава, од позиција на власт, за  отворена пресметка со сите кои размислуваат различно од нив.

“ЗА ЗАШТИТА НА НАРОДОТ И ДРЖАВАТА“

            “Илјадници Берлинци вечерта на 27 февруари 1933 година итаа кон Рајхстагот. Веста се прошири со молскавична брзина – зградата на германскиот парламент е во пламен… Хитлер беше вознемирен. Тој не беше толку загрижен за парламентот како институција, бидејќи и без тоа демократијата никогаш не ја ценел. Она што го вознемири беше сомнежот дека пожарот го подметнале неговите најлути противници – комунистите, во обид да ја преземат власта. На крајот на февруари 1933 година, нацистичката власт се’ уште не беше зацврстена. Хитлер само што беше именуван за Канцелар на 30 јануари таа година.

На лице место беше уапсен Марианус ван дер Лубе, 24-годишен Холанѓанец, кој неколку денови претходно пристигнал во германскиот главен град. Истражителите набргу откриле дека тој е поврзан со комунистите. Ван дер Лубе признал дека го подметнал пожарот. “Ако тој пожар, како што верувам, е дело на комунистите, тогаш таа смртоносна чума мораме веднаш да ја уништиме со железна тупаница“ – беснеел Хитлер, а Херман Геринг, тогашен командант на пруската полиција, на своите службеници им наредил бескомпромисно да го употребуваат оружјето.

Полицијата истата ноќ уапсила бројни пратеници во парламентот и службеници на Комунистичката партија. Многу луѓе биле однесени во провизорно уредени затвори каде биле измачувани. Некои не ја преживеале тортурата. До април 1933 година биле уапсени вкупно 25.000 лица.

Со декрет издаден од претседателот на Германија, Паул Фон Хинденбург, биле укинати слободата на мислењето, на собирањето и на медиумите. За да го одржи редот и мирот, владата добила широки овластувања. Нацистите на тој начин добиле можност да ги отстранат своите непријатели. Неподобните лица завршувале во затвор без докази и судски постапки. Опозициските медиуми биле веднаш забранети…

Адолф Хитлер веднаш ја препознал единствената можност што му се укажала за зацврстување на сопствената власт и ја искористил – наводно, додека гледал како огнот го голта Рајхстагот, тој рекол: “Нема милост. Кој ќе ни застане на патот, ќе биде уништен.“

За жал, останатото е историја која потврдува дека тој ја остварил својата закана.

МОЖНОСТ ЗА ОТСТРАНУВАЊЕ НА НЕПРИЈАТЕЛИТЕ ?

         За жал, она што го најави министерот за внатрешни работи во многу наликува на она што го најави, но и оствари Хитлер. И тогаш, пред точно 90 години, нацизмот само чекаше повод за да најави “дека ќе нема милост и дека секој кој ќе му застане на патот, ќе биде уништен“. Денешниов, насилно инсталиран режим во Македонија, кој веќе речиси седум години владее спротивно на волјата на мнозинството граѓани, преку зборовите на министерот, а дочекувајќи повод во монструозните убиства, како да го најавува истото – дека ќе нема милост и дека секој што ќе му застане на патот ќе биде уништен.

Дали исто како Хитлер, ќе успее и да го оствари и да ја убие демократијата, останува да видиме.

Обврска на сите слободоумни и самомислечки луѓе во државава е спротивставување на обидот за воспоставување нацистички методи во владеењето кои веќе се најавуваат. Зашто, после ќе биде премногу доцна – и за демократијата и за граѓаните и за државата.

(авторот е претседател на МААК)