Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и ги одразува неговите лични ставови, а не нужно и ставовите на Денешен.мк)
Утре е Денот на независноста на Македонија. Понекогаш, всушност многу почесто од понекогаш, се прашувам дали таа независност ја заслуживме. Одговорот веројатно и самите го знаете.
Зашто, ако ставиме рака на срце – утре не е Денот на независноста. Утре е денот кога почнавме од голтарите да создаваме мултимилијардери, кога селанчињата од ЦК и нивните „дробни“, но партиски подобни дечиња ги заменија своите духовни опинци со француски парфеми, лондонски фустани и брендирани чевли
Утре е годишнина на денот кога почна трагедијата на 140 000 семејства кои од денот на таа независност што ја славиме, па се до 1998 година, до денот кога уште едно селанче устоличивме на престолот на Македонија, останаа без работа, а наместо тоа добија листа со болести и кога ги испративме да се тетерават по урнисаните клиники со кафе и бонбониера за да добијат лекови купени од новопечената фармацевтска мафија.
Утре е денот кога на тие 140 000 души и на нивните семејства им го скративме животот, им го направиме пеколен, годишнина на денот кога им пресудивме брза смрт. Всушност, толку луѓе немаме загубено ни во Илинденското востание, ни во сите востанија кои овој народ ги водел, толку луѓе немаме загубено ни кога на сите тие востанија ќе им ги додадеме и жртвите од Втората светска војна.
А на врвот на свежо ископаната земја од нивните гробови, ја поставивме нашата олигархија. Ги поставивме кодошите од комунизмот кои пред десетина години не успеавме до крај дури ни да ги лустрираме, зашто бандата почна да плаче, да рика и да корне коси. На врвот од земјата од тие гробови поставивме политички, економски и правосудни криминалци, шарлатани, поставивме новинари на кои претходно им беше измиен и оперириран мозокот, а наместо тоа им беше вметнат чип на неписмени будалетинки кои имаат задача да го бранат тој систем, поставивме селанчиња од Горни Милановац кои станаа инвеститори во Дубаи, а претходно помилувани од други селанчиња, поставивме прислушкувачи кои влегуваа во туѓите спални соби, поставиме неизживеана, неписмена багра која мораше да ја учиме како се јаде со нож и виљушка за да не не’ срами кога патува во странство.
Изградивме корумпирана држава која е сопственост на тоа новопечено раскалашано малцинство, а во која другите, до бројката од два милиони колку што тогаш не имаше, се робови кои имаат две задачи: едната е да работат за леб и парче кромид за да може олигархијата, политичка и економска, да биде уште побогата и втората е да умре што поскоро кога нема да може да работи, за да не троши премногу пари од „нивната“ држава седејќи дома.
Нивните деца се расшетуваа по светот, учеа во престижните странски универзитети, ни праќаа слики од Монако, од Лондон и Париз, а за нашите деца беа оставени уморните од живот наставници со бедни плати и универзитетските професори кои гледаа да фатат некоја тезга. Како оној „шарен револуционер“ – професор, кој од бина врескаше дека и „крв ако треба ќе падне“, откако веќе купил нов костум за да стане шеф на бандитското СЈО, а после извиси.
Ни подарија држава во која некакви си кокони ги прогласија за Чарлиеви ангели, држава во која нафатираните криминалци станаа угледни обвинители во постојниот систем, а таквите како Хајрулахи и Цветановски се суспендриани зашто им го гонат криминалот. А, бандата со измиени мозоци имаше задача сето тоа да го брани.
Ене ја таа банда, наполнета со домашни и посебно со странски пари, и денес е тука и се препознава, не се ни крие, банда која не може да смисли кога нејзините ментори не се на Илинденска, за да може и натаму државата да ја третира како своја, како држава за нив и нивните деца. Додека за вашите бараат да се постават што повеќе контејнери за да има кој да копа по нив и да ги собира остатоците што нивните „медени“ усти ги исплукале.
И сега конечно e време тоа да се исправи. Ова со АБН и прислушувањето нека биде почеток на тој процес. Почетoкот на создавање на Македонија како независна држава која ќе биде сопственост на нејзините граѓани, потомците на некогашната самоуправна работничка класа, која, сепак, изгради нешто. Почеток на расчистување со корумпираното судство и обвинителство, со криминалниот Уставен суд кој имаше доволно време да го поништи бандитското СЈО (и не само него), а сепак тоа не го стори и нема намера да го стори, почеток на расчистување со пучот од 27 април и бандата која застана зад тој пуч, ставање крај на криминалот со непотребните срцеви операции преку што се извлекувале милионски суми од ФЗО, ставање крај на редиците пред секоја клиника пред која стојат измачени болни луѓе борејќи се во гужвата за уште еден здив, почеток на расчистување со онаа срамна Патологија од која резултатите се чекаат и по еден месец, почеток на расчистување со…
Всушност време е од Македоија дa создадеме држава. Не налик на тие држави од ЕУ, не налик на САД, туку наша Македонија. Македонија која ќе се грижи за своите луѓе, современа, демократска, напредна држава од која нема да добивате бразди исполнети со кал на лицето, туку среќно, мазно и блескаво лице. Македонија на весели деца чии родители нема да бараат начин како да ги испратат што подалеку од себе. Македонија во која секое бирократче, секој подлизурко, секој „газда“ од типот на оние кои ни го донесоа пожарот во Кочани, ќе гледа да си најде друга држава, наместо тоа да го прават нашите деца, држава во која ќе може да ашикува и краде, зашто овде веќе нема да може да го прави тоа.
И, како што реков, ова со АНБ нека биде почетокот на финалето од нашата Сталинградска битка, нашиот февруари 1943 година кога маршалот Паулус ги одбројуваше последните слободни денови. Досега се боревме, кој колку можеше, се повлекувавме како Кутузов по Бородино, удиравме, па отстапувавме… Сега веќе немаме таков луксуз. Приказната е многу едноставна – да ја истовариме војската на Нормандија и да тргнеме кон Берлин на Хитлер. Зашто, или ние ќе го освоиме, или ќе го оставиме во рацете на бандитите од овие 34 години, а ние ќе си заминеме со подвиткани опашки. Утре нека биде ден на славење, а веќе од задутре, во вторник нека распука тешката артилерија. Сета што ја имаме, од сите страни, од исток, југ, запад и од север или, што би рекол Черчил – ќе се бориме на копно, на море, во воздух, но нема се предадеме. Во спротивно, а ова веќе не знам по кој пат го кажувам – ќе не нема! Толку е едноставно.