Дарко ЈАНЕВСКИ
Првичните 211 години затвор за „27 април“, неодамна намалени за некоја година, колку да не е без ништо, беа изречени за делото „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ од член 313 од КЗ.
Дека во настаните од 27 април 2017 година не станува збор за тоа, туку за реакција на пучот кој внатре во Собранието беше извршен со дивиот, неуставен и неделовнички избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, зборував уште во декември истата година, иако тогаш мака имав да обезедам соговорници, бидејќи освен адвокатот Петар Василев, никој не сакаше да зборува. Таков страв каков што постоеше тогаш, немаше ни во средината на деведесетите кога СДСМ беше суверен и владеше без опозиција, а можеби е еднаков на стравот кој постоел во време на Втората светска војна или веднаш по неа (еден збор на кодошите и готови сте). Но, независно од тоа, нема да пречи ако денеска повториме за што точно стануваше збор.
Ова е тој член:
Како што можете да видите, делото има три елементи:
-загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ;
– акт на насилство (овој втор елемент има повеќе делови, но за нас е битен актот на насилство)
-чувство на несигурност или страв кај граѓаните!
За да може некој да биде обвинет и осуден за ова дело, како што се осудени лицата кои се во затвор и како што се води постапка за наводните организатори на делото од член 313, треба да бидат исполнети сите три елементи. Ако недостига еден од нив, не постои делото.
Ајде да го разгледаме првиот елемент: намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ.
Значи потребно е да постои посебна намера и таа намера треба да се докаже. Таа е субјективен елемент, без што т.н. битие на делото не е исполнето.
Значи, во конкретниот случај, требаше да се докаже дека осудените имале намера да го загрозат уставниот поредок и безедноста на РМ. Дека влегле во Собранието на РМ со таква намера. Дека имале за цел да го сменат поредокот запишан во Уставот или дека сакале да ја загрозат безбедноста на РМ.
Не е потребно посебно право познавање за да се сфати дека никој од тие што влегоа во Собранието на РМ на 27 април, ниту пак некој осудените, имал намера да го загрози уставниот поредок. Всушност самите поставете си го прашањето: кој дел од Уставот овие лица го загрозија?
Бргу ќе дојдете до одговорот дека, напротив, нивната цел беше обратна: тие немаа намера да го загрозат поредокот, туку сакаа да се зачува уставниот поредок, нарушен со криминалниот начин на избор на Талат Џафери за претседател на Собранието. Дали го одобрувате начинот на кој тоа е сторено, е друго прашање, но намерата да се загрози уставниот поредок едноставно не постои. Со тоа не постои ни првиот елемент од член 313, бидејќи покрај непостоењето намера, не постои ни загрозување на поредокот. Посебно што седницата на Собранието беше завршена, па тие што беа нападнати не беа нападнати додека извршуваа службена должност како пратеници, туку напротив, беа нападнати откако на неделовнички и противуставен начин ја преземаа власта во РМ завладувајќи го закододавниот дом.
Патем, дека со нападот на неколкумина пратеници надвор од нивното работно време не е и не може да биде загрозена безбедноста на РМ, веројатно не треба посебно да се објаснува. РМ не е и не може да биде нападната и загрозена доколку без посебна намера за загрозување на безбедноста и уставниот поредок, некој нападне пратеници. Инаку, ризикувате да ве осудат за ова дело и ако го опсуете пратеникот или му удрите шамар поради кавга на семафор.
Значи, да резимираме за првиот елемент од чл. 313: намерата на осудените не беше да го загрозат уставниот поредок, туку да го зачуваат. Дали е тоа примерен начин, како то рековме е друг муабет, но елементот намера отпаѓа.
Отпаѓа и елементот загрозување на уставниот поредок бидејќи тој на ниту еден начин не беше загрозен. Самото влегување во Собранието на толпа луѓе, доколку не е со цел да го преземат законодавниот дом, не е загрозување на поредокот. Тоа не е ни насилството кон некој пратеник, бидејќи во тој момент немаше седница, па нападнатите пратеници беа граѓани кои на див начин изгласале избор на претседател на Собранието и всушност тие се тие кои го загрозија уставниот поредок на РМ.
