Притисокот, серијата дебакли и грдото сознание за претстојниот неуспех, прават чуда. На страна тешките глупости, но создаваат и уметност, макар била квази.
Фројдовата теорија за настанок на уметноста вели дека се започнало така што дел од луѓето, во неможност да ги остварат своите сексуални аспирации, ја пренасочувале енергијата на либидото и почнувале да творат и да создаваат уметност.
А што бива кога сте политички неостварени, осознавате дека сте кондом за една употреба и дека по неисполнетата задача (како што сам сте предвиделе) ве чека бездна, потоп, апокалипса?
Купувате ли тони лубриканти? Бадијала. Одите на психијатар? Уште побадијала. Му се молите на идолот од ридот и јавно му жртвувате политички неистомисленици на олтарот? Џабе, и тој сфатил дека сте ќорфишек….
Дали политичкиот неуспех и неоствареност (во комбинација со очекуваната силна заушка од странскиот, разочаран од вас старател) го разбуди творечкиот немир кај „ЗА“-евци? Ги отвори ли стравот од консеквенците за сторените глупоштии, чакрите на новокомпонираниот крем социјалдемократски?
Така, Павле констатираше дека ако заминел во странство ќе признаел дека е неспособен, правејќи ги јавно идиоти сите што некогаш заминале од земјава. Следниот ден, Зоки го засени. Силниот творечки набој го отвори „четири прсти“ неговиот уметнички израз и тој со мудра реч, испреплетена во комбинација на поетски дискурс и народна мудрост , во катарзичен перформанс на собраниската говорница, гордо и пол со себе изрецитира:
„Знам дека имате син, јас имам и син и ќерка. Тоа е кога треба да ја дадете, да ја мажите и велите ќе оди во едно семејство, знаете, они се побогати може ќе влијаат на нејзиниот идентитет. Нема да влијаат, иста ќе е. Треба да ја пуштам. Ќе додадат уште едно име на нејзиното име, иста ќе е, мојата ќерка ќе е, треба да ја пуштам. Треба да ја оставиме Македонија“ – срочи продуховениот Зоки.
Црпнатиот премиер рече, а лукративните „За“-евци силно воздивнаа. Да, ова беше прекршниот момент. Џабе сите притисоци, затвори, местенки, луцидни Кацарски, апсења, монтирани процеси, закани со деца, поткупи со стотици илјади евра и безобразни Фетаиња. Бадијала сите странски и домашни тројански магариња и нивната јалова поддршка. Ова беше ТОА, перипетија, пресврт, потегот кој ја реши битката.
Знам, и вас Зоки ве погоди в срце, нели. Башка во душа. И ако досега се држевте, одолевавте, дававте силен отпор за Северна, се инаетевте и мислевте дека не името туку владата треба да се смени, овие толку длабоки, силни и полни со симболика и тешка соддржина шест реченици на Зоки го сменија вашето мислење. Нели?
Или јок? Ни со оваа тешка, вдахновена реч на Зоки не допре до вашите мозоци? Пак статива, а? Таксират. Имате проблем, итно да си го решите оти вака не бива. Вашата немиеност станува хроничен проблем за „ЗА“-евци. Крајно време е да престанете да давате отпор и да дозволите да ви ги измијат мозоците. Па бадијала ли машината за перење мозоци работи 24/7 на „Илинденска бр.2“. На страна на скапа струја, но бадијала ли ангажираа цела армија перачи на мозоци, а вие си се инаетите, не давате и не верувате во нивните северно-добронамерни пориви? А толку многу труд (на крај и лубриканти) филантропот, патриот и македонољубец муртински вложи за прикаската да помине. Штета, нема да ви биде лесно во животот, да си имавте испрани мозочиња ко некои ваши сограѓанчиња, ќе ви беше топ, убаини, нирвана. Башка вработување во државни јасли.
Не ќе ви требаа ни заби, оти не ќе моравте да џвакате. Само ќе голтавте…
П.С. Со последната изјава, единствениот по многу што Зоки повторно се прослави, блесна и со светлосна брзина влезе во аналите на политичката мисла, па била и кооперациска. Ова е прва документирана изјава на политичар кој прави компарација на татковината со ќерка. Историјата познава многу споредби и симболки со членови на семејството, но ова е авторско, Зокиево откровение. Треба да му дадат некое милионче од Фондот за иновации, дефинитивно.
Да, сопствената држава се споредува со мајка (мајка Македонија), татко (татковина), па и дедо (дедовина), ама талентираниот и уникатен Зоки нафрли и наметна нова мисла и ги стави во дилема и на тешка мака светските мислители и демагози. Замислете го неологизмот Зокиев: „Ќе дадам се’, ќе загинам за ќерковината!“ Илиии: „Ова е жртва за тебе, ќерко Македонијо!“ Јако…