Ирец во Белфаст, ми рече: Види каква е атмосферава, те тера или да пиеш или да се тепаш! Сега го чекам да дојде во Скопје. И ете шанса за реванш: Види каква е атмосферава, те тера да плачеш или да се кинеш од смеење
Еднаш, пред повеќе години, еден Ирец во Белфаст, на шега, ми рече: Види каква е атмосферава – те тера или да пиеш или да се тепаш! Сега, спроти денот на нашето прекрстување, го чекам Ирецот да дојде во Скопје. И ете ми шанса за реванш: Види каква е атмосферава – те тера да плачеш или да се кинеш од смеење!
Ако не му е јасно, има фуснота: Севернодемокративе секој ден не револтираат, создадоа атмосфера за тажење, не само за плачење. А од друга страна, пак, секој ден прават комедии народот да се кине од смеење!
Ако не е доволна фуснотата ќе му додадам плус: Твојата брегзит премиерка Тереза Меј доаѓа да ме убеди да гласам за да си го сменам името за да влезам во ЕУ. Австралискиот, се извинувам, мислев на литванскиот… Уф, ама лошо ни оди со знамињата и имињата на државите… мислев на австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој пак, ме тера да си го сменам името за да влезам во НАТО.
Тој, истиот Курц, кој се лути оти нашиве северни капацитети еден ден му го сменија знамето. И баш кога е дојден да ме убедува за навек да си го сменам и името, оти знамето веќе е сменето. А народ, како народ, не можеш да му ја затнеш устата. Вели: кој Курц знае како е во НАТО, ако не е таму?!
Овој мојов, пак, октроираниов премиер, бара в затвор да лежи македонскиот премиер што му купи нов блиндиран „мерцедес“ за да се развозува не само тој, туку да ги развозува низ Скопје и твојата Тереза, австриски Курц и сите други дами и господа, што доаѓаат „да не молат“ да се евроинтегрираме. Курц да ме убедува дека НАТО ќе ми дава злато, а Тереза дека сите патишта водат во ЕУ!
И, ај сега, одлучи: Да плачеш или да се смееш?! Лесно е во Белфаст, пиеш или се тепаш. Ама ај одлучи што треба да правиш во Скопје, со оваа трагикомедија? Ти, во Белфаст, тоа го кажа на шега, ама кај нас октроираниве, октроирачите и ѓаволот, ја однеле шегата!
Убаво еднаш октротираниов рече: Со сила можеш некому нешто да дадеш, ама со сила не можеш да му земеш. Сигурно бил инспириран од вашите премиерки, канцелари и амбасадори. Тие со сила сакаат да ни дадат ново име и богат живот. И сигурни евроатлантски перспективи… За да не бегаат младите од Македонија.
Како сега. Со 40.000 долари државна стипендија. И се извинувам на малата на октроираниот министер за надворешни и за внатрешни фалби на договорот со Грција, со кој ни ги отвора вратите кон НАТО, ЕУ и вселената.
Ај, сега, ти од Белфаст кажи: Дали трагикомедијава, со севернодемократски актери, е Македонците да плачат или да се смеат? Ако е толку лесно да кажеш „шише или бомби“ во Белфаст, ај кажи за кај нас: Да плачеме или да се смееме, кога министерот за фалби на својот договор за продажба на историјата, името и идентитетот, не залажува дека „НАТО ќе не брани, ЕУ ќе не храни“?
Но, покажа ниво на култура. Тато и се извини на бруцошката, поради тоа што успеал да и обезбеди за живуркање во Холандија, едвај 40.000 долари, собрани од сиромашните граѓани на сегашна Македонија или идна Северна, како што сака да се викаме совесниот северномакедонски тато.
Доблесно беше, освен тато, на малата да и се извинеа и останатите министри. И целата октроирана влада. И сите граѓани. Оти тато за нас печали европски живот, ќеркичката ја праќа со македонска стипендија. Можел белки да и обезбеди попристоен износ. Срам да му е! Само ако малку запнел можел и дупло. Големо чудо, ќе скинеле на уште на некоја клупа, тетратка и буквар за сиромашни, и башка неталентирани… Ете пари плус за татини ќерки. Ако граѓаните на Македонија се сиромашни, ако немаат за леб и за лек, не се отепани да не можат на министерска ќерка да и платат барем 80.000 долари стипендија!
Сепак, во оваа сеопшта македонска трагикомедија, најсмешни се нашите ѓомити интелекти. Башка и водечки. На заблудените им е простено. Водечките, а и доста од нив водени, со години цицаат долари и евра од надвор, за внатре да не убедуваат колку е сиромашна Македонија со пари и богата со неправди. Сега истите мудруваат „придај Боже деца како Ј. Д. кои се успешни и котираат добро на универзитетите во Европа“. И не убедуваат „оставете ги децата понастрана од полтичките пресметки“! Истите тие сурати што мешаа и деца, и бебиња, и семејни судбини… Со единствена цел, на власт да им дојдат давателите на стипендии на министерски бруцош(к)и!
Водечкиве се како некогашните шушкавци. Или виндјакни. Тие што беа во две бои и се носеа и на лице и наопаку. Типови на интелекти, како добриот татко министер, кои до лани „умираа од жал за сиромашните млади во Македонија“!
Истите тие министерски татиња, и нивните батиња, како и дадите, упорни се да не „збогатат и заштитат“ со ЕУ и НАТО. И тука, на крај, е парадоксот. Токму тие, октроираните типови, како и скапо платените убедувачи, практично се и најголемите пропагатори на бојкот на референдумот за Северна. Оти секој ден, со уста, викаат „излезете“, а со дела „бојкотирајте“! Истите со уста викаат оти на викендот во Преспа удриле дебели шајки и го „зацврстиле македонскиот идентитет“, а во практика… жими „Маде… ин Мацедониа“!
Затоа, ти од Белфаст, ако не дојдеш денеска во Скопје, прати бар една честитка за Денов на независноста на Република Македонија. Знам дека трагикомично ти звучи независност, но така е називот на празникот во Македонија. Која сега е бетер од наркозависник. Од октроирани и од октроирачи!
Димитар Грумар