Си бевме и си останавме земја на парадокси. Да, земја во која неподносливата леснотија на владеењето носи толку неподнослива тежина на живеењето. За „немиените“, се разбира! Оние шарено и мозочно испраните немаат таков проблем. Земја во која наутро веќе не не’ будат со „Старо купуем!“. Сега, по најново, македонските граѓани се будат со „Пратеник купуем!“ И така, се посигурно си стануваме Северотопија, земја на граѓани обезличени по сите е… основи, држава на северобилмези, западни Борги и останати непрокопсани зомбиња. Година во која нема да се честита со „Среќна Нова 2019-та“, туку со „Аирлија Северотопија!“
Нека ми прости Милан за злоупотребата не неговото фантастично дело, но, некако, однапред знам дека ќе ми даде прошка. Оти, истиот тој Кундера кој пишува за неподносливата леснотија на постоењето, беше и еден од стамените потписници против Преспанската ни идиотштина. Наспроти анонимните Бибери и компанија, кои си ја наплатија поддршката за истата. Како и секогаш, впрочем…
Минува една година која голем број граѓани најрадо и би ја заборавиле. Година, која како што и започна, кулминира со сијасет глупоштини, незаконија, демагогија, тендери и невиден безобразлук, епитети кои станаа знак на препознавање на Заевата ДНН Влада, Друштво со НЕограничена НЕодговорност, наспроти познатото ДОО.
И оваа година, крајот делото нема да го краси, туку неделото ќе го гнаси. 2018-та завршува со општоприфатените комуњарски епитети – затвори, амнестии и редица други пазарења за изим во антидржавните им дејанија.
И така, будејќи се со новокомпонираното „Пратеник купуем!“, кое од собраниските кулоари и клупи по аналогија премина и во градските и селски сокачиња, уште потешко ви се станува од кревет. Оти, настрана продажбата на се’ човечко која е во тек, реалноста е навистина грда. Па си ги користите познатите „5 минути“ кои стануваат 6,7,8, се тегнете, не се давате… се’ дури не се сепнувате и како тајфун ги ставате крпчињата на себе, пиете утринско кафе и со необјаснива и парадоксална празна тежина во себе, одите на работа. Свесни, дека нешто не е во ред, а тоа што ве притиска и пече, така Шоповски си го закопувате во тишина…
Се отчукувате, подзаборавате, го „стартате“ комјутерот на работа, и заглавени во ексју трачеви, тамам сте подзаборавиле, кога, ново сепнување. Ууууууу, читате, Бејли се вознемирил оти судиите го користеле името негово за местењето случаи, терористи и останати фелацио-финти кон власта и насушната им потреба од менување на името на државата?!
Маки невидени, башка амбасадорски. Но што сакаше да каже авторот на писмото? Која е скриената цел на Џес, кој гарант не го напишал ова писмо, ниту го испратил за да судството ни стане независно? Што е новата игра? Чуму оваа глума на грижа за објективност и правда која одамна не ни помислува да егзистира на овие простори. Заедно со оние 25 отсто кои се иселија од државата, ко што вели Еуростат, и правдата одамна си ги спакува куферите. Јап, едни од чевлите кои непрокопсаните шарени срцки ги оставија пред Грујовата влада, ми заличеа како на оние на Јустиција…
Од каде пак сега, на човекот кој стана инвентар по судските кулоари, кој со придружната му амбасадорска свита милуваше да шета и дефилира по судови и кој ги прекрши и докрши сите начела на Виенската конвенција, му стана толку мака и сега се сепна и толку загрижи за нас? Кој го разбуди „коректорското“ во него, одлика која беше толку јасно истакната и злоупотребувана за време на „режимот?“ Зошто Бејли го прекрши молкот одобрувачки за „ЗА“-евци, згрешија ли нешто куќните му љубимци од „Илинденска“ бр.2? Или, не е до миленичињата му истренирани…
Ме натера да се запрашам, дали ова е се должи на задоцнета реакција на искреноста на судиите? Се разбудило ли неке чедо на Јустиција со гореспомената парадоксална, празна тежина во себе, па признало што го мачи. Не издржал ли некој, сфаќајќи колку голем грев прави со исполнувањето на зададените команди од ридот, па во фаза на искреност или поверојатно предновогодишно тешко пијанство, си признал кој и зошто го тормози да прави такви нечовечки и антинационални дејанија, се разбуди ли човекот кај некого од нелуѓето? Најде ли, конечно, човекот со фенер в раце човек кај оние со вага в раце? Држи ли дека ова е само ишкање на дрон-мувата од каубојскиот шешир на амбасадорот познат по бели, или Бејли беше…
На страна што маршалот од ридот, очебијно, ќе има неограничен мандат ко истоимениот, југословенски маршал од ридот, оти и онака веќе повеќе од една година си го продолжи до исполнување на северната му мантра, уште покомична е златномалинковската реакција на Зоки и „немирот“ кој Бејли го внесе во него со патетичното му писмо. Се „сепнаа“ Зоки, Рада, Кочо, Нино и Оли, дел за тендерите, дел за стипендиите, дел за „иновативните“ фондови, најмалку од воспитната…
Оти, кога оној што ве донесе и ве држи на власт зборува, куди, па и шамара, треба да молчите. Така барем вели комуњарската мантра. За нив „не спомнувај го залудно името Негово“, е името на Џес, затоа што само во него и веруваат.
