Дарко ЈАНЕВСКИ
Самиот факт што Венко Филипче и, веројатно, Комисијата за заразни болести, препорачаа средните училишта во Тетово и Гостивар да не ја почнат наставата со физичко присуство, туку он лајн, ја руши основната теза на Мила Царовска дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Инаку, мерката Филипче не би имала логика, нели? Ако, пак, тоа што го тврди Царовска е точно, а Филипче ја одложува наставата со физичко присуство поради тоа што многу од учениците патувале за да дојдат до училиштата, па вирусот ќе се шири меѓу нив додека патуваат, што е сосема реално да се претпостави, тогаш, Филипче прави катастрофална грешка со Скопје, каде има над 20 средни училишта и најмалку уште со Битола, два града каде учениците во многу поголем број се принудени да користат автобуси на ЈСП во кои вирусот ќе може со лажичка да се собира во пиковите кога децата ќе одат и се враќаат од училиште.
Како и да е, еден од овие двајца греши. Најверојатно грешат и двајцата, бидејќи децата ќе го шират вирусот и кога ќе се превезуваат и кога ќе седат во училишните клупи. Првите десет дена можеби по некоја од мерките и ќе се почитува, но потоа, во еден момент, кога на наставниците и редарите ќе почнат да им „паѓаат“ нозете од трчање по децата и да им се „сушат“ устите од предупредувања, се ќе се урне како кула од карти.
Патем, ако забележавте, Филипче вели дека мерката за Тетово и Гостивар се носи затоа што болниците во двата града биле преполни. Внимавајте, тој не вели дека нема опасност од децата и за децата, туку вели „болниците биле преполни“. Што отприлика значи дека ако болниците не се преполни, вирусот слободно нека се шири меѓу децата, нека го носат дома, ама „кривата“ важно да биде развлечена. Односно, кога се разболуваат, да не се разболуваат сите одеднаш, туку да водат сметка за тоа колку кревети има слободни. Јака стратегија. Која децата секако ќе ја разгледаат на час на кој се присутни најмалку 30 од нив во просторија во која, како што вели Ана Глигорова, има место за само двајца ученици и еден наставник под услов да се почититува растојанието меѓу нив.
Така што, поголемо признание дека, тврдењето на Царовска дека училиштата се безбедни, е најобична лага – нема. Но, за жал, сите, ама буквално сите во оваа јадна творба од држава – од експерти до партии – ова го премолчуваат.
Е, сега, ако средношколците се опасност за другите и се во опасност за самите себе, логичното прашање доаѓа само по себе – тие средношколци, односно голем број од нив, немаат сестричиња и братчиња во основните училишта? Еве, ќе пуштите тие од 14 до 18 години да го „поминат“ вирусот. Да се заразат. Тоа го направиле во Шведска, нели? А, ние, селанчиња кутри, сакаме да бидеме Швеѓани, иако една маска од три денари ја носиме цел месец, а и таа обично си ја чуваме стуткана в џеб. Па, тоа е сега и наша цел? Зар не? Тоа е изумот? Ние допрва ќе постигнуваме колективен имунитет со комбинација на вакцини и природно заразување, во ситуација кога буквално сите светски експерти се откажаа од таа идеа тврдејќи дека тоа не е достижно без вакцини кои ја спречуваат трансмисијата. А овие не го прават тоа! И во услови, кога и натаму без одговор е шокантното тврдење кое помина речиси незабележано во јавноста, стручна, т.н. новинарска и обична, дека ниту болниците, ниту матичните лекари немаат единствени протоколи за лечење. Како тогаш ќе се справите со децата кои вирусот потешко ќе ги погоди? Ќе се молите на Господ? Ќе ги ангажирите глупавите новинарски и ФБ загари да ги колнат децата што не се вакцинирале, иако никој жив на оваа планета нема податоци за влијание на вакцините кај помладите од 18 години, па затоа се разболеле, а нивните повозрасни – вакцинирани – умреле затоа што имале други болести?
Но, да се вратам на основците. Дека очигледна е идејата и низ нив да помине вирусот, тоа е сосема јасно. И преку нив да се уплашат и нивните родители и баби и дедовци, кои не се вакцинирани, па да го сторат тоа. И можеше да се разбере дека од некој како Царовска, не треба тука да се очекува кој знае каков ум. Ама молкот на останатите? Молкот на Комисијата? На Филипче кој пушта недоветни постови дека местото на децата било клупите, небаре ние не знаеме? Но, разумните луѓе меѓу две зла го бираат помалото. А, меѓу болница и учење од дома, не е баш тешко да се одбере што е помало зло. Не ги мешаме тука тендерите за лубриканти, кои се убедливо на прво место по добро. Зар, не?
