Љупчо ДИМОВСКИ

Социјалистичката идеја во својата суштина го означува непоколеблитово единство на еден народ, социјалната правда, слободата, силните индивидуи кои работат за доброто и благосостојбата на општеството. Во македонскиот случај, оваа идеја е нераскинливо врзана и со нашето национално прашање и во својот најширок контекст тие претставуваат единство.

Но, за да ја зачуваме оваа наша национално-идеолошка матрица, за да опстанеме како држава и како нација, во овие драматични мигови токму денес, неопходно е единството на македонскиот народ. Македонија со право може да биде констатирано, дека денес недвојбено се соочува со најголемиот предизвик во сопствената историја.

За жал она што го гледавме изминатите години беше целосно ништење на нашата историја, идентитет, на нашите херои и дејци, како Кирил и Методиј, Климент Охридски, Мисирков, Миладиновци, на Охридската книжевна школа, во која се создаваше македонскиот јазик со преводот на текстовите од страгрчи на старословенски. Токму во тој превод се создаде едно карактеристично македонско наречје кое вршеше влијание да се создадат и останатите словенски јазици.

Тогаш во градот Охрид како најзначаен културен центар на истокот на Византиското царство се создаваше и најстарата Охридска Архиепископија, каде што нашите архиепископи ги пееа богозвучните песни токму на македонски јазик. Во изминатите години ние ги поништивме нашите дејци кои работеа и на еманципацијата на нашиот јазик, како основен атрибут на нашето посебно, национално ткиво. Токму со штетните договори кои што Владата во заминување ги потпиша со Грција во 2018-та година и со Бугарија во 2017-та година, таа повторно не врати во времето на големата панбугаризација и панеленизација и му кажа на светот дека нашата историја е лажна. Тие тврдеа дека на овој македонски простор живеат само Бугари, на кои тврдења се надоврза и претседателот Пендаровски, со онаа несреќна изјава дека и Гоце Делчев бил Бугарин.

Неправдата која е сторена на македонскиот народ во претходните години ние интензивно ја чувствуваме и денес ја живееме. Свесни за искривувањето на онаа Мисиркова свест дека нашата задача е само еден чекор напред, ние денес мораме да се вратиме на себе си, а судбината за својата татковина да ја земеме во свои раце. Ние денес мораме да го вратиме и достоинството на секој Македонец. Почитта на Македонецот кон себеси значи и своевидно освестување за пролеаната крв на своите претци за оваа наша Македонија, а тоа се основачите и борците на ВМРО, хероите на АСНОМ -ска Македонија и оние кои тргна по нивните крвави траги и кои паднаа за слободна, суверена Македонија, како и за достоинството на својот народ.

Уште пред неколку години укажував дека политиките кои беа водени од страна на владеачката гарнитура ја водат Македонија во голема неизвесност. Сега овие парламентарни и претседателски избори се пресудни за државата и нацијата како наш опстанок. Во овој миг македонскиот народ е на потег и ако во неговото срце затрепери една македонска искра, како што своевремено Главинов го нарекуваше едно од своите писанија со која реч се бореше за социјалистичката идеја и достоинството на својот народ, тогаш дефинитивно ќе победи Македонија. Токму единството на македонскиот народ во овој миг, кога државата е доведена до крајните граници на опстојба може да ја поврати и целосно да ја обнови, затоа што свесни сме дека на овој начин не можеме повеќе да одиме понатаму. Државата стагнира, се поткопуваат нејзините основни темели до нејзиното рушење, а овие избори треба да ја спасат Македонија од крајната пропаст.

Во Европската Унија не се оди декларативно туку со страндарди, вредности, детерминираност, посветеност и почитувањето на човекови права. Човековите права во Република Македонија гледаме дека секојдневно се поништуваат. Стандардот на граѓаните како основна егзистенцијална вредност за достоинствено живеење, е во целосен пад.
Социјалистичката партија во Македонија уште од 2004 година е дел од една политичка коалиција со ВМРО ДПМНЕ, како најголема коалиција, а двете партии се засновани на една иста идеја, а тоа е достоинството околу нашето националното прашање од една страна и идејата за социјална правда, еднаквост и среќа за сите граѓани во општеството од друга страна. Основата за создавањето на оваа коалиција е функционирањето на македонските државни интереси par excellance. Денес, не можеме да зборуваме за европски вредности на нашиов простор, кога не постои ден без да слушнеме за некој криминал и пљачкосување на македонските граѓани од страна на коалицијата во заминување. Можно ли е да поверуваме во ветувањата на идејата за европеизација, кога на терен гледаме дека тие прават се за таму да не стигнеме.

Нормално е дека секој од нас сака да се најде во европското семејство на народите како достоинствен чинител, но патот по кој што одат нашите опоненти од СДСМ и ДУИ нема таму да не одведе. Нивната работа секојдневно во изминатите години, ја демантираше во целост токму европската идеја како вредност. Ние мораме секојдневно да работиме и повторно да ги создаваме на македонско тло, европските вредности. А тоа е видливиот квалитет во службата на народот.

Проектите како” Бехтел и Енка”, славниот пат Кичево – Охрид што никогаш не се заврши, фабриката во Тетово за електрични возила – проекти за кои што се дадени над триста милиони евра, не не квалификуваат да бидеме носители на европските вредности.

