На 17 ноември, оваа година, околу 300.000 граѓани ги блокираа улиците на Франција. Мотивирани од зголемувањето на цените на нафтата и покачувањето на трошоците за живот, француските граѓани уште еднаш во историјата ја покажаа на дело вистинската природа врз која почиваат современите либерални и демократски општества.
Здружени од потребата да ја сопрат неспособноста на извршната власт, без конкретно лидерство или финансирање од некој надворешен „невидлив спонзор“, го одбраа својот автентичен знак на препознавање, облекувајќи ги жолтите елеци, една вообичаена помошна облека која е задолжителна за секој европски возач на автомобил. Нивниот слоган „Сложно“ набргу ги опфати барањата за намалување на даноците за гориво, повторно стапување во сила на данокот за солидарност на богатството, зголемување на минималната плата и неотповиклива оставка на францускиот претседател Емануел Макрон!
Последната деценија и во Република Македонија улиците се на интервали постојано зафатени од разни социјални, шарени и париотски протести. Од декември 2013 година, до денес, се осведочивме за тоа колку македонските граѓани можат да поднесат, при налетот на организираните и неформалните протести, кои секако грубо, можат да се поделат на две основни категории.
Првата, онаа на шарените Соросови платеници, која се бореше да го испука системот од внатре, во моментот кога надворешниот фактор доби црвен картон околу неменувањето на уставното име на Република Македонија од тогашниот државен врв и втората, онаа на слободните интелектуалци, која својата кулминација ја постигна со двомесечните мирни протести ширум целата држава, организирани од движењето „За заедничка Македонија“, која се залагаше за неприфаќање на Тиранската платформа и неменување на уставното име на државата.
Погледнато од денешна перспектива, полека се разоткриваат мотивите и навигацијата на шарените револуционери, кои незадоволни од третманот на актуелната узрупаторска и ненародна власт во Македонија, јавно почнаа да говорат за својата улога во протестите на шарената револуција. Истовремено, сведоци сме на „Нирнбершкиот судски процес“ во кој се судат баби и жаби, заедно со дел од протагонистите на движењето „За заедничка Македонија“, под закрилата на малициозното и бескрајно ступидното обвинение за „тероризам против уставниот поредок…“?!
Во услови кога целата општествена сцена е комплетно дерогирана од вазалните приоритети на оваа ненародна и узрупаторска власт, под диктат на надворешниот фактор, македонските граѓани се дават во сиромаштијата, зголемувањето на даноците, обезличувањето на правно-политичкиот и судскиот систем, или со други зборови, Република Македонија тоне во рекетарство, корупција, несигурност на животот и во немањето на перспектива која би овозможила развој на македонското општество и надеж за иднина на помладите македонски генерации.
Француските жолти елеци, покажаа на дело дека власта произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
Потегот е на нас, време е и ние да ги покажеме декларираните начела на дело.
(Авторот е професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“)