Дарко ЈАНЕВСКИ
Ако нешто со сигурност може да се каже по синоќешното дивеење при што од помала група беше искористена прославата на албанското знаме, тоа е дека се работи за уфрлени инструирани луѓе со смислено сценарио за предизвикување жртви и преку нивните мртви тела, пад на Владата на Мицкоски. Идејата беше да се испровоцира неконтролирана прекумерна реакција на полицијата на лице место, додека колоните со луѓе парадираа низ градовите, таа реакција да ја предизвика толпата да се мобилизира и да возврати преку пресметка со полицијата и сето тоа да заврши со пукање во кое би загинал некој цивил. Во таа гужва, може полицијата и да не биде виновна за жртвата, но кој би се објаснувал од каде дошол куршумот кога толпата ќе зоврие и ќе ги нападне полицајците, тие ќе возвратат и така ќе ги добиеме настаните од Гостивар во 1997 година.
Според желбата и замислата на сценаристите, таквиот развој на настаните со жртви би морал да ја принуди коалицијата Вреди да излезе од Владата, по што таа би останала на стаклени нозе, иако би имала 64 пратеници, без албански партнер и без капацитет да преземе било што посериозно, посебно не да почне да се справува со корупцијата на изминатата власт, справување кое граѓаните се уште го очекуваат.
Накратко тоа беше замислата за чие остварување беше неопходна полициска реакција на лице место. Нешто слично, каков што во една ситуација беше планот кога Шарената револуција пред Владата фрлаше бекатон плочки врз полицајците со цел тие да возвратат против бесната инструирана толпа и Соросовата армија, која уште и се гордееше со тоа. Тоа, за среќа не се случи тогаш, не се случи и синоќа и со тоа пропаднаа плановите. Така всушност полицијата и тогаш и синоќа ги превенираше жртвите, иако кога има рафали тоа е одење по тенка жица над амбис. За среќа, успешно. Со тоа што овој пат, можеме да бидеме сигурни дека ќе има и следно сценарио кое повторно би имало за цел некоја жртва.
Тоа само покажува дека животот на обичните луѓе не вреди ни пет пари кога се во прашање ваквите замисли. За да се спречат во иднина, нужно е што поскоро да започне борбата против корумпираните во изминатите седум години, и со тоа да се пресече главната гранка на која седат оние кои според Мицкоски се плашат се повеќе и повеќе како што органите на прогонот го стеснуваат кругот околу нив (ајде да го видиме кончено и тоа „стеснување на кругот“). Секое оддолговлекување на борбата против корупцијата, носи ризик од дестабилизација на државата, дестабилизација која, за жал, не е само политичка, туку со себе може да донесе и жртви.
Ако нешто друго вреди да се одбележи во седмицата што изминува, тоа е радоста на мала група комуњари кои потскокнуваат од место зашто Меркел го нарекла Заев „решителен и храбар“. Да бидам искрен, ако тие зборови ја даваат сликата за Меркел, тогаш може само да се заклучи дека Германија 16 години ја водела жена чиј капацитет не е поголем од тој на црпнатиот од Муртино. Сега станува појасно и како дојде до војната во Украина, откако самата Меркел призна дека ги фингирлае преговорите во Минск за да и дадат повеќе време на Украина да се наоружи. Сега станува јасно и зошто Германија во изминатите 16 години не успеа да се трансформира во политичка сила на Европа, која би ја следела нејзината економска моќ.
Друго е прашањето за интелигенцијата на Меркел. Што има решително и храбро во тоа да ја предадеш својата држава и да и го смениш името и идентитетот не е сосема јасно, ама тоа го покажува нејзиниот капацитет да ја разбере, односно да не ја разбере суштината на проблемот што го има Македонија. Што е храбро и решително во тоа да направиш пуч како тој на 27 април 2017 година (така ли се гласа и во германскиот парламент, надвор од седница и со две раце), што има храбро и решително во „едно евро за Вицето, едно за црквата“, што има храбро и решително во тоа да бидеш корумпиран, да уценуваш пратеници за да гласаат за промена на името, да ги носиш од притвор во Собрание, што има храбро и решително во брусењето шахти, во продавање на националната историја за сопствен бенефит, во користењето на мртвите деца од Смиљковско Езеро за да се урне тогашната власт… Како што нема ништо храбро и решително да се констатира дека Меркелка забегала и дека, за жал, нејзиното ниво не е поголемо од нивото на полиглотот Зоран Заев. Бог да чува и да брани.
Но, ако ништо друго, сега барем е јасно зошто ЕУ и натаму е обична колонија на САД и барем сега е јасно дека на САД не може да им се замери поради тоа. Да ја препуштиш Европа на такви за кои Заев, оној снимениот Заев кој бара корупција, е некаква вредност, е најниска гранка на која може да се седи. Но, тоа го покажува и демократскиот капацитет на Меркелка, а со тоа и на ЕУ и објаснува зошто Германија учествуваше во операцијата за силување на Македонија и во апсолутно девастирање до крајни граници на нејзиниот правен систем кој дотогаш како-така се тркалаше. И објаснува зошто нејзината амбасадорка овде, заедно со останатите како Гарет и компанија, се држеше рака под рака со „Чарлиевите ангели“ (свесни сте белким за капацитетите на такви како Катица Јанева, Фатиме Фетаи и другите) кои спроведуваа обичен терор и политички прогон, додека на друга страна се корумпираа до крајни граници и зошто Германија имаше сосем поинаква улога во однос на Македонија од таа што ја имаше во времето кога овде амбасадор беше покојниот Ханс Лотар Штепан. Срамно, госпожа Меркел, срамно! Но, барем бидете доследни до крај и викнете го Заев дома. На кафе. Да ја крунисате неговата решителност и храброст и со лично пријателство. Изгледа ќе ве личи.
И третиот момент од изминатите денови се конгресите на СДСМ. Очајно, патетично, бледо. СДСМ и понатаму тоне, а не ни може да биде поинаку со Венко Филипче, оној „светиот Венко“ кој како што св. Ѓоргија ја уби ламјата, требаше да го убие корона вирусот („славната“ насловна на еден весник од тоа време), со светиот Венко кој и да сака не може да се скрие од шокантното палење на монтажната болница во Тетово, светиот Венко кој немаше храброст да признае дека СДСМ спадна на најниско ниво во историјата поради две причини и поради ништо друго: криминалот и корупцијата и поради бездушната сиромаштија во која го донесе македонскиот народ (и сите останати со него) кој во 2020 година дури му ги прогледа низ прсти и бугарскиот и Преспанскиот договор.
И така додека Венко и останатите од последните седум години се капат во магарешко млеко купено после журка во Дубаи, илјадници други и натаму живеат бедно и сиромашно, желно чекајќи некаков потег на новата власт што ќе им донесе спас. Затоа и СДСМ има рејтинг од 7 отсто, еднаков на тој на Левица и ДУИ, затоа Филипче има рејтинг од пет отсто без изгледи тоа да се смени, а ВМРО-ДПМНЕ ужива во своите 28 отсто. Во овој момент, СДСМ е практично во клиничка смрт, а засега нема реанимација. Ниту има најава дека таа може да се случи. Мизерно и слабо, господа, мизерно и слабо.