Африканецот од Кејптаун не праша од каде сме. Од нас го доби најлесниот одговор: Од Европа. Тој се насмевна. Но, не беше задоволен од одговорот, па ни постави дополнително прашање: Добро, но Европа има многу држави. Од која земја од Европа доаѓате?

 

Човечки е, без лажна скромност, да се признае дека речиси на сите ни годи да сме познати, големи, славни, да чуле за нас… А во странство, кога ќе кажеме од која земја доаѓаме, намерниците да не не гледаат со чудење. Со прашален поглед, и евентуална нелагодност од култура, поради тоа што првпат слушаат име на таква земја.

Меѓутоа, не може ниту сите да бидеме славни, ниту сите од голема земја, уште помалку од велесила. Ама секој може, или барем на никого не му е забрането, да си ја сака земјата од која изртил, колку и да е таа мала точка на глобусот. И да му се исполни душата, кога некаде низ светот, ќе сретне некој од кого најмалку очекува да знае за неговата земја, а сепак…

Тој ден бевме на некоја манифестација во Јужоафриканската Република, и на самиот југ од Африка. Таму, покрај другото, девојки во традиционална облека, ни ги ишараа лицата со бели точки. Не знам што симболика беше тоа, но ишарани беа и црномурните девојки. И поубаво им личеа белите шари на нивните лица.

Цел ден го минавме таму, бојата се испече на африканското сонце. Квечерината истиот ден, со колешката која исто така беше со ишарано лице, влеговме во Кејптаун во банка или менувачница беше, не е битно, за да замениме евра за ранди.

На службеникот на шалтерот, така ишарани, му станавме „сомнителни“. Дискретно не меркаше, а откако заврши со услугата, културно се извини, па не праша: Што ни значи тоа што сме така ишарани на лицето?

Се обидовме да му објасниме, иако бевме зачудени, оти мислевме дека тој како Африканец би требало подобро да знае што значат шарите на нашите лица. Но, тоа и не е битно за приказната понатаму.

На Африканецот изгледа му паднавме в очи, поради тоа што сме белци, а со „маскирани“ лица. И очигледно беше расположен за муабет. А имаше и можност за тоа, зашто во салата немаше други клиенти.

Не праша од каде сме? Од нас го доби најлесниот одговор: Од Европа. Тој се насмевна, но не беше задоволен од одговорот, па ни постави дополнително прашање: Добро, од Европа, но Европа има многу држави. Од која земја од Европа доаѓате?

Колешката не сакаше да го стави во нелагодност Африканецот, па почна да му објаснува дека сме од една мала земја, од јужниот дел на Европа, па почна со дополнителни географски ориентири, те Балкан, те бивша Југославија…

Африканецот уште поведро се насмеа и му заблескаа белите заби:

Ама сигурно вашата земја има име, културно инсистираше на точен одговор.

Од Македонија сме, ако сте слушнале за таа држава, најпрецизно му одговори колешката, очекувајќи и таа и јас, Африканецот од банката во Кејптаун, да покаже евентуална нелагодност од култура, поради тоа што ете првпат од нас слуша за името на нашата земја.

Е, па така кажете, културно не прекори Африканецот. Кажете дека сте од Македонија. Тогаш тој од нас доби дополнително прашање: Сте слушнале за Македонија?

Да, кратко одговори, и не гледаше со топла африканска насмевка.

Тие моменти, траат кратко, но баш тогаш и најбрзо се премотува филмот во главата на човек. Помислив дека пријателски расположениот Африканец знае за Македонија од времето на СФРЈ, можеби од Движењето на неврзаните…

Тој не гледа озарено, сфаќа дека сме изненадени од неговиот одговор, а додека траат тие кратки мигови, повторно набрзина ми се премотува филмот: Можеби човекот случајно знае за Република Македонија од долгогодишниот проблем што Грција ни го направи со името!?

Или пак можеби студирал во Европа, можеби во поранешна Југославија… На, ова ме натера да помислам средбата, неколку дена пред тоа, кога во Јоханезбург се запознавме со новинар во државната телевизија, со африканска боја на кожата и со перфектен акцент во неговиот бугарски говор. Тој долго престојувал во Бугарија, каде што студирал за време на апартхејдот во Јужноафриканската Република. И знаеше повеќе политички вицови за Тодор Живков отколку ние…

Знаете ли каде се наоѓа Македонија, праша колешката. Африканецот од банката со благороден лик и со насмевка одговори: Знам. Во Библијата! За Македонија сум читал во Библијата…

Потоа, Африканецот од банката во Кејптаун, посака да не убеди дека навистина знае за Македонија. Онолку докази колку што може при таква кратка средба. Тој ни посочи повеќе детали за апостол Павле и за Македонија, од тоа што го читал и запомнил во Светото писмо…

Вчера заврши самитот на НАТО во Брисел. Денеска е Павловден. А овие што прават „историски подвизи со Северна Македонија“, веројатно имаат нивно „креативно решение“ за Македонија и во Библијата!

Димитар Грумар