Македонија живее за моментот кога волците ќе стивнат, не јагниња како во екранизираниот роман на Томас Харис, туку ВОЛЦИТЕ, оние странските предатори, предводници на националниот кијамет кој не’ наваса во последните години на татковинскиот ни таксират. Со нив, ќе заминат и оние нашите, лукративни молци, северни по вокација и егоцентрични по користољубие. Но каде тие ќе се скријат? Маки, башка комуњарски, башка големи…
Живеејќи во време-невреме кога сте бележани како патриоти, немиени и невалкани од лукративноста на и не толку ближните свои северни чеда и, за жал, соседи, сигурно секојдневно се прашувате: Каде згрешивме, на правиот пат ли сме?
Да, дилемата, несомнено, ви ја наметнува пропагандната машинерија на опортунистичките копилиња, кои така, самите себеси си се чувствуваат. Башка што им прилега, но и онака, ко и обично, да си бидат енднемски, посебни по вид.
Оти, македонските копилиња се уникатни по тоа што немаат мајка, не татко, а ниту ја разбираат „немиената“ родилка им Македонија. Тие, пустите, кои притоа запустуваат се’што ќе допрат и што е убаво во државата, од иста таква пуста желба за некаква имагинарна блискост со замислената им повисока каста, ќе го дадат и го даваат, башка газот, башка Уставот, историјата, татковината и дедовината. Измислете нешто ново, и тоа ќе го дадат, без проблем…
Ништо не им е свето, затоа што целта им е една и единствена – да имаат пари ко идолите им непрокопсани и да бидат блиску до убавите, умните, начитаните и авангардните суртуци од екс Бихаќка. Оти така им кажале, дека тоа се успехот и нирваната…
Арно ама, тоа што вашите билмез-соседи не го разбрале, е дека играјќи ја играта на инструираните им идоли, кои, пак, секојдевно му поднесуваат по една вмровска (читај македонска) жртва на сопствениот идол од ридот, нема да станат ниту поумни, ниту поубави, ниту поначитани… Ќе си останат суртуци со куси ракави, сиромашни по дух и тело, ама пак ќе си тежнеат кон комуњарското, оти поинаку и не знаат…
Јап, авангардата е се’ само не меѓу „ЗА“-евци. Таму лежи само еден грд, атавистички комлекс на пониска, толку безобразно и оксиморонски неприлагодена на желбата за повисока вредност, комплекс кој поведен од напатеноста на своите северни обожаватели, може, и ќе изроди само ништовило за сопствената нација и држава.
Ете, сега истите го бркаат Грујо по Унгарија, небаре е виновен што не нашол правда во сопствената му Македонија. А правдата ја раководи кој друг ако не „афкорс“ – црпнатиот, три пати аболиран Зоки, не случајно земен од нивата (од „филантропскиот“ лик од ридот) за да ја спаси Македонија, „онаквотресина“ која и сега не пропушти да побара помош од Бога за економијата на државата која ја урнисува.
И додека го бркаат Никола, погодете кој им е крив? Па Христијан се разбира, тој е виновен и за лошите проекции на ММФ, Светска банка, Европска Комисија, НБРМ и кој ли не.
Ако се прашувате – чија е вината за загаденоста, не мислете се. ВМРО-ДПМНЕ се виновни, оти поинаку и не бива. Тие апаши, алијас дежурни виновници, иако не се на власт, роварат и во загадувањето, гарант палат дрва и возат на дизел…
А Зоки, тој откако промуќурните советници викнаа “Еурека!“, се реши да го укине и грењето на дрва. Загадувало, многу, премногу, најмногу. Не дека не знаат што загадува, оти и вон грејна сезона Скопје е меѓу „првите“, ама најлесно е – удри по сиромаштијата, по „немиените“. Па тие што се греат на дрва и возат дизел и така не ти се гласачко тело, нели Зоки? Мозочно немиените ти се недостапни, немаш аир од нив, фер…
Греење на дрва ќе нема, на јаглен уште помалку, а претходно, дизелот кој беше 39, ви го накачи на 69, па сега, така самариќански ви го симна на 63 (Уууу, журка, дајте блех оркестар!).
Да, дизелот, дрвата за огрев, семејството (трето дете надоместок – збогум), татковината, патриотизмот, историјата… Сето тоа се толку застарени работи, анахронизми, а модерните северњаци немаат време, трпение, ниту скрупули за занимација со истите.
Епа, неолибералистички билмези и „ЗА“-евци, креатури кои не ве интересира цената на дизелот и колку „кошта“ кубик наскоро забранети дрва, а татковина, историја и патриотизам уште помалку, редно е да сфатите каде живеете, бре. Не сте во Данска, иако имате повеќе пари од многу Данци.
И дигресииве со Грујо и ВМРО ви се срцки, ама немојте да мислите дека моменталните, успешни ви дефокусирања, ќе траат до недоглед. Народот ви, иако мозочно немиен (за ваша, голема непребол и жал) нема меморија на златна рипка или, пак, аспирација на медиокритетен комуњар (пари, моќ, „најубавина“ и дружба со „најумните“).
Времето ви минува, а по стивнувањето на волците (странските креатури кои како и природните, се најтивки и се смируваат кога ќе се најадат и ќе добијат тоа што го посакуваат), следува пресметката со молците.
Берете ум, оти вас, Орбан сигурно нема да ве прими, Ердоган уште помалку, а заштитниците ви ридовски, знаат дека сте им кондоми за една употреба. Со вас, тие нема да се валкаат, експресно ќе ве испорачаат (со истресокот во вас) глумејќи ја истата таа ваша неолиберална „демократија.“ Ќе се најде и нова Кацарска, а за Јанева најмал проблем, студенти со просек „шеска“ плачат за плата од 3.000 евра.
Тркалото се врти, а panta rei не значи дека Панта труе на далеку. Размислете, каде вие билмези, тогаш ќе бегате…