Се сеќавам на една книга од детството, за тоа време луксузно опремена. Беше загрепско издание, со поголем формат, превод на македонски. Во неа беше собрано минатото во слики и зборови од преминувањето на старите Словени преку Дунав, па се до изградбата на каналот Дунав – Тиса – Дунав

Ако почнеме да се враќаме наназад, ама многу далеку наназад, сеедно дали по божјите или по дарвиновите патишта, ќе стигнеме до сознание дека всушност и денес сите сме некакви братучеди. Јасно дека не први, ама барем сто милионити и први. Оти, нели, сите сме создадени од истата кал или ако повеќе сакате, сите сме потомци на тие мајмуните… Таа роднинска лоза ја запишувале историчарите, но не секогаш со квалитетни мастило и хартија, односно ласерски печатачи. Па, некои работи запишувале, некои ич, некои се замачкале… Историчарите некогаш пишувале, ама како песни за Крали Марко, за походи во кои со трски се форсирале водени препреки кои и денес не е едноставно да се изнуркаат со современа опрема.

А кога сме кај трските, и кога се враќаме наназад, се сеќавам на една дебелка книга од детството. За тоа време беше луксузно опремена, со наслов на тврдите корици „Минатото во слики“. Беше загрепско издание, превод на македонски. Во книгата беше собрано минатото во слики и зборови од преминувањето на старите Словени преку реката Дунав, па до изградбата на каналот Дунав – Тиса – Дунав. Еден од впечатливите цртежи, а ги имаше многу, беше за Словените од зад Карпатите, кои беа стигнати до левата страна на Дунав. Од десната страна на реката имаше војници со копја и штитови и како да чекаа инвазија.

Сите деца се одушевуваат од приказните во кои послабите, но со јуначко срце, ги победуваат помоќните. Словените голораки и само со трските в раце, а од другава страна војници со оружје. Ама како во стриповите за Мирко и Славко, тие секогаш победуваат, дури и цели германски дивизии. Така и Словените, капнати од долгиот пат, со трски за дишење и прикривање под вода, прво го победиле големиот и широк Дунав, а потоа и тие човечињата со копја и штитови од другава страна на цртежот. И продолжиле на југ.

Приказната ме одушевуваше исто како и Марко Крале кога совладуваше воздушни препреки и скокаше со својот Шарец од планина на планина, а кога ќе се разлутеше насекаде расфрлаше камења од неколку тони и затоа денес имаме насекаде Марков камен. Или, пак, за Болен Дојчин, кога и болен во постела, беше појунак од душманите на сестра му Ангелина. Детски ги мешавме митовите и историската вистина. Ама не било грев оти тоа го правеле и научници кои пишувале историја…

Дваесетина години подоцна бев војник во Сингидунум, на десната страна од Дунав. Дури ми се чини баш таму каде што стоеја тие човечиња со штитови, од цртежот во „Минатото во слики“. Таму бев шофер во гардиски инженериски баталјон и меѓу другите вежби, за минирање и деминирање на копно и на вода, имавме вежби форсирање на водени препреки. Со чамци, со бротчиња, со амфибии, со „укрцавање и искрцавање“ на камиони и војници…

Тогаш првпат сфатив колку им било тешко на Словените од зад Карпатите да го форсираат Дунав само со трски за дишење, бидејќи нас како добро опремени војници не ни беше лесно да ја совладаме и Сава, која е и поплитка, и помала, и потесна од Дунав. А старите Словени немале ни гумени, а камоли брзи моторни чамци или амфибии, но сепак, како од шега го прегазиле Дунав.

Затоа почнав да им се лутам на историчарите. На старите Словени им задале толку тешка задача и ги ставиле во голема историска мака. Ги пуштиле со трски преку Дунав! Зарем сите биле толку вешти пливачи да пливаат и по неколку километри? Но, ајде да прифатиме дека постарите стари Словени со трските некако минале и, иако голораки, ги победиле овие од другава страна што ги чекаа со копјата во „Минатото во слики“. Ами нели со старите Словени имало и стари Словенки, помлади и мали Словени, па коњи, мазги, овци… Со какви трски тие препливале преку Дунав? Башка кога се оди во освојувачки поход, треба да се понесе барем некој камен в рака, ако не може друго оружје, за да се освојувааат териториите.

Ете, поради тоа историчарите ич не биле фер. Зошто морало со трски да ги пуштаат луѓето во поход? Зошто не им текнало да им направат некој сплав од тополите отаде Дунав, чунови од издлабени трупци или слично, за поуспешно да го форсираат Дунав, Сава, Тиса… За среќа, не морале и каналот Дунав – Тиса – Дунав, оти истиот го ископале младите Словени. А ако им направеле сплавови старите Словени на нив ќе можеле да качат и жени, деца, па и нешто од коњите, мазгите, овците и другиот добиток со кој и од кој живееле.

Тие што ни го пишувале и сликале минатото направиле уште еден мал пропуст, поради кој имаат проблем со научниците од природните науки. Физичарите велат дека е тешко да се дише под вода поради хидростатичкиот притисок што водата го врши врз потопените тела, а со тоа и врз белите дробови на човекот. Поради тоа нуркачите користат компримиран воздух, а старите Словени немале такви боци. Некои од тие што се разбираат во дишење под вода тврдат дека е тешко и дури невозможно да се вдишува и издишува од една цевка, ако таа е подолга од шеесетина сантиметри, бидејќи во истата ќе останува наталожен веќе употребениот воздух… Итн.

Неспорно е дека историчарите се тие кои треба да кажуваат кој од каде дошол, како препливал, долетал или допешачил. Но, не е на одмет да има повеќе логика во историските приказни. Така не ќе мора „братучедите“ да се кавгаат дали се потомци на древни Словени или на древни Македонци!

Димитар Грумар