Не е убо да го спомнувате, не дај Боже, пак, кудите оној, кому му ја должите неподносливата леснотија на владеењето. Да не беше тој, не ќе беа ни тие. Затоа, и потпушувачите од Илинденска глумеа загриженост, карикатурално лошо како и секогаш.
А Кацарска и компани, тие гарант се згазиле од смеење. Иако, провладини извори од судот велат дека така искарани и понижени, Кацариоидите дијазепами и хелекси на ангро пиеле и од судските клупи се трескале, во тешко бессознание и во транс од муабетот негов биле. Траор владеел кај овие извршители, се скршиле од каење, во силна депресија паднале, сфатиле што и прават на државата и народот… Абе ајде, бркајте работа, прикаскава ви е евтина, смешна и патетична, „Ш“ продукција… Бејли ни донесе правда, го врати судот на вистинскиот пат, па ги амнестираше оние на кои им згреши, а тие сосема случајно толку насушно му требаат на Зоки за да ја исполни Северната му задача и да го смени Уставот… Мизерија… Повраќаници…
И така, додека Македонија блуе, а последните денови од егзистенцијата со ова име го живее со Бејлиевата пародија и неговите итроштини, во државата се протна уште една уставотворна амнестија. Одлична карамкаша и ГМО политичар се роди и настана кога новопечените криминалци се најдоа и споија со своите стари побратими. Така, оние на власт ги амнестираа оние од кои го учеа занаетот и кои долги години ги мразеа зашто ги имаат полугите за правење пари, па сега сите среќни и задоволни си се најдоа, избација, помирија за век и веков и така озарени и уверени во прекрасна иднина тргнаа кон северомакедонското изгрејсонце.
Побратимени во идиотштината и глупоста, така милно гушнати, си зајаваа кон нов живот, нова историја, нови криминали, нов устав, некоја си нова нација, нови тендери и нова држава…
Останатите 1,2 милиони, пак, кои и онака не постојат – бидејќи „ЗА“-евци по Референдумот ги прогласија за такви, а исто и „меџународната“, оти битни биле само 610-те илјади „херои“ кои сосема случајно биле лукративци, нешто не разбрале и сигурно како сега шарените ќе се вадат дека ги излажеле и за тоа не се бореле, оние мозочно немиените засилено започнаа со пакување на куферите. Оти до сега, живееја во оваа земја затоа што беше нивна татковина, единствена од тој вид, која си ја сакаат многу, неизмерно, макар слабо или воопшто неплатени, макар со катастрофа здравство, непостоечка социјална држава, макар со воздух кој ги труе, макар со сета таа придружна демагогија, популизам и крајна партизираност…
Тие, мозочно „немиените“, трпеа се’ и сешто, џвакаа и голтаа многу идиотштини (за разлика од своите шаренолики побратими и посестрими кои само голтаа и скапо го наплаќаа истото), опстојуваа и покрај сите работи што државата не им ги нудеше и даваше, но сега полека и сигурно, веќе не гледаат зошто би го правеле тоа.
Да, Дедо Мраз ќе дојде и оваа година, а многумина ќе заминат оти ова повеќе никој нема да го трпи, затоа што нема веќе да го чувствува како свое. Ќе нема зошто да трпат, оти опцијата да останеш станува грда. Или ќе се приклучиш, или губиш, нели. А добитната опција е да станеш предавник на своето, криминалец и тендераш.
Интересно, ќе се селеле и Сороспиите и Шарените. Првите оти сурушот Сорос веќе не дава пари оти нема зошто, работата е завршена. Вторите, оние шареноликите билмези, пак, ќе се селат оти биле разочарани. Така, со испеглани СЈО маички и преостаната фарба во куферчињата, ќе заминувале од државата затоа што биле излажани?! Јок, бевте глупи, драги мои билмези, а вашата глупост ја трпиме сите…
И така, да сте ми живи, здрави и непокорни, но заглавени во неподносливата тежина на живеењето, ќе си „честитаме“ новата година со „Аирлија Северотопија!“
Одговорот кој ќе следи, ќе биде: „Аир да не видат…“