Значи направено е извртување на тоа што се случуваше во реалноста. Тие кои го загрозија и нарушија уставниот поредок сега се власт во државата, а тие кои реагираа против загрозување на уставниот поредок, се во затвор.
Тоа е криминалот што го направија Кацарска, Рускоска и останатите од обвинителско-судската власт кои учествуваа во ова.
За безбедноста на РМ, рековме, не треба да се троши мубает.
Така што, веќе во старт, еден елемент од трите кои се потребни за да постои ова дело, отпаѓа и делото не постои.
Но да одиме на вториот елемент: насилство. Не е спорно дека некои пратеници беа нападнати и физички повредени, но тоа го сторија конкретни лица кон конкретни пратеници. Постојат посебни дела кои го санкционираат тоа (насилство, учество во толпа, нанесување телесна повреда итн), но не постоеше насилство со намера да се загрози уставниот поредок или безбедноста. А двата елемента треба да бидат поврзани, што во слупчајов не е така.
И третиот елеменет: предизвикување чувство на несигурност и страв кај граѓаните.
Како што можете да видите, делото постои ако, пкрај загрозување на уставниот поредок или безбедноста, покрај насилството, е предизвикано чувство на несигурност или страв кај граѓаните, за разлика од Кацарска и Рускоска кои велеа дека е предизвикано чувство на несигурност и страв кај пратениците.
Тоа е тотално погрешно, а таа грешка не е направена од незнаење, туку свесно. Целта на тој што врши терористичко загрозување е да предизвика страв не кај тој кој го напаѓа (во слулајов беа нападнати пратеници), бидејќи кај секој кој е нападнат се предизвикува чувство на страв (чувство на страв постои и кога жена оди по неосветлена улица, а не пак кај некој кој е нападнат – на улица, во кафеана и сл.). Ова дело ја казнува ситуацијата кога целта е несигурност да се предизвика кај општата популација, а не кај нападнатите кај кои стравот доаѓа сам по себе. Целта е општата популација да живее во страв, не знаејќи кога, каде и како може да биде нападната – од бомба во трговски центар, камион кој ќе влета во продавница, самоубиец во преполн маркет или ресторан, киднапиран авион кој ќе се удри во некоја зграда и слично. Тие дејствија предизвикуваат чувство на страв кај граѓаните, така како што бара ова дело, а не удирањето на некој пратеник кое нема за цел шреку тој чин да изврши напад и врз државата чиј составен елемент се жителите на таа држава.
Оттука, токму кај првиот и третиот елемент може да се види како е наместен овој случај спротивно на тоа што го бара Кривичниот законик. Тие два елемента не постојат кај ниту еден од осудените, а вториот кај некои од нив, но недоволно за да бидат осудени по чл. 313 од КЗ.
За жал, требаше да поминат четири години за да почне за ова поотворено и помасовно да се зборува. Како што реков, во декември 2017 година, повеќето, што би рекла Велиновска, си гледаа со главата надоле во пантолоните. Да не зборувам пак за оние, кои сега глумат опозиционери, а тогаш учествуваа и поддржуваа доаѓањето на Заев на власт на див начин и врескаа за што построги казни за „терористите“.
Во секој случај, осудата за терористичко загрозување и безбедноста на РМ на овие лица поради кои утре ќе се протестира, е еден од најголемите криминални акти во правниот систем и во историјата на оваа држава. Оттука, не е доволно само тоа што утре ќе излезат луѓето и ќе се извикаат, туку треба расчистување со сите тие кои учествуваа во креирањето на процесот и сите тие кои го поддржуваа сето тоа, а знаеја или можеа да знаат дека станува збор за криминален процес. Не може денес ортаци да ви се тие кои се сликаа со Заев по ручеци и кои беа свесни дека делото во овој случај не постои, а гласно или молкум го поддржуваа осудувањето на тие луѓе. Во спротивно, нема да има разлика меѓу утрешниот протест и фудбалски натпревар на кој сте отишле со семки и повремено сте викнале против судијата. А веќе утре сте го заборавиле.