По 72 часа постреферендумско бессознание, Владата денеска излезе од кома. Но како се „разбудија“ на „Илинденска бр.2“ ? Откако народот со класичен нокаут во 12-та референдумска рунда (се гласаше 12 часа, нели) ја кутна на подот непрокопсаната политика на „ЗА“-евци и им ја покажа убавината на заборавениот пркос, гордост и инает на Македонецот, северњаците, конечно, се свестија. На страна дали сфатија дека направија утка со примената на прекуокеанското сценарио, тотално неприлагодено на тукашниот ни менталитет. Како и да е, сега свестени и флагрантно понижени, ставени во тесно и јавно засрамени пред странскиот старател, паднати во тешка депресија од неговиот прекор за неисполнетата задача, истите тие „ЗА“-евци одговорија онака како што единствено и најдобро го знаат. Со репресија, закани и ширење страв…
Анахроните наследници на комунистичкиот режим, носители на погрдното „комуњари“, станаа и се стресоа од нокдаунот, испија „Радино кафе“ од 5 евра шолја (народни пари, разбира се), па прво на што во очајот се сетија беше токму тоа на што од малечки ги учеа нивните дедовци и татковци комесари, удбаши, ознаши и сијасет други омразени непрокопсаници. Во првиот момент, велат дека тешко воздивнале што немаат Голи Оток, но се сетиле дека, иако не е исто, слична работа може да им ја завршат Идризово или Шутка. Дај што даш, нели…
И така, бескруполозните им вазелин-стратези, страотно потиштени од тешките зборови, клоци и шлаканици од странските старатели , ја употребија старата, проверена формула – замена на сопствена тешка депресија со силна репресија врз политичките неистомисленици, грда порака „во шише“ за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и нивното најавено „НЕ“ за толку им потребните уставни измени.
Да, обелоденувањето на апелациски потврдената затворска казна за Груевски за фамозниот мерцедес (кој доколку го немаа – наместо во „тоа на М“, референдумските поддржувачи како Меркел, Столтенберг, Меј и Курц ќе ги возеа на тоа на „К“) на само 4 дена по страшниот владин референдумски дебакл, им дојде како „кец на десетка.“
Пораката е едноставна, ова е ШББКББ за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и останатите опозиционери, или што би било кога би било. Во превод, доколку не ги слушате „За“-евци и не гласате за уставни измени, тие ќе го употребат толку добро познатото европско демократско средство (користено во средниот век) и како неистомисленик ќе ве сместат во затвор.
Не грижете се, ако не ве затворат тогаш ќе ве девалвираат и преку своите удбашки канали ќе ви најдат дека сте мамеле додека сте играле жмурка, сте краделе кајсии од комшијата итн. итн итн. А ако ве нема во „бомбите“, ќе ве има за друга глупоштина. Не мора и да ве затворат, ќе ве шиканираат како Јани Бојаџи,кој за негова несреќа направи одличен уметнички филм кој не го бенидиса коалициониот им партнер во злосторот.
Колку да не сум пророк и да не сакам да прејудицирам и лицитирам со човечки судбини (со кои во моментов некој опасно и бескруполозно располага), но и самите можете да замислите што следува. В понеделник е најавена пресудата за Јанкуловска. Дај Боже да грешам.
За крај, само слушнете ја „фрапираноста и силниот вознемир“ на меѓународната заедница од ваквите репресивни владини дејанија. Да, да беше СДСМ во опозиција ќе имавме амбасадорски прес-монолог пред влада, на страна 369 НВО кампови со стотици шарени борци за слобода. А сега, надобудниот Јоханес Хан од демократскиот Брисел, сосема случајно нели, денеска му порача на Заев – „за двотретинско мнозинство употребете комбинација на Балкан и рационалност.“ Балкан како синоним за што Хан? На страна репризата, сосема случајно нели, на вокабуларот на еврокомесарот кој по референдумот беше на идентична дискурсна линија со изјавата на Заев по неделниот дебакл?! Зелено светло или „само“ идеја од „Европјаните“?
Башка потценувачкиот и навредлив тон на пораката, „побашка“ е индикативноста на трансформацијата на европскиот Хан во Кан?
Верувам дека и Вам ви се блуе од толку многу, премногу демократија на едно место, цивилизациска придобивка која според актуелната теоријата на апсурдот на „ЗА“-евци, ќе дојде денес, утре, а можеби и вчера. Ќе им каже ли некој дека е ДОСТА! Аман бе луѓе, ја претеравте…