Дарко ЈАНЕВСКИ
Денес, веројатно најголемиот број Македонци знаат зошто 23 октомври е неработен ден. Но, исто така, веројатно најголемиот дел од Македонците не знаат ни збор повеќе за настанот од празникот. Основачи на ВМРО? Можеби некој чул за Христо Татарчев, посебно ресенчани, но веројатно тука завршува приказната. Иван Хаџи Николов? Кој е тоа? Можеби книжарот, со кого всушност ни почнуваат проблемите околу основањето на ВМРО. Зашто неговата книжарница, во која е основана организацијата, се наоѓала во Солун. По ѓаволите, а каква е таа тајна македонска организација што се основа во овој град, кој, нели, отсекогаш бил грчки?. А за тоа, еве не мора да се праша во Атина, може и во Брисел, Лондон и Вашингтон.
Патем сега, по Преспанскиот, потпишан од оној исушениот кој застанувал на пешачки и велел „повелете“ на пешачите, крај вториот збор од името на организацијата, кој гласи „македонска“, можеби треба да ставиме табла дека и припаѓа на хеленистичката култура и историско наследство. ВМРО не е античка организација, но и Грците ја имаат поговорката: Ѓаволот ни ора ни копа!, па таблата би била за секој случај. Така доаѓаме до тоа дека по потписот на исушениот, ВМРО не е пробугарска организација како што со години обвинуваше СДС, туку прогрчка.
Оттука, денес веројатно треба да се потсмеваме на недоветноста на основачите на ВМРО, кои наместо во Скопје, организацијата ја основале во еден град што не е македонски. Односно е македонски, ама грчки, со тоа што тогаш, во 1893-та, во градот во кој пред речиси 30-тина години беше одржан милионскиот антимакедонски митинг, Грците биле малцинство. Збунувачки, зар не? Како е можно тоа? Особено што Грците не се некоја нација што може да се пофали дека освојувала територии и простори со висок наталитет, како што тоа го правеа Албанците .
Од друга страна, за Бугарија, Солун во кој е основано ВМРО (или поточно кажано ТМОРО) е град во Македонија, а Македонија, како што слушаме од нив е бугарска. Така барем вели секоја изјава што во оваа смисла доаѓа од нашиот исток. Или можеби Бугарите за бугарска ја мислат само Вардарска Македонија, која пред 110 години, во Првата балканска војна, била окупирана од Србите.
За денешна грчка Македонија, во која се наоѓа и Солун, каде што е донесена одлуката за востанието во 1903 година, каде што, патем, се случиле и солунските атентати, каде што се одржала последната средба на Гоце Делчев и Даме Груев пред овој првиот да замине во смртта (со децении малите Македончиња учат за тоа како тогаш Гоце влегол во Солун со корпа велигденски јајца), не сме ги чуле Бугарите да кажат дека е бугарска. Молчат како „котката“ да им ги изела убавите јазичиња.
Така, гледано од овој аспект, имаме Македонија што од Табановце до Гевгелија е бугарска, но веднаш потоа, на некој чуден начин, 51 отсто од таа Македонија за која се бореле основачите на ВМРО стануваат грчки (Бугарите го кријат како змија нозете потсетувањето на Нејскиот договор кога, како последни парталковци за парче леб, потпишаа дека се откажуваат од мнозинскиот дел од територијата на Македонија, па не е јасно што денес се петелчат и кукурикаат).
Инаку, веројатно дека тие досега би ги обвиниле Грците за кражба на историјата, односно на оној дел од нивната историја што е означен како најромантичен, додека Грците, по истата логика, би ги обвиниле Бугарите дека ја крадат нивната историја. Оти ако Македонија е грчка, таа по дефиниција не само што не може да биде македонска, туку не може да биде ни бугарска. Така сигурно мислат Грците. Но, со тоа секако не би требало да се согласуваат бугарскиот претседател Радев и бугарскиот премиер, а за бугарските европратеници Ковачев, Џамбаски и другите од тој ред и да не зборуваме. Впрочем тие само не збунуваат, зашто, кога зборуваат за бугарска Македонија, секако не мислат на Куманово и Старо Нагоричане, туку мислат на онаа од Сан Стефано (3 Март им е државен празник), која стигнувала до Костурско Езеро. Друго поимање, нема смисла.
Освен, ако не се впрегнати (платени) во проект за исчезнување на Македонија, односно Македонците, што ги прави класични проститутки. Имено, веќе десетина години пишувам дека целта на Бугарите е да ја добијат историјата на овој дел од Македонија, за да може да се избрише секаков траг од Македонците и, Република Македонија да се подели на бугарски и албански дел. Бугарите од тоа нема да имаат никаква полза, но нив и онака никој не ги прашува туку само им наложува да извршуваат задача која е историски и стратегиски од клучно значење за Грција и Голема Албанија. И тука завршува нивната приказна. Приказна на обични потрчковци кои се обидуваат да ја искористат хендикепираноста на Заев и наследникот на Заев, на гардата од СДС и нејзините новинарските потрчковци кои го поддржуваа доаѓањето на Заев на власт и потпишувањето на Договорот со Бугарија во 2017 година (денес дел од овие последниве ги гледаме како станаа небањати вмровци и миленици на ВМРО-ДПМНЕ и вмровските протагонисти на јавната сцена), а кои сите заедно немаат доволно интелектуален капацитет за да се спротивстават на бришењето на Македонците.
Од друга страна, ако Бугарите веќе потпишале дека се откажуваат од Илинденска Македонија која е под власт на Грција од 1912 година и никогаш пред тоа во историјата, во која спаѓал и Солун кој бил срцето на таа Македонија, додека Скопје бил само периферен град со 30 000 турски војници, навистина не можат да се објаснат нивните денешни егзебиции со „Северна“ освен како лечење на историските фрустрации и рани. Проблем е што сето тоа го направија откако во Македонија на власт беше инсталирана една хендикепирана апашка гарнитура, па целиот процес наличува на блудничење врз немоќно лице. Но, поинаку веројатно не беше ни можно.
Како и да е, Солун во кој е основано ВМРО, гледано од историски аспект, навистина е проблем. Тој е грчко-македонски, бугарски или македонско-македонски?
Всушност, ние имаме една суштествена дилема од која не можеме да најдеме излез само со мудро чешкање на главата: кога на 23 октомври го крадеме Солун, чија историја присвојуваме? Грчка или бугарска? Или, сепак, си имаме наша, изворно македонско-македонска!