Ксенија ХАЏИ ТОСЕВА АВРАМЧЕВА
Деновиве се изначитав, изначитавме, се изнагледав, изнагледавме дебати, коментари (па и на коментарите дополнителни коментари), синхронизирано од два типа на множества здруженија на граѓани (заб. НВО кои со години наназад ги јакнат капацитетите и политиките со дебати, трибини и конференции, имаат убави програми и убави грантови).
Но, пресекот на двете множества е целта да се најде причина за дискредитирање на новите закони за основно и средно образование кои за многу краток период, заедно со други закони ги носи МОН со министерката проф. д-р Весна Јаневска.
Спомнав два типа НВО (имињата и претставниците во моментот се ирелевантни). Мотивот на нивната гласност е битна.
Едната група е онаа која бара министерката Јаневска да го тргне зборот “и друго” во членот каде се забранува секаков вид дискриминација на детето. Зборот “и друго” опфаќа широка листа која можеби во наредниот период и нема да има потреба од класификација, но може и да придонесе за полесно адаптирање согласно потребите за носење подзаконски акти и следење образовни позитивни теркови. Родова еднаквост се спомнува, покрај сите други можни форми на дискриминација кои со членот се забрануваат, и овде навистина нема потреба од понатамошно образложување кога целта на овој член е забрана на дискриминација на секаков вид.
Другата група од здруженија пак искажуваат незадоволство заради токму тоа “и друго”, и бараат поопфатно објаснување, сметајќи дека се избришани од членот за забрана на дискриминација од секаков вид, за нив не е доволно, бараат дополнителни појаснувања и набројување на дополнителни групи каде ќе биде сексуалната определеност и родовиот идентитет ставени во самиот член. Ниту едната, ниту другата група се обесправени, напротив сите се опфатени, а токму како под режија гласно ги напаѓаат законите.
Неправедно би било тогаш кога и други група ученици (не мора само родот и сексуалноста да се спорат) не би се опфатиле, но за дополнителни доопределби на различни групи само се усложнува членот.
Во моментов навистина нема потреба од фокусирање на овие здруженија на нешто кое сметаат дека е погрешно, а напротив таквиот член ги опфаќа и нивните критериуми. Мислам дека сите овие здруженија треба да се вложат заедно со програмите на МОН за активен влез преку нивни акредитирани програми кои ќе го насочат ученикот кон вредностите од образовниот систем. Креирање политики и активно демократско граѓанство – треба, јакнење капацитети и работилници треба, но и теренска опсервација и активност – треба. Најдобронамерно им препорачувам да ги посетат учениците во планинските села, па заедно со МОН да видат дали приоритет ќе биде родовата еднаквост или условите во тие училишта, какви им се тоалетите на тие деца, (апсурдно е и да се спомне дали им е овозможено според нивниот родов идентитет), како се хранат, како патуваат до училиште. Ние сме тие кои мора европските стандарди сами треба да си ги поставиме.
Грантовите за дебати овие здруженија можат слободно да ги вложат во теренски активности во соработка со МОН, да одржат една работилница токму во тие училишта. Попатно, МОН веќе има планови за подобрување на условите и инфраструктурно решавање на овие примарни потреби за образование и во руралните средини.
Затоа, добро би било да се остават на страна овие коментари, зборот “и друго” е сосема на место, овде нема групи кои се обесправени. Фокусот сите овие здруженија да го стават на примарните образовни и воспитни политики, да се пронајдат според своите работни програми, и да се вложат максимално за подигање на генерациите заедно во соработка со МОН.
Законите се сосема во ред, тие се дел од една долгорочна мисија и претставуваат влог за идните генерации.
Министерката проф. д-р Весна Јаневска, ги предлага законите за основно и средно образование со чиста и јасна стратегија за долгорочна примена, останува сега – толкувачите кои гласно наоѓаа забелешки за нешто што е лошо протолкувано да се пренасочат кон побрзо решавање на другите круцијални проблеми кои се база на застојот на образовниот систем во државата.
После години и години поминати со лоши акробатски потфати во образованието, со носење ризични концепции, правилници и закони – да не дозволиме зборот “и друго” да нѐ измести од колосекот.
Целосна поддршка до министерката Јаневска и брзо реализирање на законите за основно и средно образование.
(авторката е проф. по хемија во СУГС Гимназија “Јосип Броз Тито”- Скопје и зам. секретар на Извршно биро на Европска асоцијација на наставници – седиште Брисел)