Дарко ЈАНЕВСКИ

Од почетокот, кога прашањето стана актуелно, и Филипче и Центарот за јавно здравје велеа дека децата мора да одат на училиште. Фино. Оти знаењето е сила, знаењето е моќ. Вирусот е опасен, ама и незнаењето било опасно. Ма какво „опасно“! Ха, „најопасно“ би бил точниот термин! Ете, ние другите тоа не го знаевме, па добро е што слушнавме и дознавме. И не останува ништо друго освен да кажеме: Благословени да се благословените кои знаат за и ние да знаеме!

Арно ама, реагираа дел од родителите, па некој изгледа му рекол на Филипче дека е добро да ретерира малку, па по неколку дена од таа славна изјава дека не може децата да не одат на училиште, порача дека најважно било нивното здравје. По ѓаволите, тоа веќе збунуваше. Што е сега најважно – писменоста или здравјето и животот на децата, на нивните родители, баби и дедовци?

Уште повеќе што не беше баш јасно зошто децата мора да останат неписмени ако учат он лајн – оти за тоа не треба некоја посебна „филозофија“. Треба малку ум и малку подготовки на државата. Плус, некој се сети па рече дека неписменоста се надоместува, а животот не. Но, тоа веќе не беше битно, оти Филипче и државата на Заев се определија за здравјето и животот. Впрочем, нели слоганот им беше „Живот за сите“. Добро, пак моравме да трпиме аплаузи во пет попладне, ама ајде, кога се најмалите во прашање, и тоа ќе го поднесеме. Впрочем и сите ЛидеЛиде во Македонија мора малку да се издуваат, нели?

Додуше, нешто се бунеше министерот Арбр Адеми, оти не било баш така лесно со таа он лајн настава. Како тоа наставничката ќе предава, тоа ќе се пренесува по некоја жица или преку воздух, па ќе се гледа и слуша на некој екран дома? Не е ни чудно што ни е чудно, впрочем, нашите родители уште раскажуваат шриказни за оние што ѕиркале позади телевизорот за да видат каде се крие тој што им зборува… Замислете, жената останала сама дома, пуштила тоа ѓаволско чудо, а некој од таа кутија гледа во неа и и вели „Те сакам“! Каде ли се криеш…?

На крај на краиштата, кој ни е виновен кога ние мислиме дека сме во 2020 година, а всушност го живееме 19 век со тетратка и молив, но сепак… Си велевме, ќе се снајде човекот некако. Нели дипломата не му била фалсификат! Но, тоа беше помалку важно. Важно беше дека Филипче замолкна за одење на училиште, Комисијата се определи за здравјето, Центарот за јавно здравје – исто така. Очигледно, им беше кажано да м’чат малку со таа настава (тоа м’чи, ете баш сега ми е на врв на јазикот, ама не ми текнува – од кој дијалект на дијалектот на бугарскиот јазик е?). Зашто за пренесување жедни овчички преку вода, секогаш има време!

Така, дојдовме до тоа дека наставата ќе биде он лајн, освен со исклучоци. За првите три одделенија и за некои други. Чекај малку, па токму тие најмалите тешко ќе ги научите на сите можни мерки и протоколи. Како ќе држиш на растојание деца од пет-шест години, од кои половината првите месеци на училиште цел ден плачат по родителите и се мокри од солзите, лигите и од течењето на носот до половина на облеката? За ракавите и рацете со кои ги бришеле мрсулите и солзите и со кои потоа ќе ги допираат другите деца, еднаш само, додека наставничката се свртела, подобро и да не зборуваме. Хммм, и како ќе држиш на растојание деца кои не ни знаат што значи тоа дистанца, растојание… Па уште и од 1,5 метар. А од кого наставничке? Од овој лево или од овој десно? Од тој напред или од тој позади? Или од сите заедно. И колку е тоа 1,5 метар?

Ама, ете, „подготвеноста“ на Адеми и неговото Министерство ја одложи наставата до 1 октомври, па си велевме, дотогаш имаме време овие што многу се грижт за здравјето на децата, ама и за писменоста, да седнат на своите мозочиња и да најдат начин да го решат и тој проблем со најмалите. Зашто, бадијала не оди на училиште тој од шесто одделение, ако неговото братче или сестриче оди во прво, нели? Или нашиов вирус прави разлика?

Но, ајде, прво да го оставиме пучанството малку да плеска по тераси. Да се воодушевува од овие што „можат“. Некаде прочитав од некоја мајка дека вакви луѓе како Филипче ни биле потребни. Кои се грижеле за здравјето на нашите деца. Тоа се нашите херои. Истите тие кои велеа дека децата мора да одат на училиште, ама нејсе. За лоботомираното граџанство се беше во ред. Но, нека се носат… таму каде што треба да се носат, битно беше дека основната одлука е издејствувана: нема училиште со физичко присуство, освен во исклучоци за кои има време да се разгледаат. Откако лоботомираниве ќе се исплескаат.

Е, ама не рекле бадијала старите: Ѓаволот ни ора, ни копа! Небањати какви што сме, не сме знаеле дека имаме „омладина“ која  е желна за учење. Средношколците. Не, не, не се ова истите тие кои пред некоја година од шарената банда и професорите кои беа дел од таа шарена банда, беа извадени на улица зашто требало да учат за некакво си екстерно и кои велеа дека не сакаат да учат. Не, не, ова се некои други деца, кои исто така можеби не би сакале да сакаат екстерно, ама сакаат да одат на училиште. И спонтано, како и тие од пред некоја година кои имаа и обуки како „спонтано“ да се спротивстават на „режимот“, излегоа да протестираат. Сакале да одат на училиште децата и тоа е! Ех, другар Тито, да си жив, би бил горд. Ма не само горд, и прауд би бил. И во некои бои би се офарбал (ако не те убие Јованка пред тоа…). И на „Хера“ покровител можеби би станал. Потпис би ставил, Киро страница би ти вртел. И презервативи би делел. Од Нертва и Сутјеска, до делење презервативи, ама кој знае?

