Иванка Василевска

Новата година започна со агонијата наречена Северна Македонија. Ниту нов, ниту пак оригинален крик на деценискиот спор околу уставното име на Република Македонија. Без поддршка на македонските граѓани, без кохезивна внатрешно политичка синергија, на насилен начин, срамно, беше извршено евтанизирањето на македонската национална држава. Извршителите на овој криминален чин ни се доволно познати, исто како и менторите. Без оглед на долгогодишната, би рекла, систематска девалвација на морално-етичките вредности во македонското општество, за среќа останаа и неиспрани умови, додуша оскудени од сиромаштија, несреќи и други грижи, но, сепак, достатно свесни за погромот кој претстоеше на патот. И тие, масовно беа понижени, за сметка на полтронскиот пакт кој го потпиша оваа нелегитимна власт, предводена од Зоран Заев.

На 11 јануари, оваа година, во македонското Собрание, беше закопана вековната борба на македонскиот народ за сопствена национална држава. Се извалка од патос постоењето на македонскиот народ и се избриша столетното чезнеење за македонската државност. Се поплукаа претците, се извалкаа светците и сите оние кои уште на почетокот на дваесетиот век, јавно повикуваа: Македонија на Македонците!

Надвор од романтизмот и без право на глас, денес, македонскиот народ е повторно без кров на главата, за сметка на плиткоумните трговци кои ја истргуваа својата душа и ги потопија своите потомства со грозоморниот и крвав погром врз сопствениот народ. Но, да се случи тоа, им требаа уште души за продажба, та, овој масакр не ќе беше можен без внатрешните соработници. Треба да сме свесни, дека ова, тука, се случи со извршувањето на колективен терор, со лов на вештерки и со уцени на луѓе кои не издржаа под притисокот, како и на лицемери кои никогаш и не биле достојни за делото, но, пливале и се усидриле на кормилото на патриотскиот фронт!

Од осамостојувањето, до денес, македонската политика е водена од поранешните служби. Не познавам водач или партиски лидер кој не бил одобрен од истите и кој не пофатил од медот, за сметка на довербата на граѓаните, дека ќе донесат нешто добро за Македонија. Сите оние, кои се спротивставија на таа логистика, брзо беа политички или физички егзекутирани, осрамотени и замолчени. Најдолго се спротивставуваше Груевски, но и тој западна во замката да биде физички отстранет и комплетно осамен. Затоа, секој куршум испратен кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, последнава година, простете ми, но не го доживувам сериозно. Распнати од психички преморени поранешни функционери под прогон и плачот на илјадници македонски граѓани од ненародната хунта, која беше инсталирана од надвор, со брзина на светлината потпишаните договори со соседните Бугарија и Грција, ние издржавме на две нозе повеќе планетарни удари, од било која друга опозициска гарнитура, било кога и било каде во целата човекова историја. Ги гледавме и ги слушавме гротескните уценети и преплашени некогашни и сегашни браќа и сестри, како манијакално онанираат на нас, нашите партнери, деца, пријатели. Соочени со болката и со срамот од неизвесната иднина, секој нов ден станувавме со разбирање во срцата за нивните јадови, кои се и наши јадови, оти ние еретици не сме, туку чекориме под јарболот на нашата православна духовност, која не одржа да не се помрачиме и да не ги гушнеме егзекуторите на Македонија. Затоа се смеам и не можам да престанам да се смеам што нашата духовност пробаа да ја испинуваат како некаков „руски заговор“, кој е толку фантастично неточен и толку глупав, што кога би бил поглупав не би се одржал ни кај самите креатори. Повторно службите одиграа предвидлива игра и во македонското патриотско јато усидрија платени и уценети приврзоци, кои на сите маки, го извршија својот дел од планот за девалвирање на исконската македонска национална идеја.

Ним, простете ми на искреноста, нема да им се прости, исто како што нема да им биде ниту простено, ниту пак заборавено, злоупотребувањето на чесните македонски патриоти кои гниеа во Шутка, за сметка на нарцисоидните и налудничави, полухистерични и наркотизирани естрадни патриоти и разно разните општествени фриленсери, кои бесрамно придонесоа кон девалвирањето на патриотската битка пенавејќи се лажно во име на македонската држава. И од нив сме посилни и повеќе од колку што можеа да претпостават и затоа сета оваа прескапа екскурзија не ќе им вроди со плод. Сите тие ќе бидат запишани на маргините на неосветената земја како шохштаплери и криминалци, далеку од мирот и од почитта.

Во животот секој мора да одбере која страна ќе ја брани, ние истата одамна ја донесовме. До последниот здив, нашето кредо ќе биде и ќе се оствари: Македонија, Република Македонија, Македонци, народ, јазик, култура, со европско знаме и со демократска волја!

(Авторот е професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“)