Фанче ДИМИТРОВСКА

(авторот е правник)

Точно е дека власта прави толку многу гафови што многу е тешко да се следат и на сите да се реагира соодветно. Но, секако меѓу сите нив има такви на кои што треба и мора да се реагира навреме, бидејќи се од таков тип што преку соодветен притисок од граѓаните може да се спречи истите да произведат многу големи штети за државата. Последниот гаф со премиерот и лажните државници за секој со нешто повеќе од просечно разбирање на меѓународните односи е многу повеќе од шега и може да доведе до суштински проблеми во однос на позицијата на државата во регионот, но и пошироко.

Како што реков, додека постојат гафови со кои јавноста е преокупирана, пред се од сензационалистичкиот дел на целата приказна (која патем е завршена и никако не може да се влијае врз исходот или да се превенира), во недостаток на способност за утврдување на приоритети, ние забораваме на многу работи кои ќе поминат незабележани поради неконкурентноста од аспект на забавата која другите случки ја нудат.

Шокира фактот дека ваквите ситуации најгласно говорат за недостаток на здраво и критично новинарство и пред се опозиција чија што задача е токму тоа. Не да чека да ги добие привилегиите  што ги носи власта, туку да ги штити граѓаните од самоволието на мнозинството, посебно кога не е тешко да се насети дека само законот и владеењето во рамките на поредокот не е доволен механизам сам по себе да ги заштити граѓаните од авторитарно владеење, кое е токму условено од постоење на овие фактори.

Всушност, мислам дека сум блиску до поставување на дијагноза врз основа на симптомите кои ги покажува организмот наречен држава во последниве 15 години најмалку. Апсурдно е да се зборува за власта, и од неа да се очекува некаков задоволителен перформанс, ако опозицијата, и се што треба да значи критична јавност, а новинарите пред се, се далеку од висината на задачата.

И така, додека ние цела недела се занимаваме со „Порошенко” и хистерично паѓаме во транс од прекарите и слатките именца со кои нашиот претседател се обраќа на премиерот на соседната земја, забораваме дека завесите се уште стојат неспуштени по завршетокот на пиесата во која главни улоги ги имаат истите актери. Нивните улоги се во меѓусебна пресметка околу најбитните елементи на државноста, преточени во одредени историски ликови на државата наречена „втора страна”, но во меѓувреме, се случуваат и други, морам да признаам не толку забавни, но и тоа како штетни и симптоматични настани за тоа што погоре го напоменав како облик на владеење што најлесно фаќа корен во условиве, такви какви што се.

Имено, пред некое време, како дел од т.н. операција „Метла“, премиерот по теркот на решавањето на прашањата од надворешната политика, и нормално охрабрен од „блескавиот“ успех на тој план, реши дека со истата жестина и фокус ќе се впрегне во решавање на наредната приоритетна област во државата, економијата, која што според владините најави ќе биде поставена како приоритена агенда за наредниов период од мандатот на ова мнозинство, па реши тоа да го реализира поставувајќи се себе на позицијата министер за финансии.

Да не заборавам, не е фер, а да не се напомне дека логично произлегува дека ваквата негова себеперцепција не ја стекнал туку така, туку е резултат на мноштвото „високи“ интелектуалци кои секогаш критички настроени и објективни ги критикуваат потезите на функционерите од неговата влада, и тоа од позиција на неспорност на неговиот кредибилитет, кој се разбира далеку од умот е дури и да биде доведен во прашање.

Таман работа, зошто и би бил!?

Човекот нема нити една дамка во кариерата, напротив е жртва која не ослободи од режим. И така, со своите молби и апели, го вратија човекот дома, па сега, кој ако не тој, да го среди и овој витален сегмент на државава.

За жал, согласно нашата правна регулатива, функцијата премиер е неспоива со вршење на друга функција истовремено, и антикорупциска го оцени ваквиот потег како незаконски, или барем неетички според кодексот на добро владеење доколку изрично не би постоела норма која би уредила ваков пример.

Согласно таа нивна препорака премиерот се откажа од себеименување на позицијата, но објави дека ќе раководи со Министерството „до избор на нов министер”.

Кај нас, новинарите и опозицијата изгледа го слушнаа само првиот дел од изјавата, каде се откажува од негова кандидатура.

Не можам во ваква констелација на односи, да не се запрашам како премиерот ќе раководи со Министерството без да е министер, колкав е тој „краток период” до назначување на друг, до толку повеке што во даденото Министерство постои жив и здрав именуван функционер – заменик министер со чиј што опис и попис на задачи се покриени токму вакви или слични ситуации кои можат да настанат во институцијата.

Се поставува прашањето на овластувањата  –  дали неминистерот кој кратко до избор на министер ќе раководи со Министерството ќе има полн обем на овластувања или ќе функционира во рамките на овластувањата на еден технички министер?

И на крајот на краиштата, врз основа на кој правен акт, правен основ, во какво својство ќе ја врши ваквата дејност?! Или поинаку поставено, како ваквото решение е законско, за сметка на првицната идеја за негово формално именување!?

Кога ќе се види колку малку луѓе се занимаваат со ова или слични други прашања кои по суштина се многу битни, доволно е само да се констатира дека Заев ова решение ќе го помине мазно, без проблеми, а ние со ваква критичка јавност и опозиција нема да препознаеме „заробена” дрзава дури и кога ке метастазира во сите области на нашето живеење.