Си го туркал Сизиф каменот, кога некој му викнал:

-Мајсторе, како иде работа?

Го погледнал Сизиф со жалење Едипа и му вратил:

-Еј, ај иди е.. си мајката!

Овој стар виц со уште постари, митски ликови од  јужниот ни сосед не е анахрон како што можеби и наликува на прв поглед. Ги делат илјадници години, а ги спојува актуелната македонска трагична констелација.

Во денешната, макар и наметната ситуација, Сизиф би бил народот ни македонски. Сизиф во позитивната смисла на неоткажувањето, трпението и борбата. Сизиф кој, како и да е, работи, чека и не попушта. Башка, е сега имаме освестен народ…

Проблемот за Едиповци е што многу одамна, нашиот Сизиф веќе не турка еден ист камен. Ги раскринка и демистифицира ајваните, па и сега турка, си турка секој ден, но различни камења кои си ги собира и токми  на височинката. По секој стокмен, си погледнува од птичја, освестена перспектива кон владините биљмези, се нервира длабоко во себе, горко подголтнува и оди долу по нова тркалезна направија. Оти, од таму погледот е одличен, а камењата можат да се употребат за многу намени…

За ликот на Едип, пак, постои вистинска тепачка во редовите на владејачката ни врхушка. Башка што, сите без срам и перде и се сипаа на сопствената држава, мајка. Арно ама, и покрај силната конкуренција, во сета таа турканица на шаренолики и опортунистички Едиповци, приматот со сите нишани се повеќе го заслужува еден довчерашен муртински статист, лик кој и покрај ограничениот му капацитет, со помош на упорноста и бескруполозноста  се наметна за горд носител на „славното“ име.

Да, благодарение на подобноста, преплетена со постојаната заштита и реакција на т.н. театарска Божја рака, која во форма на „меџународна“ Деус екс макина му дава ветер во едра, Едип од Муртино го има во секоја денешна прикаска. Ко ќе ги отворите, за жал, антихеројот го има и во вашите фрижидери. Од друга страна, не е тој виновен што е толку подобен и што толку добро минал на кастингот од ридот, нели…

И додека народот, навикнат на мака и отрпнат на какви ли не глупоштини што катадневно му ги сервира власта, си го турка ли турка каменот (сега камењата), македонскиот Едип е во акција на целосно и тотално сјеб.. на мајка си.

Звучи грдо и претерано, но секојдневието, за жал, ја оправдува алузијата.

Тебанскиот Едип, со мајка си Јокаста „создаде“ и на свет донесе четири деца. Антигона, Исмена, Етиокле и Полиник. Муртинскиот, пак, во најновата петочна собраниска епизода, преку акт на силување на државата создаде осум свои чеда. Имињата им ги знаете, ги знаат и врапчињата на улица…

Претходно, од коитусот на монтираните антинационални безрбетници и власта, се изродија илјадници неолибералистички и лукративни биљмези. Си работат во влада, во министерства, општини, институции, па советуваат, обезличуваат, извртуваат и девалвираат. Армија среќни и весели северномакедонски ГМО мутанти.

Нејсе, нека им е со среќа, но вистинскиот нивен проблем е што инцестоидната трагедија си оди кон епилогот.

Муртинскиот насмеан Едип, тој, пак, и натаму си го прави она што најдобро го знае и по што е надалеку познат, убеден дека Деус екс макината секојпат ќе го спасува од сите ситуации и дека така ќе владее вечно ко Маршалот на ридот. Така осилен и настрвен,преку своите судски, полициски, новинарски и партиски гавази, тој си продолжува да подмитува, затвора, мести, муља, спинува и продава демагогии, цврсто уверен во своите супер моќи и дека народот не може (фигуративно, се разбира), да му ги ископа очите ко на митскиот му урнек (во оригиналот тој си го стори тоа самиот на себе). Во нашиот случај, сепак, да му ја одземе власта. Да тоа би било најболното за него и за болументата. Полошо за нив, не постои, оти тоа е и смислата на животот, нели.

Муртинскиот, сепак,  има многу посериозен проблем од синот на тебанскиот цар Лај. Да, вистинскиот Едип до крајното сознание и конечниот епилог живееше во бессознание и не знаеше дека ја „работи“ мајка си…