Македонија мора денес да се врати на АСНОМ-сите вредности. Затоа, ние Македонците на овие избори мора да покажеме дека сме суверенот во сопствената држава. Новите барања кај албанскиот блок за повторното отворање на Уставот на РМ, за додавање на Бугарите во него и други народи, албанскиот јазик да не се ограничува на дваесет проценти на целата територија во Република Македонија, гласањето за претседател и потпретседал на државата да биде со „Бадентер“ во Собранието, се новите стеги во кои може да се најде Македонија доколку единството на Македонците не се оствари денес. Со сета почит кон народите и малцинствата, сепак мора да констатираме дека ние Македонците имаме само една држава. Неподносливо е понатаму да се гледа како Македонците се подредени во сопствената држава. Затоа е и овој тренд на постајаното иселување на Македонците во други држави, каде што тие одат да го бараат своето житејско засолниште мора веднаш да заврши.

Покрај сето наведено, сите албански политичари во претходните седум години имаа идеална можност да се солидаризираат и да застанат во одбрана на македонскиот народ, да бидат лојални на државата и да бидеме заеднички противници за изгласувањето на уставните измени. Се додека лојалноста кон Македонија и македонскиот народ е невидвива, се дотогаш ќе бидеме расцепкани и патот до ЕУ ќе биде далеку.

Професорката и кандидат за Претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска-Давкова во таа смисла е претседател кој ќе обединува, а впрочем таа и сега тоа го прави. Целата пратеничка група застанавме зад неа да и дадеме поддршка за нејзината работа пред се како колеги. Имаме кандидат за Претседател на државата која е експерт по Уставно право, а ние токму тоа го бараме, да се почитува Уставот и во Преамбулата и во неговиот нормативен дел.

Во изминатите четири години Гордана Силјановска-Давкова како пратеник во македонското Собрание, на дневна основа укажуваше и им делеше лекции на Европјаните како треба да се почитуваат нивните, европски закони. Голема ни е вербата во зрелоста на македонскиот народ и македонските граѓани, кои катаден со нас ги споделуваат овие ставови, а тука се посочени, но нашата задача е ние да бидеме секогаш со народот! Љубовта што проф. Силјановска-Давкова ја има за својот народ се разликува од она понижување кое пред пет години Пендаровски го упати кон сопствениот народ и го нарече стока кој треба само да се товари во автобуси и комбиња. Сега, народот е на потег, на овие избори тој да каже што мисли за сево ова на најдиректен начин. Има работи кои не се простуваат, има работи преку кои не можат да се преминат без да се побара отчет во името на правдата и во името на оние чие право беше повредено. Тој ден е осми мај.

Овој датум ќе ја објави победата на македонскиот народ. Денот на слободата и денот на враќањето на Македонија на Македонците. Историјата на Македонецот не е парче хартија која може да се избрише, ниту таа ќе исчезне со потписите на предавниците. Имало историски периоди кога тоа се случувало но тоа се црни дамки во борбата за нашиот идентитет и на тие грешки треба да учиме, за да никогаш повеќе не се повторат.

Коалицијата “Обнова за Македонија” во која членуваат ВМРО ДПМНЕ, Социјалистичката партија и други помали партиии е составена од исклучително сериозни луѓе. Тие луѓе особено внимават на ветувањата и дадениот збор како базична етичност. Ние мислиме дека токму таа етичност е пресудна во наредниот период. Нашата борба е Македонците повеќе никогаш да не страдаат заради економските неприлики или националните понижувања. Ние ништо нема да ветиме доколу во тоа не сме сто процентно сигурни дека ќе го реализираме. Имаме победнички програми за народот, нашиот отчет ќе биде пред народот, затоа што се разликуваме од коалицијата во заминување и затоа што не сме сите исти. Нашата максимална заложба – Македонија да стане убаво место за живеење, е најкатегорично воспоставена. Се што ќе биде ветено во нашите програми, значи дека имаме сила, капацитет и знаење сто процентно да го исполниме и многу да работиме. Еднаш јавно кажаниот збор и ветување на еден човек мора да има свои консеквенции, а не како во минатиот период кога политичарите си поиграа со граѓаните и довербата на народот. Буквално се што беше ветено, не е испорачано. Се изгуби многу време во уништувањето на државата и секој пат кога велевме дека ова е дното и ова е најлошото, уште полошото чукаше на вратите на Македонија. Почитта, чесноста, принципот на доследноста и достоинството се универзалните вредности од кои што народот веќе никогаш не смее да отстапи. Помина времето на бесчувствителните, арогантните и неискрените политичари. Дојде времето да се владее рамноправно со народот, а политичарите да бидат ехото на народниот глас.

Како човек и политичар во минатото, исто така и денес, ќе го чувам својот образ, своето достоинство, затоа што патриотизмот е домашно воспитување и токму заради моите родители и моите граѓани јас никогаш нема да потклекнам пред највисоките морални вредности, а со целото срце ќе се борам за просперитетна Македонија. Затоа што секој оној кој се спротивставил на волјата на народот, на крајот мора да биде губитник. Така ќе биде и на осми мај.

Би сакал на крајот да им се обратам на граѓаните на Република Македонија дека сите ние имаме една голема морална, граѓанска, а пред се македонска обврска да излеземе и да гласаме. Уверен сум дека со нашето национално единство ќе ја извојуваме победата, а таа победа во овој случај значи дека македонскиот народ не потклекна и дека и во најтешките околности никој не можел да го пороби. Изборната победа овој пат во себе носи голема симболика – враќање на Македонија на Македонците, а политичарите тогаш имаат обврска да ја вратат благостојбата, социјалната правда и слободата. Промените во таа смисла се прв приоритет и неопходност, за да го видиме повторно среќен и задоволен македонскиот народ.

(авторот е претседател на Социјалистичката партија на Македонија)