Како деца, во детските игри, се расправаме, се караме, се делиме за тоа на која од двете ривалски суперсили сме им „посвети“. А, според политичката религија, и на двете најсвето од се на светов им е нивниот Свети Интерес

Уште од мали нозе сме ги судирале големите сили да „војуваат за нас“. Многу деца минале во такви периоди од детството. Веројатно и денес е слично, само денешниве имаат можности големите сили да „војуваат за нас“ подиректно преку видеоигрите, со виртуелни подморници, тенкови и авиони.

Како и во полемиките на нивните татковци, вујковци и чичковци, на Фејсбук и на Твитер, која од светските сили „повеќе не сака“.

Но, за среќа тие детски судири останувале само детинести војувања, без жртви и без сериозна опасност да предизвикаат трета светска војна поради Македонија. И како сме растеле игрите и интересите станувале посериозни, ама за жал останала инфантилноста во многу од пораснатите деца.

Генерациите кои одамна не се веќе деца, туку чичковци и вујковци, кога ќе завојуваа ги судираа „здравиот социјализам“ и „трулиот капитализам“, па едни зад себе ја имаа Америка, а други Русија.

И тогаш почнуваа тактичко – техничките надмудрувања. Од една страна челикот на руските тенкови „беше многу појак и понепробоен“, ама затоа пак од другата страна американските авиони „носеа повеќе и поразорни бомби“. Можеби не колку познатите „заевки“, ама доволно силни да направат дупка во челикот на противничкиот тенк. Така се војуваше до распадот на „здравиот социјализам“ и прифаќањето на „трулиот капитализам“, како поздрав систем за живеење…

Во основата на тие детинести војувања, освен заблудите чии тенкови се од појак челик, чии авиони летаат повисоко, биле и заблудите кој повеќе не сака, дали Русите или Американците. Тие што биле „сојузници“ на Русите се повикувале на тоа дека Русите ни се трети братучеди, а Американците не ни се ич роднини. Па, по онаа народната дека „крвта не е вода“ детинесто се верувало дека тие се повеќе подготвени „да се жртвуваат за нас“.

Така било, така е и така ќе остане само во светот на детските игри за војна и мир. А во реалниот живот факт е дека нашите „сојузници“ се подготени да се жртвуваат само и исклучително само за сопствените интереси. Непишано правило е дека во реалниот свет, надвор од детинестите игри, од се најсвето и најголемо на „сојузниците“ им е сопствениот интерес. Тоа се потврдило многу пати во историјата, а и во актуелното секојдневие.

И денес, кога децата од погоре споменатите игри се веќе чичковци, вујковци и дедовци, и не пијат веќе млеко, туку пиво или препечена, се расправаат со шише в рака или трезни, кој повеќе не сака: Големиот Брат или Вујче од Америка. И пак меѓусебни делби во име на „сојузништвото“. И секој со „свои факти“ кој повеќе ни помогнал, некогаш и денес. И идентификување со моќта на Големиот Брат или моќниот Вујко, што е одлика на малите да се идентификуваат и чаталат со силата на големите и моќните.

И повторно меѓусебно „војување“ за тоа кој повеќе се жртвувал или би се жртвувал за нашата кауза. Кој од „сојузниците“ направил повеќе за нас или ќе го стори тоа допрва. Кој не признал под уставното име, а кој тоа и зошто го сторил подоцна. Пак, како деца, во детските игри, се расправаме, се караме, се делиме за тоа на кого од двата ривали сме му „посвети ние“. А, според политичката религија, и на двата најсвето од се на светов им е нивниот Свети Интерес.

Кога сме кај нашата кауза, во меѓусебните престрелки за изборот на подобар сојузник ќе слушнете: Ако сакаше Вујко ќе беше решен проблемот со името во наша полза, ама тоа не му е во интерес. Одговорот од другата страна на масата е дека истото може да го направи и Големит Брат со проблемот на нашата Црква. Ама тоа не му е во интерес.

Така се празнат шишиња, чаши, чинии со мезе, а се полни етерот и страници со политички фрустрации и полемики од одамна пораснати деца, за „стратешкиот партнер“. Си врват денови, години, векови, а нашата игра за Вујче и Големиот Брат останува. Сега е само видеоизменета. Разликата е во тоа што некогаш била детска, а сега е инфантилна.

Димитар Грумар