– Во едно интервју од ноември 2014 година тогашната министерка за култура на Република Македонија изјави дека „културата е идентитетот на секоја држава“.     

Блаже Миневски 

       Пред четириесет години филмот „Крамер против Крамер“ освои пет оскари, меѓу кои и оскарите за најдобар актер и најдобра актерка.  Академската сликарка и мајка Џоана Крамер, чувствувајќи дека е запоставена од својот сопруг Тед, го напушта семејството за да се „пронајде самата себеси“. Во нашата приказна семејството, односно народот го напуштија осум пратеници но „златна малинка“ ќе добие само Бети! Таа својата улога ја одигра со „јасно изграден став“ и  „максимален ангажман“!  Имено, по гласањето во парламентот за отворање на Уставот, односно за менување на името на Македонија, поранешната министерка за култура на Р.Македонија, Елизабета Канческа-Милевска, гостувајќи на неколку телевизии, со елан што го немаше дури ни во најдобрите денови од нејзините десеттина министерски години во владите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓудругото изјави дека имала „јасно изграден став“ во врска со гласањето и дека ќе „даде максимум се со цел да се подобри Договорот“!

Каков Договор (од Преспа) ќе подобрувате, почитувана бивша министерке кога се знае дека Договорот е ратификуван и непроменлив? Толку ли сте политички наивна или така ви е кажано да зборувате! Во Собранието вас ќе ве користат само за менување на името и ништо повеќе! Што може да се подобри  во такви услови? Дали можеби ќе се изборите  придавката северна да биде напишана со мала почетна буква или ќе инсистирате Македонија да не се избрише 300 туку 299 пати во Уставот? Како не ви е непријатно да кажувате дека сте немале никакви дилеми околу гласањето во врска со процесот за бришење на Македонија кога знаете дека со вашето гласање веќе нема да постои ниту една македонска институција од културата кои речиси десет години беа под Ваша надлежност?

„Имав јасно изграден став во однос на оваа точка на дневен ред во Собранието и во оваа фаза, а тоа е дека треба да се вклучиме во активна амандманска расправа. Дека треба да се дебатира во таа насока, да се вклучи пошироката јавност, да се вклучат експерти, професори по меѓународно и уставно право, ние пратениците, лидерите на политичките партии, и да се даде максимум се со цел да се подобри Договорот.“

Не би сакал да бидам вулгарен, иако заслужувате, особено затоа што сметав дека сте најдобар министер за култура во самостојна Македонија, но овде уште еднаш ви повторувам дека Договорот не може да се подобри! Вие не одлучувате за Договорот. Вие одлучувате за укинување на Македонија во Уставот! И не само тоа! Ако не знаете, повелете, еве што изјави пред неколку дена сега вашиот Никола Димитров, човекот што се претставува за некаков министер за надворешни работи на Република Македонија:

„Со четири амандмани ќе се интервенира во Уставот. Едниот се однесува на географската одредница северна, која ќе се додаде кон името Македонија. Вториот се однесува на границите и се однесува тие да не се чепкаат и се гарантира неменливост на границите и немање територијални претензии (стилистички „прекрасна“ реченица – како што доликува на министер од негов формат!) Третиот амандман се однесува за грижата за македонското малцинство во соседните земји, ќе се прошири на грижа за целата дијаспора во светот (повторно – “сјајна“ реченица!) Со четвртиот амандман ќе се интервенира во Преамбулата. Нема да се менува државно-правниот наратив од Илинденското востание и заседанието на АСНОМ, до референдумот за независност од 8 септември 1991 година, туку ќе се наведат поединечно сите одлуки на АСНОМ!“

Дали ви е сега јасно за што гласавте или треба и да Ви се нацрта? Како ќе го подобрувате Договорот кога амандмантите веќе се знаат. а вие треба само да гласате? Единствено што може да ви дозволат е козметички да интерверирате во правописот, односно да се изборите, на пример, за запирка пред некој од сврзниците или, да речеме, терминот дијаспора да го замените со иселеништво, но тоа не значи ништо за оние наши луѓе што со векови живеат надвор од нашите граници, а не се иселеници!

