Тие што себе, и своите блиски, се усреќуваат со тендери од ваши пари, вас ќе ве усреќат со нивни подароци. И пак купени од ваши пари: тројанско пенкало и тројанска запалка
Овој месец, купени од ваши пари, ќе добиете нивни подароци. Ќе ви тропнат на врата или ќе ве пресретнат на улица и ќе ви ги врачат подароците. Можеби и во ходник, во лифт… Небитно. Важно е дека тие што себе и своите блиски се усреќуваат со тендери од ваши пари, вас ќе ве усреќат со нивни подароци. И пак купени од ваши пари: Тројанско пенкало и тројанска запалка!
Јасен ви е поводот на нивната великодушност: На 30 септември со пенкало „за европска Македонија“ ќе треба да гласате за Северна Македонија! И како што еднаш тоа се случи, сигурно памтите иако беше од поодамна, на 15 септември. Тогаш „секое семејство доби по еден вработен“, а по двајца во Европа, Австралија и Америка. И тогаш имаше пенкала, ама и локум. Сигурно уште ја чувствувате неговата горчина. Или можеби блажина?! Ај за вкусови не се коментира!
Овојпат нема кафе, нема локум, можеби за по некој ќе има маичка, но огромни се шансите да добиете пенкало и запалка. Тројански! Толку се грижливи за се, па несвесно се погрижиле и за симболиката. Оти, нели, и во подароците има симболика. Се знае во каква пригода се носи цвеќе и која боја. Сигурно дека е несвесно, но тие нудат симболика и во подароците што ви ги даваат купени од ваши пари.
Со пенкалото „за европска Македонија“ да им го потпишете капитулантскиот договор со Грција и да ја прекрстите Република Македонија во Република Северна Македонија. Но, тие се итри или некој итар ги поучил дека со пенкало „за Северна Македонија“ тешко ќе го добијат потписот од народот за нивниот капитулантски срам со Грција. Како и пред една година срамот со Бугарија. Залажушка е европскиот бренд на балканското пенкало. Дефинитивно!
Уште поголема залажушка е тоа дека тој што не е за промена на устаното име на Македонија, не е за европска Република Македонија! Баш е антицивилизациски и антиевропски да се ограничува правото и да се принудува Европеец да си го смени името. Спомнете си дали има барем еден таков или сличен пример во Европа, каков што нудат „нашиве генијалци“ за да не европеизираат! За да бидеме за европска Македонија, по сите логики, треба да ги почитуваме, но и да ги применуваме искуствата што Европа ги практикува. А пример како нашиов нема ниту во Европа, ниту било каде во светов.
И, пак, според логиката, токму тие што пишуваат залажушки на пенкалата и запалките, а потпишуваат капитулантски договори за смена на име и историја, не ја почитуваат традицијата на европските народи и држави. Европски е да правиме нешто што правела Европа и нејзините држави. А нема ниту еден друг пример, како тоа што го прават овие со тројанските пенкала и тројанските запалки. И, логично од тоа, токму тие се однесуваат антиевропски. Затоа што сакаат народна заверка на тоа што го… ај, со некој поевропски, попристоен израз: на тоа што го закашкале! И како што сами признаваат, на некој паркинг во Дојран, а потоа со таламбаси и во Преспа.
А по баење нема каење! И за бајачи што за судбината на државава почнуваат разговори на паркинг во Дојран, но и за тие што со пенкало, со злоупотребен европски бренд, го ставаат кругчето за да заверат таков… Ај, пак со поевропски израз: таков паркинг-договор.
Заверката со кругче, на тие што не им значи ништо ниту името на државата, ни историјата, ни идентитетот, ниту менувањето на Уставот… а мислат само на иднината: Во блиска иднина загарантирано им е дека ќе добијат нов пасош, нови лични карти, здравствени книшки, крштеници, возачки, сообраќајни… И се што може да се добие на нашите еврошалтери кои сигурно ги обожувате.
Но, тогаш со свое пенкало ќе пополнувате формулари по шалтери и од свој џеб ќе си ја плаќате „иднината“. И загарантирано е уште нешто: Дека по бранковиот 15 септември сигурно доаѓа црпнатиот 30 септември.
И уште еднаш за симболиката на подароците. За тројанските пенкало и запалка за Северна: Пенкалото како симбол со кој ќе се пречкрта минатото, историјата, идентитетот и се македонско. А запалката: да изгори Уставот и уставното име на Република Македонија. А потоа, ако се смилуваат Грците и другите соседи, и под услов да не измислат дека треба и крвта да си ја смениме, ќе ни се отворат патишта кон евроатлантски интеграции. А тие се креативни, и во спогодбата „меѓу Првата и Втората страна“ од Њујорк пишува дека Првата нема да ги попречува евроинтеграциите на Втората!
Не верувај им на Данајците и кога дарови носат. И на тие што прават паркинг-договори, исто така. И подаруваат тројански пенкала и запалки со „европска“ за Северна!
Димитар Грумар