Во државата која некогаш се викаше Македонија, и во која единствена квалификација и предуслов да се вработите е да имате партиска книшка и родител на власт, постои една урбана легенда. Таа вели дека во државата постоеле невработени син на сдсмовец и ќерка на интегративец. Аууу, неверојатно, нели?! За жал, ова е само урбана легенда, преурбана за да биде вистинита. Легенда која, едноставно, не им прилега на СДС и ДУИ. Оти, во државата северна, тие едноставно, не можат и не смеат да седат без работа. Колку и да не ги бива. Ама, никако.

Веројатно, кај и да е, ќе си го искористат крваво стекнатото двотретинско мнозинство за да ова си го озаконат. Во Уставот, кој и онака го претворија во тоалет хартија, гордо ќе си стои дека невработен роднина на лик од власта е најголем грев, забранет со закон. Мора да се вработат. И точка. Или беше дизел. Прашајте ја Мира, ако не верувате. Последно, кучето и го вработиле во гранична полиција…

Поведени од аланфордовската максима „Подобро да живееш 100 години како милионер отколку 2 години како клошар“, СДС (Македонија, дефинитивно, не им прилега) осилени од „проѓата“ на северните им идиотштини и силно опиени од чувството на моќ и власт, толку се осилија, што, буквално, зајдоа. Ама „скроз.“

Да, чедата родени без осет за нација и држава, но со неверојатен осет за опортунизам и лукративност во себе, намирисаа дека сега е вистинскиот моментот за офанзива. И веднаш „се убија“ од вработување. Во исто време кога македонската клетва доживеа кулминација на варијации и квалитет, сите упатени кон североидните суруши од власта, дотичните го искористија моментот на разочараност и рамнодушност кон се’ друго и удрија на пополнување на државните јасли. А тие, и онака преполни. Оти, да не се лажеме, тоа беше и целта, нели. Единствена. Баталете ги сите оние фалс-глупоштини за некаква си борба за демократија и децениски ламентирања за измислениот режим, зајакот лежел во вработувањето роднини. За тоа се бореа, за тоа „изгинаа“ на барикадите и со фарбата, јасно. Башка, на каква и да е, туку за работа на убави, солено платени позиции, се разбира.

Можеби изгледа чудно, но во најсилниот ек на севереизација, кога нивната демагошка, популистичка и антинационална влада со толкава желба и ќеф си менува табли, шверцерски трга букви и си дига знамиња, подготвува документи и таблички, нејзините пулени наместо нешто да работат,  си ги вработуваат роднините. На ангро…

Со секој акт, блеферската прикаска на СДС секој ден станува се’ појасна. Кај нив, не е цело кога има се’, туку цело е кога сите се вработени. Реално, па што е тоа за партија која ја урниса државата каква што ја знаеме и сакаме и за бадијала распродаде се’ што треба и не треба? На листата на гревови, ова со вработувањата и не им е некој минус. И така, одат математички, па од секои два минуса си прават плус. А минуси безброј, но тие знаат, дека е подобро да испаднеш непотист, отколку да испаднеш од автобус. Или не дај Боже, за нив, од фотелјата на „Илинденска“ бр. 2, нели…

Од друга страна, па нели ќе ја задржеа младината во Македонија? Или сите оние чевли и патики кои ги оставија пред минатата влада, биле на овие што сега се вработуваат. Да, ко ќе размислите подобро, сите беа брендови и фирми, износена скапа роба на богатунчињата им невработени. Фер..

Епа сега, по северизацијата, чин со кој го отсекуваат и доуништуваат и онака слабото чувство за припадност кон нешто на младите, со чинов на ачик партиски вработувања ја дозабиберуваат и онака билмеската прикаска на бркање на истите. Кој млад образован човек, со амбиција и квалитет ќе остане тука, гледајќи како оние колеги студенти кои ги нарекувале црепови и душички, кои служеле за потсмев и кои цел живот се провлекувале само и само на сметка на мама и тато, сега, благодарение на истите цревни врски ги добиваат најубавите и најплатени работни места во државата?

Чеда северџански, свесни ли се дека со актуелните идиотштини, башка северизација – башка партизација и непотизам до „коске“, ја прават најголемата штета за државата која декларативно ја носат во Европа? Вака, во истата таа Европа ќе ги однесат само младите, кои и онака одамна спакувани го фатија патот натаму, како единствен излез кон каков и да е просперитет.

Сепак, при дигањето на знамето на НАТО, чин кој и онака беше невидена небулоза и фарса за дигање на непостоечкиот рејтин на власта и кој треба да се случи за година-две кога сите парламенти на земјите членки на Алијансата ќе се согласат со нашиот прескапо платен прием, Заев по долга пауза, кажа една вистина. Верувале или не, нели. Чудо. Иако, најверојатно, не знаеше што кажува, башка што тресна нова зелена. На страна што требаше да дигнат бело знаме, не натовско. Па и онака предадоа се, белото знаме на зграда на влада толку добро ќе им стоеше…

Нејсе, но осилениот ни црпнат премиер, со ливче в рака изјави: „ИДНИНАТА ВЕЌЕ НЕ НИ Е СУДБИНА, ОД СПОРЕДЕН БАЛКАНСКИ КОЛОСЕК СЕ ВРАТИВМЕ НА ГЛАВНИОТ АВТОПАТ КОН ЕВРОПА…“

Да, кажа и ја остави државата северна во прашалници, оти дилемата која остана е дали згрешил читајќи, погрешно му напишале или станал првиот муртински филозоф? Оти „иднината веќе не ни е судбина…“ има премногу филозофија и метафизика во себе, „ту мач“ дури и за неговите автори на писанија од „Роко&Рада компани“ фабриката за лажни вести. Или, сепак, некој автор премногу испил вечерта, поверојатно, сериозно се надувал. Не е ваљда дека оној вечно напафканиот советник за култура го пишувал? Нејсе, секако е некој кој застанал на „Зоки Поки“ и не знае дека е подобро да издадеш книга отколку пријателот или државата…

Како и да е и кој и да е, во сето ова Заев, незнаејќи, исто ко што не знаеше дека некогаш ќе биде комбинација на премиер и на најомразен човек во државата, си кажа една гола вистина. Може и да му е сефте, ама ридот ќе му прости што беше искрен, оти беше од незнаење. Ќе куртули, за жал на многумина… Или можеби бил во афект? Заборавивме, тоа е неспорно, тој е секогаш во афект, нели.

Да, факт е дека „од спореден балкански колосек се вративме на главниот автопат кон Европа…“ Точно, ама сосема. По северизацијата и доубиството на националното во младите, вработувањата се капката која ја прелива чашата. И така, дефинитивно, ги ставија на главниот автопат кон Европа. Ги ставија на најбрзата,  турбо-лента кон Германија, Франција, Британија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Данска, Холандија итн. итн. итн. И така, младината од новокомпонираната Северна Македонија се пресели на север. А што би правела тука?

Ало, картата е во еден правец, билмези североидни…