Елка ЈАЧЕВА-УЛЧАР
Мене ова со Бугарите навистина ме измори веќе. Последното е видеото од вчера со правнуците на Гоце Делчев и на Кузман Шапкарев. Не разбирам што му порачуваат тие на премиерот? Еве трипати го вртам и превртувам – и се чудам.
Гоце Делчев се родил во Кукуш. Кукуш, или Килкис како што се вика денеска, се наоѓа во Егејска Македонија, денес во Грција. Неговиот потомок, живее во Бугарија и се чувствува Бугарин. Кога Кукуш е запален во Првата балканска војна, еден огромен дел кукушани ја населиле Струмица. Нивните потомци денеска живеат во Македонија и се Македонци.
Кузман Шапкарев е од Охрид. Заминал во Бугарија. Останал во Бугарија. Неговите потомци велат дека се Бугари, ама потекло не кажуваат. Денешните охриѓани денес живеат во Македонија. И тие се Македонци.
Моите предци потекнуваат од Воденско, Егејска Македонија. Имам роднини долу. Измешани со Грци. Поголемиот дел од нашите таму се декларираат како Грци, со свест за нивното македонско потекло. Ние овде сите се декларираме како Македонци.
Маж ми е носител на словенечко презиме. Неговиот дедо бил Словенец. Маж ми е роден во Македонија. И син ми е роден во Македонија. И двајцата велат дека се Македонци, но со словенечко потекло по една линија. Ни на крај памет не им паѓа да тврдат дека целата кариера и семејство што Јоже Улчар ги создал во Македонија, го прават Словенецот Јоже – Македонец. Уште помалку Бугарин.
Имам неколку другарки чии мајки се Србинки дојдени по основа на брак во Македонија. Сите разговорно велат дека се пола Србинки, пола Македонки, официјално и во документи се декларираат како Македонки, но за мајките никогаш не сум ги чула да речат дека се Македонки.
Имам и другари пола Бугари, пола Македонци, официјално и во документи се декларираат како Македонци, но за еден од родителот кој е роден Бугарин никогаш не сум ги чула да речат дека се Македонци.
Овој феномен да си Македонец, а да се декларираш како Бугарин и во Бугарија и во Македонија постои само на оваа релација Бугарија – Македонија.
Зошто е тоа така се должи на тоа што најголемиот број културни дејци и учени луѓе потекнуваат од Македонија. Кои Бугарите обилно ги присвојуваат. Ним никој не им ги присвојува Иван Вазов или Пеју Јаворов. А тие присвојуваат сЕ: од среден век до денес: и Светите Кирил и Методиј, и Свети Климент, и Крнински дамаскин и Тиквешки зборник, и Пејчиновиќ, и Крчовски, и Жинзифов, и Миладиновци, и Прличев, и Цепенков, и Шапкарев, и Мисирков… (Само Ѓоргија Пулевски никаде не го спомнуваат!) Знаете, нели, дека и Кочо Рацин го имаат присвоено. Отворете на нивната Википедија – ќе видите!
Поинаку, ќе останат без историја на бугарскиот јазик, без 19 век… оттука овој паничен страв кај Бугарите. Мене ми се чини и не толку од самите Бугари родени во Бугарија, колку од оние денешени Бугари со потекло од Македонија кои поради историски околности се нашле во Бугарија. Како да се срамат тие од своето македонско потекло, па брзаат да го прекријат со бугарофилството, во стилот на онаа народната: поголем католик од Папата! И нека си бидат Бугари. Мене тоа ништо лично не ми пречи. Само нека ме остават намира мене, моите другари и пријатели, овде во државава и надвор по Австралија, Америка, а најмногу во Пиринска Македонија – Македонците да си бидат Македонци! Вулгарно е тоа и многу просто на веков, некому да му кажуваш што е и како да се чувствува! На ист начин како што на овие одродници овде во Македонија што цел живот кркаат македонски леб, онака фино нафатирани и ухлебени – никој не им забранил (напротив и по телевизии ги слушаме) да си бидат Бугари.
П.С. Само понекогаш се прашувам и немам одговор на неколку прашања кои би сакала да им ги поставам:
1. Постои ли култ спрема светецот Климент во Бугарија?
2. Има ли хипокористик Гоце во Бугарија?
3. Има ли народни песни во Бугарија во кои се воспева Александар Македонски?
4. За Бугарија или за Македонија е испеана народната песна „Народна Европа, блуднице вавилонска“, позната и како „Од врв Пирин планина“,создадена кон крајот на 19 от век?
5. Како тоа од ништо, од „сите Бугари и сЕ бугарско“ се создаде македонската нација која под никакви услови и диктати не сака да се идентификува со наметнатиот идентитет од вас, Бугари?
Еве ги стиховите на гореспомнатата песна:
Од врв Пирин планина,
очаен глас се слуша,
МАКЕДОНИЈА плаче.
[2х]
Проклета и триклета
да бидиш ти Европо,
блуднице Вавилонска.
[2х]
Французи, Англичани,
Италијанци и Немци,
сакаат да сме под ропство.
[2х]
Од рода сум Славјанка,
земја со злато полна,
затоа завижџет толку.
[2х]
Историскиот контекст за испејување на песнава е следнава: Песната изразува силен народен протест против Европа (и Западот), по стапиците на Берлинскиот конгрес од 1878 година, откако Македонија останала под отоманско владеење, додека другите народи се приближиле до национално ослободување.