Добро сега, ај тие децата што зборуваат за себе, ама што зборуваат во името на сите? Кој ги овластил, кој им дал за право, не е баш јасно, ама кој е будалетинка да праша за таква ерес кога пред себе има таков наплив на желба за знаење. Не може тоа така другари и другарки, да си играте со иднината на младината. И да ја оставите неписмена. Не, има да се оди на училиште и готово. Наместо на компјутер, ќе учат со молив и тетратка. Впрочем, и онака, вирусот е само една обична лага, нели?

Но, вие не сте загрижени, зашто сега очекувате од сите оние лекари, сестри, болничари… кои со месеци плачеа како јадат мрсули оти со часови на работа се во скафандери, од сите оние кои за да го тргнат вниманието од неспособноста на властите да се справат со вирусот (здравствени и сите други) ја префрлаа вината на обичниот човек кој види богати, не носел маска, од нив очекувате да тргнат рафално. Да кажат: Еј чекајте, што правите? Кој ќе ги лечи сите овие деца, сите нивни родители, баби и дедовци? Уште ќе липсуваме?

Чекате, чекате, чекате, ама ги нема. Си молчат. Што е сфатливо. Оти е жешко времето. А, на жешко време се пие ладен пијалок, не се зборува, нели? Има време за зборување, во декември. Само, кого тогаш ќе колнеме за непочитување на мерките? Децата од пет години? Овие од 15? Ах, мамето нивно…!

Плус, веројатно си велите – деца се деца, нека се бунат, ама ние имаме власти кои се грижат за здравјето на децата. Нема да дозволат нешто поинаку. Плус, неспособниот Адеми си замина, ете ја Мила наша Царовска. Креативност, стратегија, ум… се заедно на едно место. Господ кога давал, не штедел! Или обратно е? Добро, не е сега време за ситничарење. Давал-земал, важно се врти работата! И вирусот.

Хммм, и тогаш читаш, слушаш и не ти се верува. Нашите „инклузивни“ власти (јеботе те термин, бугарскиот јазик нема ваков збор) седнале на маса со децата, па седнале богати и со наставниците и се договориле дека основното правило „он лајн настава со исклучоци“, се менува во „настава со физичко присуство секаде каде има услови, со исклучоци“.

Така он лајн наставата стана исклучок, ама граџанството не сфаќа баш секогаш од прва. Понекогаш тешко му оди. А за оние што не им оди тешко, Филипче ги објави протоколите. Така што, не се грижете, состојбата е стабилна и под контрола. Како и од март месец до денес.

Со тоа, дојдовме до ситуација дека некоја Комисија ќе оценува кое училиште има услови, а кое нема, ама битно е дека имаме протоколи. Кои ќе треба да ги почитуваат деца од пет до 18 години, под надзор на наставниците и професорите. Ха, ако мислите дека тоа нема да функционира во право сте, но затоа тука се дежурните бранители на нашите херои кои потоа, како што рековме, веројатно ќе ги обвинат децата. Оти види каков труд вложија нашите власти за да смислат и напишат дека е потребно „запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учениците, пред и внатре во училиштето“, а дечиштата невоспитани тоа не го почитуваат. Ама тоа мора да се внуци на оние старчиштана кои се гужваа пред банки за пензиите, иако протоколот вели дека не треба така. Или деца на сељачаната која се гужваше по маркети.

А, убаво пишува во протоколите: „Вработените во училиштето и учениците при влегување во училиште, за време на престојот и за време на наставата задолжително ја почитуваат мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар и носат заштитна маска/покривка на лицето и носот“. Ха! Многу умно. Ова ни Ајнштајн ни Тесла заедно не би го смислиле. Само, мене ме мачи нешто друго: Што ако учениците не го почитуваат тоа? Ете, на неколку деца ќе им падне маската, други ќе го нарушат растојанието, трети од различни одделенија во исто време ќе се згужваат во тоалет, четврти ќе се степаат, петти ќе се сакаат… Што ќе правите тогаш? Ќе викнете полиција да ги казни со по 20 евра? Ќе ги избркате од час и ќе ги пратите дома да учат он лајн? Што? Што ќе правите?

И вака може да редиме до утре! Клучното е во прашањето – што ако почне да се шири заразата? Разни будалетинки велат: Кој ќе сноси тогаш одговорност? Небаре, остај го детето да се разболи, остај да ја пренесе заразата дома, ама после да видиме кој ќе одговара. Чуварот на капијата ќе одговара, шутраци едни! А поентата, ако не се лажам, беше да не дојде до тоа. Зашто никој не знае како овој вирус се однесува со децата. Никој не знае што се случува по година, две… Ама, од каде пак некој небањат да мрчи за такво нешто? Нели Царовска од Хера ни е министер, а за Супермен Филипче најважно е здравјето на децата?

Како и да е, ич да не му се секирате. Пратете ги децата на училиште и ако ви го донесат вирусот дома, па од тоа настрада некој, не се лутете на властите. Имајте на ум дека секогаш сте им во мислите. Дури и кога делат презервативи, кога бутаат милиони во џебот додека вас ви даваат 6 000 денари колку што вреди една мала сликичка во рамка на надгробна плоча на бабата или дедото, кога ве лажат за вакцинирање на своите блиски, кога се колнат во нивните деца, кога се колнат во жицата, кога… Всушност не е ни битно! Ако детето се зарази, убаво истепајте го! И се по список да му еб*те! На ваква грижа за него, гледајте што ви прави!