 

Во контекст на вашиот „максимум со цел да се подобри Договорот“ би сакал да ве потсетам дека отприлика ова време пред четири години како ресорна министерка со најдолг стаж изјавивте дека „културата е идентитетот на секоја држава“. Ако е така вие сега со вашето гласање целосно го уривате тој идентитет! А толку чинам се боревте за културата, за македонскиот културен идентитет? Или јас сепак сум бил во заблуда? Знаете ли дека МНТ нема да биде МНТ, Македонската филхармонија нема да биде Македонска филхармонија, Музејот на македонската борба нема да биде Музеј на македонската борба? Го знаевте или тоа „многу порано“ или ќе ви го кажат утре? Дали знаете дека заедно со вашите седум колеги овозможивте да се отвори Уставот, а всушност ја отворивте Пандорината кутија за целосно разнебитување на Македонија и македонскиот народ? Притоа во оние 72 пратеници што гласаа заедно со вас беа и Артан Груби и Зијадин Села, да ги споменеме само нив. А знаете ли што имаат изјавено тие за Македонија и за македонскиот народ?

„Историската реалност на Македонија ја знае целиот свет и е многу апсурдно за еден народ што го нема својот идентитет, во конкретниот случај се Македонците, Албанците биле многу коректни и им помагале да го градат тој идентитет, и сега да го оспоруваат нашиот идентитет. Со пописот од пред 100 години не постои македонски народ“, вели Зијадин Села пратеникот од вашето мнозинство, кој веќе испорача и свои амандмани.

Пратеникот Артан Груби, пак, пред референдумот за промена на името на државата изјави дека со „договорот од Преспа идентитетот го губат Македонците, а не Албанците“.

Пред да го потврдите уште еднаш вашиот „јасно изграден став“, знаејќи дека сте горда и дека стоите исправено пред своите одлуки,   прочитајте ги амандманите што ги достави Беса и барањата на Алијансата на Албанците со кои го условуваат гласањето за промена на Уставот.

Патем,  знаете ли драга бивша министерке за култура со најдолг стаж во државата дека се што направивте во културата сега самите, со едно притискање на копчето против Македонија, го фрливте во бездна? Веројатно знаете дека Крсте Петков Мисирков има кажано дека „македонската национална култура го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот како рамноправен член во бројот на културните народи“ или „свеста и чувството дека си Македонец треба да стојат повисоко од сè друго на светот“?

Претпоставувам дека знаете што има кажано Петре М. Андреевски:

„Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е ако останеме без нашето име“!

Водата спие, душманот не спие, вели народот. Дали знаете дека со вашиот „јасно изграден став“ нашиот МНТ станува Театар на Република Северна Македонија? Дали тоа што гласавте за уставна промена на името на државата значи дека се согласувате МНТ да не биде Македонски народен театар? Дали знаете дека во Скопје во иднина ќе има Албански национален театар и Турски национален театар, а ќе нема Македонски национален театар! Дали на крајот од вашиот „максимум со цел да се подобри Договорот“  ќе гласате за МНТ (чија прекрасната зграда е и ваш успех) или против МНТ?

