Дарко ЈАНЕВСКИ

Пратениците први ги сефтосаа новите плати и, што да се каже, освен со здравје да си ги трошат парите. Ако ви е за некоја утеха, земале повисока плата за само осум дена или по околу 16 000 денари, четири илјади помалку од минималната плата. Што и не е многу.

На ред се министрите, премиерот, претседателот, директорите, градоначалниците… листата е долга, но немојте да мислите дека на луѓето им е лесно. Можам да замислам само со каква саклма на душата ќе бидат додека пазарат со тие пари. Тешко, тешко, ами како! Ставаат производ со замрзната цена во корпата, а во главата и на душата не им се нивните 150 000 денари плата, туку некој со 20 000 денари од кои 5 000 му се само за струја. Онаа струја што бегалката Ковачевски и стројниот Бислимовски ја обезбедија по најниска можна тарифа во ера на лошиот Путин.

Потоа ставаат уште еден производ, не во корпата, туку во количката за пазарење, ама не помага: сега им е уште потешко на душата. Па си велат: ќе ја наполнам до врв, зашто клинот со клин се избива. Колку повеќе им е тешко на душата, толку повеќе ќе ја полнат количката. Мислејќи на вас. За да стигнат до онаа сума од 51 000 колку што изнесувала потрошувачката кошничка, сума во која имате само 700 денари за лекови, а ви требаат најмалку три пати повеќе. Среќа што живееме во Македонија, па барем имаме бесплатен Д витамин од Сонцето. Замислете да бевме во Шведска.
Но, кај тешкото на функционерската душа бевме. Рака на срце, денес не е лесно да си министер, директор… Треба да мислиш на тендери, на провизии, треба да мислиш на иднината за да не испадне токму ти од илјадниците лопови и бандити да бидеш жртвено јагне кое странците од „нашата“ меѓународна заедница ќе го принесат на наводната борба со корупцијата додека се сликаат со најкорумпираниот шлајм во државата. А за да се поднесе таа тешкотија, тој стрес, потребни се пари. Така доаѓаме до волшебниот круг од кој нашите функционери не можат да излезат: колку повеќе „тешка“ е функцијата, толку повеќе пари. Колку повеќе пари, толку повеќе стрес за чие лечење требаат уште повеќе тендери, провизии и пари кои носат нов стрес… И после им завидувате на тие луѓе. Не! Треба да биде обратно, треба да имате малку повеќе почит за жртвата што за вас ја прават.

Оти вие, да бидеме искрени и како Црпнатиот да ставиме рака на срце, таа мака ја немате ако живеете со 20 000 денари. Знаете дека немате пари и тука завршува вашата приказна. Плаќате кабловска колку да можете да чуете колку вам ви е убаво, а ним тешко, и тоа е тоа. Живот без грижи и без стресови и згора на тоа, имате некој кој постојано мисли на вас. И ви обезбедува, на пример, влез во ЕУ каде ќе имате бесплатно здравство.
Е, тој некој е за да го жалите и сочувствувате со него. Додека го јадете парчето леб со малку сол, оти многу солено ќе ви го наруши здравјето. Земете го Груби за пример. Треба да се занимава со фирма која ќе му врши надзор на патишта во паузата од производство на танги и прслуци. Пеколна мака. Или нашиот мил Таче кој сега мора да се мафтосува со некои процедури заради бизнисот на жена му и некаков си плац од 70 денари за м2. Мислите дека тоа е лесно?
И не само тоа. Таквата грижа за сиромашните е трогателна, го допира срцето и ги влажни очите. Ха, лесно ви е на вас кои имате 20 000 денари месечно да си уживате без таков товар на душата. Не знаете вие што е тоа тешко. Затоа, како што сте си молчеле и седеле дома досега, така продолжете и понатаму.

Читам, во некој текст што му се припишува на Заев се бара умерените од „лево“ да се здружеле со умерените од „десно“, а радикалите да се изолирале и оставеле на ѓаволот. И си велам „аферим на мислата“. Само што нешто друго ми го ремети она „аферим“: сите личности кои ги славиме, биле „радикали“. Гоце Делчев бил за терористички акции, гемиџиите исто така, Јане Сандански, Даме Груев, Тодор Александров, па да одиме кон Втората светска војна – Кузман, Ченто… се се’ тоа луѓе кои во своето време биле радикали. Умерените останале во градовите и соработувале со Турците во Илинденско и со Бугарите во Втората светска војна. Не дека денес треба да земеме пушка, таа чест им ја оставаме на комитите и партизаните како Владе Милчин и Геро – новата вмровска љубов и легенда, ама сепак, да напишеш таков текст треба да си малку…. хммм, што би се рекло – црпнат. Оти кој денес ќе оцени што е радикално, а што е умерено? Дали Али Ахмети кога ги резбаше мавровските работници беше умерен или радикал? Оти со радикал или што би рекол,Џорџ Робертсон – терорист, не потпишувате мировен договор. Следствено Ахмети е умерен, а радикали беа тие што војуваа против него, односно македонските безбедносни сили.

Но, чекај малку, да не се побркани лончињата тука? Не знам. Ама, сепак, да продолжиме. Дали Бајден е умерен или радикал, кога ја снабдува Украина со оружје? Или човекот само реагира согласно интересите на неговата земја, кои се различни од интересите на Русија. Логично, тој е радикален бранител на сопствените национални интереси. Следствено логиката на шутракот кој го пишувал на Заев текстот, ние не би требало да бидеме (како што милуваат да кажат, иако тоа нема врска со реалноста) стратешки партнер со радикалните САД. Уште помалку да и даваме оружје на Украина и уште помалку да имаме дипломатски односи со радикалните Кина и Русија или пак Германија, Франција и да не редам понатаму.
Всушност, не треба да бидеме во добри односи со никого на светот, а најмалку со самите себе.

Или, да го поставиме прашањето што биле Квислинг и Петен во Втората светска војна? Умерени или радикали? Петен обезбедил мир за својот дел од Франција, наспроти де Гол кој повикувал на оружје. Логично, според текстописецот – де Гол е радикал, Петен е умерен.

Или, и тој и Квислинг не биле ниту едното, ниту другото, туку предавници, а тие кои се фатиле за оружје против нив, биле патриоти.

Оттука, обидот да се наметне тезата дека обединувањето под знамето на предавството на Македонја е умерен став, а спротивставувањето на тоа е радикализам, е само извртување на тезите од страна на домашните квислинзи. Обид црното да се претстави како бело, обид под лажното знаме на наводната умереност да се стават сите предавства на Македонија, а спротивното, вклучувајќи го и референдумот од 2018 да се претстават како радикални.

Патем, го чувте ли австрискиот претседател Белен? Не даде ни пет пари, туку директно ни плесна в очи: за казината нема муабет. Зошто? Затоа што се со австриски капитал! Што е тој?