Ана ДУКОСКА, претседателка на невладината „Јас сум жена“
Што сакав да ТИ кажам денес…
Сакам луѓе што се вредни, што создаваат, што се движат. Луѓе што не живеат од туѓи приказни, туку од сопствени резултати. Луѓе што ме инспирираат да одам напред, а не да се враќам назад.
Сакам луѓе што се чесни, со збор што тежи. Луѓе што имаат интегритет, не само празни и непостојани ставови. Луѓе што ќе ми ја кажат вистина, директно и елегантно, очи во очи. Сакам луѓе што имаат само едно лице, една приказна, една вистина. Луѓе кои цврсто стојат зад секој свој кажан збор. Луѓе што советуваат мудро, со чиста намера, со желба да ме видат како растам, а не како се сопнувам.
Сакам покрај себе луѓе што не се плашат од мојата светлина. Луѓе што не се чувствуваат загрозено кога блескам, туку се радуваат. Луѓе што не ме мерат, не ме споредуваат, не ме анализираат, туку ме разбираат.
И најмногу од сè, сакам луѓе што стојат до мене кога е тешко. Не кога е удобно, не кога е интересно, не кога е популарно, туку кога е баш комплицирано за да се опише со еден збор. Луѓе што не дозволуваат никој да зборува против мене, затоа што знаат дека достоинството е дел од карактерот, а не од занесот што им го сервира моментот.
Тоа се луѓе што не мора да ги барам.
Нив лесно ги препознавам.
По мирот што го носат.
По стабилноста што ја даваат.
По начинот на кој ме гледаат, право во очи, искрено и без маски.
Постои момент во животот на секоја жена кога престанува да се извинува за својата сила. Кога престанува да се намалува за да им биде удобно на другите. Кога конечно сфаќа дека нејзиното опкружување не е случајност, туку избор. И дека изборот мора да биде бескомпромисен!
Од тој момент, жената почнува да гледа појасно.
Почнува да слуша поостро.
Почнува да чувствува подлабоко.
И сфаќа дека не секој што ѝ се насмевнува е нејзин човек, и не секој што ѝ е близок ѝ е добар пријател.
А како да ги препознае оние што не ѝ мислат добро?
Интимно, жената секогаш знае!
Но, некогаш одбира да си молчи.
Од воспитаност.
Од навика.
Од надеж дека ќе се сменат.
Не се менуваат!
Ги препознавам по тоа што се појавуваат само кога нешто им треба.
По тоа што се натпреваруваат со мене, наместо да се радуваат за мене.
По тоа што им сум интересна само кога сум тивка, а не кога сум гласна, јасна и директна.
И најостриот знак:
По тоа што после време поминато со нив, останувам празна.
Најважно од сè, ЗАПОМНИ: Не се плаши да бидеш сама, плаши се да бидеш опкружена со погрешни луѓе.
Избирај луѓе што го почитуваат твоето време, твојата енергија, твојата тишина.
Избирај луѓе што ја разбираат твојата вредност без да ја меркаат.
Избирај луѓе што те чуваат, а не те трошат.
Избирај луѓе што не се плашат од твојата сила, туку ја слават и од неа црпат инспирација.
Затоа што жената што го избира своето опкружување со целосно потпирање на острината на својата интуиција,
станува жена што никој не може да ја сопре.




