Дарко ЈАНЕВСКИ

(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Има една реченица на републиканскиот сенатор, Џон Кенеди, за демократката Александра Окасио Кортез која Си-Ен-Ен ја опиша како „прогресивна“ (мислам беше Си-Ен-Ен) во која сенаторот вели дека таа е толку интелигентна што заради неа на шампоните има упатство за користење. Знаете она, упатство на кое пишува дека прво ја мокриш косата, па го отвораш капачето од пластиката во која е шампонот, ставаш шампон на косата и потоа триеш, триеш, триеш, а на крајта ја плакнеш косата со вода. Да, упатство на шампон.

Е, тој Кенеди и таа Кортез, некако постојано ми доаѓаат на ум кога ја гледам радоста на нашите „шарени“ со која го дочекаа извештајот на ЕУ во кој не караат дека не сме се бореле доволно против корупцијата. Онаа корупција чиј корен е во судско обвинителската мафија која чува 80 (со букви би било – осумдесет), кривични пријави за корупција во фиоките.

Се разбира, за да биде радоста на Кортез поприсутна и поцеловита во целата приказна, во истиот извештај ЕУ го кара Мицкоски зашто го карал Судскиот совет. Тоа е истиот Совет, заедно со Советот на јавни обвинители, кој ја штити таа судско-обвинителска мафија која не ја гони корупцијата за која ЕУ не кара. И сега, од една страна ти бараат да се бориш против таа корупција, а од друга да не ја чепнеш таа мафија која тој систем на корупција го штити.

И во исто време, се бараат реформи за таа мафија да била уште понезависна од власта, небаре некој досега ја чепнал. А довербата и натаму е 2 отсто. Во системот, кој кога е воспоставен ги поминал сите филтри на ЕУ, која сега вели „не сте добри“.

Всушност, од нас сега се бара да воведеме до крај некој данско-шведски систем на избор на судии, кој кај нас не функционира (практично, тој систем ние веќе го имаме воведено освен во некои нијанси) и не би функционирал. Како што во Норвешка не би функционирало кога во Хамерфест, најсеверниот град во таа држава, би отвориле продавница за крема за сончање со висок заштитен фактор. По можност 50. И на пакувањето од кремата да напишете: купувајте македонско. Или во Јакутск, каде сега, во овој момент е минус 21 степен целзиусов, а за еден месец ќе биде минус 40, да продавате клима уреди. Со акцент на тоа дека тие ладат. Елон Маск ќе ви завидува.

А има демократски системи во светов, како на пример Германија, каде федералните судии ги бира нивниот парламент. И никому ништо. Или во САД, каде за федералните дистрикт судии, кај нас тоа би било нешто како апелациони судии, се гласа и во Сенатот. Па имаше една судијка, Јуми К. Ли, номинирана од Џо Бајден (номинирана, а не предложена, терминологија чија разлика претседателката Силјановска добро ја знае) која лани, споменатиот Кенеди така ја претресе на сослушување, што таа, во буквална смисла на зборот не знаеше како се вика. Имено, жената сметала дека е во ред ако некој против кого се води судски процес за кривично дело, во текот на постапката (ако сфати дека ќе добие затворска казна) изјави дека не е маж, туку е жена и побара да биде сместен во женски затвор. А, делото можеби е токму од сексуална природа. Онака, малку, на пример, за силување. И сака човекот во женски затвор. Зошто да не, нели?

Како и да е, Кенеди ја претресе колку што можеше, но на крај судијката беше изгласана со 50 гласови наспроти 49. Во Сенатот на САД.
Е, тоа кај нас не може. Кај нас не може судиите да бидат гласани во парламентот. Кај нас ЕУ настојува ако може тие не само самите да си се избираат, па потоа да си прават шеми, туку и изборот на Судскиот совет (а веројатно блиску до тоа е и изборот на Советот на јавни обвинители) да биде надвор од било какво, макар минимално влијание на Собранието. Што би не одвело до катастрофа. До библискиот потоп. Ама потоп пред кој никој не бу му кажал на Ное да ја спреми арката. Ако веќе и сега не сме таму. А мене ми се чини дека сме.

А, од друга страна, нема ништо повистиното од тоа што го кажа Мицкоски, дека, ние ќе добиевме петка на рачето од ЕУ и за ова судство со два отсто доверба, ако ги внесевме Бугарите во Уставот. Ќе бевме најдобри и најпаметни. И, се разбира – најубави. Без ботокс, туку природно. Земја во која шетаат среќни, весели и насмеани луѓе, земја во која двајца мажи си водат под рака посвоено дете, а околу нив алеи со рози, орхидеи и лалиња, земја во која пензионерите кои кај нас сега умираат некаде околу 75-тата година всушност живеат до 90 и умираат со весела песна на устата.
Се разбира, тоа ќе траше само неколку месеци. До првата блокада од Бугарија поради тоа што нивниот министер за надворешни работи нема да се согласи со извештајот на историската комисија во кој ќе стои дека не сме прифатиле дека сме Бугари. Историски. Не сме прифатиле да го отвориме ковчегот на Гоце во Свети Спас и на неговите коски да ставиме плочка како онаа на споменикот на Александар, со тоа што на оваа би пишувало дека тој е Бугарин. Не знам дали по умот на великанот Зоран Заев (благодарам на прашањето, тој се уште е на слобода), интелектуалното гуру на нашите шарени, има и шахти за брусење кои ја загрозуваат Бугарија, ама кај и да е, и тоа ќе го најдеме и сториме.

