Дворските барабанџии се дебело платени, од домашни и од странски фондови и фондации, да ја лапаат лагата на царот. И брзо, по медиуми, да му ја повраќаат на народот. Тој бесплатно да голта дека ќе му го зајакнат идентитетот во Уставот. И дека идентитетот ќе пука од ерекција
Едни тврдат крал, други не крал, трети октроиран… Глобално, крал не крал, за тоа очи нека си вади нашата Божица на правдата. Едно око за судот, едно за извршната власт.
Ама тој е повеќе од принц. И од крал. Апсолутно. Тој е цар! Ако почне да се набројуваат сите факти, ќе има многу повеќе отколку што СЈО има бомби. Со записник, сосе тие што се пуштени во слободна продажба на битпазарите.
Тој не е принц. Тој е апсолутен господар на лагата. И тоа не каква било, туку е цар на најслатките лаги, кои според нутритивните вредности се целосна замена за се што им треба на тие што во Македонија немаат ни за леб.
И после злобните ќе речат: Го пратиле царот, да го лаже народот. Ајде мајката!
А цел свет знае дека тој, додека дише, додека има и последен милиамперчас во акумулаторот на четирициклот, ни на крај памет не му паѓа да пали на курбла. Затоа не му чепкајте во жичката. На свеќицата од моторот. Ќе има курцшлус. Во тоа е убеден не само Курц, туку и Меркел, а за Хан да не стане збор. Истото, на сета мака околу разводот од ЕУ, ќе ви го потврди и Тереза Меј.
Тој е цар! И му се восхитувамe. Сите! До последниот што секи месец земаме просечна од петстотини евра. Само потпросечените, тие што не веруваат дека просечната брзо ќе рипне над петстотини, може да се тегават дека не е цар и дека е само принц на лагата. И тие што ниту еднаш не отишле на паламудење на Куба или на Малдиви со тринаесеттата плата што ја добиваме од повратокот на „дедеве“. И ненаситните, на кои уште им е малку тоа што радиодифузната такса сега никој не ја плаќа директно на шалтер, туку индиректно преку буџетот…
Е, токму таквите пак ќе гракнат: Го октроирале царот да го лаже народот. Ајде мајката… Илинденска и Северна! А царот со полн гас не вози во европско бесплатно здравство. За да не дремеме по амбуланти за ишијас, туку директно, без упат, на европските клиники. Со сино картонче, ами како!
Ајде да не ја должиме вистината за царот на лагите. Тие се толку слатки и толку бројни, и толку чести… Како антибиотик. Зависи од дејството, некои два пати на ден, а други по една на секои шест часа. Бесмислено е да се прави обид да се бележат сите, освен ако некој има амбиции да докторира на македонскиот феномен на лагата. И одма да ја лапне Нобеловата за исклучително обемен труд.
Катаден ги консумираме од царот. Дворските барабанџии и шутови се дебело платени, и од домашни, уште повеќе од богати странски фондови и фондации, да ја лапаат лагата на царот. Ама брзо потоа, по медиумите, да му ја повраќаат на народот. За сиромашните бесплатно да ја голтаат, се разбира, како што е бесплатно и заевропското здравство на царот. За да го јакнат имунитетот на македонскиот национален идентитет во Уставот. Да пука од ерекција.
Ама пак ќе се најде некој да најде маана: Го донеле царот, да го смени Уставот. Ајде… тетката Северна! Шират лажни вести за царот на лагата. Но, тоа не врви лесно. Неговите товени и бројни барабанџии веднаш преку вистинити вести, вистиномери, колумни и дебати ќе запукаат дека антизападните елементи во Македонија шират лажни вести за неговото височество. За нивниот омилен цар на лагата. И некрунисан министер на европското бесплатно здравство. На кого, годинава, од пред нос му ја лапнаа Нобеловата награда за набавка на мир преку распродажба на татковината.
Но, велат, како Господ никој не е. Ни царот. Дури ни царот на лагата. Ако оваа година му куртули Нобеловата за мир, здравје боже, до година сигурно нема да му побегне Нобеловата за лаги. Се разбира, ако Комитетот во Шведска ја воведе и оваа категорија за нобеловци.
А зошто, пак, да не? Кога и во Европа, и отаде Америка, веруваат во нашиот чесен цар на лагата. Глобал…но! Зошто, пак, да не му учинат и тоа. Со скромен подарок. И просто, како тендер за лубрикант. За полесно да ја втера Северна во Уставот.
И конечно, ние да бидеме ни западни, ни антизападни, туку северни. А царот на лагата да биде устоличен во цар на протекторат. Понуда која не се одбива. Како во филмовите за демократска Коза ностра. Само овојпат од демократска Европа и од прекуокеанската демократија. Против волјата на две третини од народот.
Димитар Грумар