Може суптилно, еуфемизирано и иновативно грабежите да ги нарекуваме тендери, грантови, фондови за иновации итн. Но, ај да не се лажеме!
Сега, во време на фондови за револуционерни иновации, имаме барем две опции. Поевтина и поскапа, побрза и побавна. Или ако инсистирате на точност: барокна и натурбетонска. И можности за дебата, омилен збор на тие што не дозволуваат дебата ни за половина амандман. Ама дозволуваат пред дебата да се стави и демократска. А тоа звучи баш трагидемократично.
Но, доста дебатирање за дебатата. Битно е тоа дека и двете опции се иновативни и шарено револуционерни. А станува збор за враќање на украдени пари.
Првата е: На барокнана Порта Македонија, како што вети ексопозиционерот Зоран Заев, сега како премиер, на негов личен трошок, покрај веќе поставениот бројчаник за „парите што ни ги враќа од кражбата на режимот“, пак на негов трошок, да постави уште еден бројчаник. Дисплеј со шарени бројки на кој ќе се вртат суми на украдени „пари откако дојде живот за сите и плус демократија“. И откако опозиционерот стана власт.
Може суптилно, еуфемизирано и иновативно грабежите да ги нарекуваме тендери, грантови, фондови за иновации итн. Но, ај да не се лажеме! Станува збор за разграбани државни пари. Или ај најсуптилно – кражба од сиромашната народна каса. Разликата е само во тоа што, она што било правено во режимот е „кражба за осуда“, а тоа што сега е бетер, во оваа денешна шарена демократија, се вика „транспарентност“.
Јасно, транспарентно и без дебата, тие се суптилни суштества. И мора да има посуптилни изрази за да не им звучи како говор на омраза. А нели и не им личи, дури и многу грдо звучи, во вака расцветана демократија да има кражби.
Втората поскапа опција е изградба од темел на нова триумфална капија или Натурбетон Кула. Близу до стиропорна Порта Македонија, тука околу Лумикс и најгушканиот ГТЦ. Се разбира таа од темел до чатија ќе биде од натурбетон. Во ништо да не наликува на барок. Нека е грда ко куртон од шарена револуција, и нека не личи ама баш на ништо, ама да не личи и на постоечката. Тоа е нивната теорија и практика на естетиката.
А кога сме кај практиката, опцијата Натурбетон Кула, освен што е поскапа е и понеизвесна. Тоа што е поскапа е помалиот проблем. Народот вели отишол атот, па ќе плачеме за самарот. Или во превод на политички јазик: отиде Македонија, па ќе жалиме пари за една мочана Натурбетон Кула. Поголемиот проблем за оваа опција е токму практиката. Овие теоретичари на стиропорот, со месеци се мачеа да урнат еден стиропорен споменик, а ако почнат да градат натурбетон кула или палата, на свеченото пуштање, со чочек или со диџеј, ќе треба да оставиме аманет да им одат праправнуците.
Практично така стојат работите. Теоретски изборот е нивни. Независно, на стиропорната Палата Македонија или на нивната нова Натурбетон Кула, битно и задлжително е да има уште еден бројчаник. За него можеме да дебатираме колку сакате, но тој мора да биде со опција да прикажува не само бројки на пари кои ќе ни ги враќаат, туку и букви кој ги враќа парите на народот.
Па, наутро, напладне или навечер за тие од трета смена, ај сега и за тоа да не отвораме дебата, поминуваш и погледнуваш на дисплејот. На него со демократски бројки и со шарени букви пишува: Фирма на вицепремиер на народот му врати толку и толку илјади евра. Од тендерот на министерот еписибир, народот се офајди толку милиони евра. Снашката на советничката, од љубов кон свекрвата и нејзината песна, на народот му уплаќа плус и камата…
Или уште потрогателно: Слободниот медиум, кој се ужасува од владини пари, го моли премиерот и Владата да смислат уште една иновација како да не ги вратат парите, а да испадне дека ги вратиле. И уште дека се независни до отаде маргина. Или иновативна мисла од новинар, кој на дисплејот ќе напише, со италик или болдирано, колку е независен. И сите ќе не убеди, ќе не трогне: Поим немал оти фирма на жена му го иновирала со државни пари…
И така секој ден, и секоја ноќ за тие од трета смена, ќе имаме весели бројки и букви. И ќе живееме среќно и весело од суми и пораки од пратеници, министри, новинари, снајки, золви, шурнајки, братучеди, активисти, пасивисти… И сите останати исти. Купени со државни пари, да се продаваат за слободољубиви, иновативни, независни, демократи, правдољупци, загрижени за сиромашните итн.
Јас сум убеден дека премиерот ќе го постави и вториов дисплеј. Веднаш до првиот. Сеедно, дали на стара палата или на нова кула. Тој е човек од збор. Никогаш ништо не излажал. Оваа власт, и тој со нејзе на чело, се што ветиле исполниле. Затоа и верувам дека ќе ни ги вратат „украдените пари и од режимот“, ама и овие од демократијава. До последен денар или можеби во евра, за да не мораме да се мачиме со конверзии и менувачници.
Цврсто сум убеден во тоа. Ќе се случи. Дури и денот мислам дека можам да го погодам кога украдените пари ќе му ги вратат на народот: Вториот петок или третиот четврток, по Куковден.
Димитар Грумар