Претпоставувам знаете дека и МАНУ нема да биде МАНУ! Во кулоарите веќе се шпекулира дека МАНУ ќе се прекрсти во АНУ, АНУС или СМАНУ! И тоа ли го поддржувате? И за тоа ли ќе отвората амандманска дебата? Како? Во Договорот пишува дека ниту една институција не смее да ја содржи придавката македонска/македонски! Со вашето гласање МРТ ќе стане СМРТ или РТ на Република Северна Македонија, односно РТРСМ што е смешен акроним за национална телевизија! Може ли некој да замисли ХРТ да се вика РТ на Славонија, Загорје, Далмација и островите (РТСЗМО), или РТС да се прекрсти во РТ на Северно Захумље и Шумадија (РТСЗШ), или пак бугарската  БНТ  да се преименува во РТ на Северен Доспат и Казанлак (РТСДК)? Според антимакедонскиот Договор што божем сега ќе го подобрувате, иако во него веќе ништо не може да се смени, Институтот за македонска литература ќе се прекрсти во Институт за литература на Република Северна Македонија! Каква и која литература ја поддржувавте во вашиот мандат? Дали се согласувате во иднина да немаме ништо заедничко со македонската книжевност како книжевност на македонската нација и на Македонците каде и да живеат? Нема книжевност во светот на која ѝ е забрането да се идентификува со придавка што произлегува од нацијата на која ѝ припаѓа! Како во идната ќе се именуваат антолигиите на македонската проза, поезија, драма и слично? Можеби „Антологија на прозата на Република Северна Македонија“ или „Антологија на северномакедонскиот расказ“! Како во таа книга ќе се објасни присуството на расказ од Ташко Георгиевски, на пример, кој е врвен македонски автор, но нема ништо заедничко со Северна Македонија, ниту тематски ниту по своето место на раѓање! Како во некаква „Антологија на северномакедонскиот есеј“ ќе се сместат есеите на Крсте Петков Мисирков, Стојан Христов, Димитар Влахов, Антон Попов…?

Прифаќајќи да расправате за нешто што не е за расправа вие всушност прифаќате и Македонската филхармонија да стане Филхармонија на Република Северна Македонија? Благодарејќи на вас Македонската опера и балет ќе станат Опера и Балет на РСМ, односно Опера и Балет на Република Северна Македонија, или ОБРСМ. Со вашиот максимум со цел да се подобри Договорот, Друштвото на писатели на Македонија ќе биде Друштво на писатели на Република Северна Македонија – ДПРСМ! Гласајќи на црниот петок вие се согласивте ДПМ да биде Друштво на некаква Северна Македонија а тоа значи да нема никакви допирни точки со македонската книжевност во целина туку само со книжевноста на Република Северна Македонија! Кој од македонските писатели би сакал да биде член на ДПСР?    

Според вашиот „јасно изграден став“ ништо што ќе ја содржи  придавката македонски/македонско/македонска не смее да биде публикувано и пласирано на пазарот, ако е финансирано од државата: не смее да има „Македонска енциклопедија“, не смее да се објави книга со наслов „Македонски роман“, „Македонски расказ“, „Македонска поезија“, „Македонска народна книжевност“, „Македонски народни балади“, „Македонска антологија на краткиот расказ“, „Македонска лирика“, „Македонска библиографија“…, а ќе има северномакедонска историја, северномакедонски фолклор и северномакедонска литература. Ќе се сменат и имињата сосе документите, рекламните паноа и натписите на повеќе од 4000  државни, јавни и приватни институции, здруженија и компании. И вашиот дипломатски пасош! Каде ќе патувате со вашиот обичен пасош кога ќе бидете ослободени од обвиненијата што ви ги спакуваа оние што сега ви аплаудирааат? Како ќе се чувствувате кога ќе влезете во убавата зграда на Народниот театар на Северна Македонија, кој вие со гордост го нарекувавте   Македонски народен театар? И да не ве прашувам за многу други работи. Всушност, веќе го знам вашиот одговор. Знам дека имате „јасно изграден став“ и ќе дадете „максимум да се подобри Договорот“, кој е  ратификуван и непроменлив! Грешен човек жив во гробот е закопан, вели нашиот народ. Или: Кој со ѓаволот тикви сади, ѓаволот на крај очите му ги вади!   

Блаже Миневски  е автор на романите „Јас, Тито и Мики Маус“,  „Требаше да се сликаме пред да се замразиме“, „Свирци“, „Црна лисица“ , „Мемоарите на една млечка“ и „Нишан“. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, „Роман на годината“ и наградата на Град Скопје – „13-ти Ноември“, а ја има добиено и наградата „Најчитан автор“, признание што го доделува НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје. Освен романи има објавено и три книги раскази: „Сезона на глуварките“, „Пристапната беседа на академик Сисое“  и „Во рогот на волот“.

          Романите на Миневски  се објавени на англиски, италијански, српски, ерменски, бугарски, словенечки, кинески, арапски и полски јазик.

      Блаже Миневски е застапен  во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните три децении, а негови раскази се преведени на дваесетина  странски јазици.