И повторо ќе ја споменам убавата Кортез која би била одличен пандан на Заев и една друга мисла на Кенеди кој вели дека човечкиот мозок е извонредно нешто. Почнува да функционира уште додека сте во мајчиниот стомак и не престанува со работата, се додека не ве изберат за член на Конгресот. Се разбира, тој тоа го кажува во нивен контекст, а преведено на нашиот контекст тоа би било дека човечкиот мозок работи се додека не станете шарен. Револуционер. Против клетите антиевропјани кои не сакаат да ја прифатат тезата, која се влече ушпте од времето на она фино и убаво момченце кое беше министер – Бојан Маричиќ, а која вели дека ако ги впишеме Бугарите во Уставот, тоа ќе било наша победа (смислена од умот на великиот Заев), бидејќи така ќе се докажеле дека ние и они сме различни, односно дека има Бугари и има Македонци. Со тоа што нашите Кортез-Заевци, кога го велат ова, грешат во една мала нијанса: Бугарите не спорат дека сега ние сме Македонци, па нема ни никаква потреба да се раздвојуваме од нив во Уставот. Тие само спорат едно мало нешто – дека сме биле Бугари од шести-седми век до 1944 година. Затоа и ќе бараат да ставиме плочка на коските на Гоце на кои ќе пишува дека тој е дел од бугарското историско, културно и какво се не наследство (всушност, они велат дека од нас не бараат ништо, дека тоа го бара Европа, откако Заевци го потпишаа Францускиот предлог со протоколите). Плочката ќе ја постави лично Заев, додека кордонот од нашите шарени кои сега се бесни, па во Брисел гледаат надеж дека со негова помош повторно ќе се вратат времињата на Бејли, на Гарет, на Катица и Фатиме, ќе фрла ливчиња од рози пред неговите нозе.

Како и да е, да се вратиме на сериозноста: Брисел всушност ни ја става бугарската јамка околу вратот. Ни вели немате напредок, ама тие што ви кочат во напредокот, немојте да ги чепкате. Напротив, уште повеќе заштитете ги. И тоа ќе трае така, се додека не ги внесеме Бугарите во Уставот. Потоа, ќе бидеме најубави на мајка, се до првата блокада кога повторно ќе станеме најзаостаната држава во Европа. И пошироко. Па ќе бараат да потпишеме дека и самиот Тито бил Бугарин, ама како комунист, во заговор со Ѓорги Димитров, не направил Македонци.

Да бидеме на чисто: Бугарија си ја брка нејзината работа. А ние треба да си ја бркаме нашата. Лично, секогаш сум ги сметал Бугарите за пријатели. Зашто ние, историјата тоа го покажала, немаме проблем со Бугарија или со Еу или со било кого, туку со домашните „шарени“. Со домашните Кортезовци и Заевци кои потпишаа тоа што потпишаа, а не со Бугарија или ЕУ (што го потврдија со своите потписи Николоски и Караџов покажувајќи дека можеме и поинаку). Зашто, знаете, Гоце не го предадоа Османлиите. Тие беа само извршители. Го предадоа Македонците. Кои тогашното ВМРО, и покрај серијата ликвидации, никогаш не ги најде.

Отприлика, така стојат работите. Така што, не ми останува ништо друго освен да завршам како што и почнав. Со Џон Кенеди. Кој за некои луѓе вели дека се доказ дека човечката еволуција навистина е бавен процес. И кој неодамна објави книга со наслов кој гласи: „Како да добиеш негативен резултат на тест за глупавост“.

А за крај една констатација и едно прашање:

ЈО на Коцевски нема ни со мал прст да мрдне за оние првични осум случаи на непотребни операции на приватна клиника за кои ние сме платиле. Сега, тие осум станале 25, па се чекале експерти, па не знам што… а на оние првите осум, беа потпишани 16 наши врвни експерти. И никому ништо. Тоа е, хипотетички кажано, како да имате осум убиства, како да донесете осум трупови пред зградата на ЈО, а они да кажат: Не, чекаме да стигнат сите 25, ама пријавата мора да ја поднесе МВР. Инаку, ние не реагираме. Што да се каже повеќе на ова?

А прашањето се однесува на скопска Патологија, онаа при Клиничкиот центар: таму уште болните од канцер чекаат за резултати по еден месец и никому ништо? И уште ли лекарите од Клинички ви велат, ако ви се брза, носете го примерокот од биопсијата на приватно? Зашто овде, ќе биде кој знае кога?