Но, ајде да ги разгледаме мерките кои се предвидени за училиштата.
Една од нив е дека на голем одмор не е задолжително носење маска, но да се одржувало растојание. Значи, децата ќе бидат меѓу четири и шест часа на настава со маски, ама тие 15 минути нема да ја носат, што е сосема нормално. Но, можете да се обложите и дека нема да има растојание меѓу нив, така што носењето маска во другото време станува беспредметно. Деца во група во која гласно зборуваат, се смеат, се надвикуваат, се бркаат, трчаат – тоа е сосема идеална подлога за ширење на вирусот. „Паметните“ тогаш ќе предложат дека децата треба да носат маска и на одмор. Изводливо? Ни во сон! Бидете убедени дека на еден дел од нив веднаш, „сосема случајно“, ластиците од маските ќе им се скинат, а ете, заборавиле да понесат друга. Ќе биде избркано детето од настава? Можеби! Но, тогаш барем на уште половина други маските ќе им паднат!
Друга дел од протоколот е и дека превозниците кои превезуваат ученици треба ги почитуваат предвидените мерки за превоз. Ова веќе делумно го објаснив погоре, но таму зборував за јавен превоз. Овде се мисли на организиран превоз, но ако автобусот собира и превезува 50 ученици, тогаш, бидете сигурни дека тој нема да се враќа два пати за да превезува по 25. Ќе бидат сите 50 на едно купче и тоа е тоа! Нормално, уште помалку возачот ќе се заморува со тоа дали децата носат маски или не, дали разговараат меѓу себе или не и да не должам понатаму, мислам дека ви е јасно.
Следната мерка вели дека „доколку дозволуваат временските услови, треба да се остава прозорецот отворен на училницата и да се избегнува користење на клима уреди“. Со други зборови, направете промаја. Во училница со 30 деца, јасно е дека само отворен прозорец без посилно струење на воздухот не врши работи. Нормално, ќе беше пожелно сите овие кои се за одење на училиште, десетина дена од овој август кој изминува да ги ставиме во некоја експериментална група – 4 часа на промаја секој ден. Ако поминат добро, тогаш можеби ќе биде добро и за децата. Освен што има еден мал проблем. Утринските темпратури веќе паѓаат, така што прозорците ќе се отвораат подоцна, а веќе во октомври можно е и да бидат целосно затворени. Што ќе правиме тогаш?
Има еден епидемиолог од Харвард, се вика Ерик Фејгл Динг (Eric Feigl-Ding), инаку тип кој би ги вакцинирал и децата над две години. Е тој, неодамна интервјуиран за австралиска ТВ, изјави дека вакцините сами нема да ја завршат работата, дека клучот е во превенцијата, а покрај маските, главната поента му е во вентилацијата на затворените простории. Значи, инсталирање на некаков систем за вентилација (не мисли на клими, се разбира, нешто што кинеските експерти им го укажале на српските уште лани во март).
Ако е човекот во право, тогаш, што ќе правиме од октомври, па натаму, со нашиот систем на „промаја“ вентилирање на просториите? Ќе чекаме, како Бугарите, десет отсто од децата да ни се испоразболат за да ја прекинуваме наставата? Ах, да, во октомври се избори, па не ќе биде лошо ако народот малку повеќе се уплаши, за на гласање да излезат само најзагреаните партиски членови и симпатизери! Тоа е планот?
Следна мерка е: „Употреба на тоалет на организиран начин, ако веќе има некој внатре, ученикот чека да излезе, па влегува“. Мерка која во најголем број случаи нема да се применува. Детето нема да влезе ако тоалетот е зафатен, но ако има повеќе кабини и ако некоја е слободна, оваа мерка можете слободно да ја избришете. Освен доколку не ви е потребна за да кажете дека вие сте предупредиле, а кој им е виновен на децата што не почитуваат. Нека се заразат, нели?
Понатаму, во сетот мерки се вели дека „храната која се подготвува треба да биде во согласност со Законот за безбедност на храна“. Не го разбирам ова до крај, бидејќи тоа имплицира дека досега немало обврска „храната која се подготвува да биде во согласност со Законот за безбедност на храна“? Второ, тоа претпоставувам се однесува на децата кои се хранат во училиштето. Но најголемиот дел од нив ќе си носат храна од дома, а при јадење, се разбира, нема маски. Згора на тоа, општо познат факт е дека поубаво е кога се јаде во друштво. Децата не се исклучок, нели? Се разбира, тука е она – дај ми малку да пробам? Сигурни сте дека во сите случаи ќе се почитуваат предупредувањата од дома и од наставниците?
„Во спортска сала, библиотека, да нема мешање на повеќе паралелки“, вели следната мерка. Добро, но што е со тоа дека една паралелка ќе влезе во соблекувална од која штотуку излегла друга. Тоа е истиот воздух, истите предмети во соблекувалната и салата, потење на децата и бришење пот при што секако ќе има допирање на очите, носиња кои ќе протечат, неизбежни физички допири…! Навистина, вие со сет памет мислите дека делење презервативи и сочувување на децата од оваа „делта“ ваирјанта е едно те исто и дека оваа работа ќе ја завршите така што ќе отпосле ќе ја покриете со пропаганда?
Ова се само дел од мерките кои немаат никаква врска со реалноста. Можеме вака до утре. Да не зборуваме за тоа дека нема да има ништо од два пати дезинфицирање на просториите и предметите и тука нема да помогне префрлувањето на вината на училиштата кои едноставно немаат доволно луѓе и пари за такво нешто.
Како што нема шанси да се одржува физичко растојание меѓу децата, нема шанса доследно да се почитува мерката за носење маски и така до бескрај. После ќе се натпреваруваме во докажување дали децата ги заразиле домашните, сеедно дали тие се вакцинирани или не со овие вакцини кои „протекуваат“ и дали училиштата се виновни или „горните“ власти за тоа што и самите деца се повеќе се разболуваат.
Но, тоа ќе биде отпосле. А отпосле им текнува, како што велеше проф. Ѓорги Марјановиќ, само на будалите!
Инаку, во американскиот Сенат, републиканците, во расправата со директорката на нивниот Центар за болести, Рошел Валенски, објавија податок дека лани во САД од Ковид 19 умреле нешто под 400 деца, но и дека сите тие деца, до едно, имале некои други заболувања. Тоа се децата кои кај нас нема да присуствуваат на настава. Но, дали тие податоци покажуваат дека наставата за другите е безбедна? Да, под услов да не се работи за податоци кои се однесуваат за варијантата на вирусот пред појавата на „делта“. Сега, и самите Американци признаваат дека илјадници деца им се заразуваат и дека се повеќе ги има во болниците.
Други пак сакаат да се споредуваме со Германија. Таму децата оделе на училиште. Да, но кога „жабата видела потковица, па и таа ја кренала ногата“, не заборавала дека Германија има 1 000 починати на милиони жители, а ние 2 700 (при надуена бројка од вкупно 2 038 000 македонски жители). Што отприлика значи дека целокупниот систем на Германија подобро се справува од нас во оваа криза и дека тоа е систем кој врз таа основа изградил доверба кај луѓето. Но, Европскиот центар за болести и превенција признава дека неодењето на училиште во соседот на Германија, Холандија, при старата варијанта на вирусот, ја намалило вкупната трансмисија за 8 отсто (зборуваме за вкупна трансмисија во државата, не само за таа меѓу децата). Нема причина да не се верува дека така било и во Германија кога децата не оделе на училиште и дека осумте отсто се вратиле кога децата тргнале на училиште.
Инаку, кога и тие, Германците, би ја имале нашата смртност од Ковид 19, вкупно би имале над 200 000 починати со што би биле убедливо најголема гробница од Ковид 19 во Европа. А, не се. Далеку се од тоа? Затоа, оладете малку кога неболузната мерка за одење на децата на училиште ја покривате со таквите одлуки во други земји.
Патем, да цитирам еден лекар од скопските клиники кој коментирал кај своја колешка:
„За жал новите варијанти многу повеќе ги напаѓаат младите и децата, овој пат со симптоматски форми на болеста. Треба да се спремаме за болни деца и загубени животи.“
И за крај, да не заборавам: една од главните поенти на одењето на училиште е социјализацијата на децата. Ако ги погледнете самите мерки, ќе видите дека тие пропишуваат да нема контакт меѓу децата и тие да носат маски. Значи не смеат да се допрат, нема разговор меѓу нив со визуелизирање на туѓиот израз на лицето, нема групирање, нема смеење, нема ништо. За каква социјализација тогаш зборувате? Многу поверојатно е, природно е, дека непочитувањето на мерките ќе дојде само по себе. Тогаш ќе ја добиете вашата социјализација. Но, со нејзе ќе дојде и нешто друго.